Карневалот треба да стане голем анти-Мадуро митинг, изјави самопрогласениот привремен претседател на неговата турнеја во Јужна Америка. Американската влада, пак, наметна дополнителни казни против следбеници на Мадуро.
Реклама
Притисокот врз владата на Венецуела на чело со Николас Мадуро станува сѐ посилен: самопрогласениот привремен претседател Хуан Гуаидо повика на обновување на протестите против контроверзниот претседател за време на карневалските денови наредната недела. По состанокот со аргентинскиот претседател Маурисио Макри во Буенос Аирес, Гуаидо рече: „Ние ќе ја преобразиме карневалската традиција во голема протестна акција".
Покрај тоа, министерството за финансии на САД санкционираше шест високи претставници на безбедносниот апарат на Венецуела. Во образложението министерството истакна дека овие лица раководеле со блокадата на испораките на помош за земјата и на тој начин ја интензивирале хуманитарната криза. Со санкциите се замрзува сиот имот и финансиски средства на засегнатите во САД. Покрај тоа, граѓаните на САД им се забранува да водат бизнис со нив.
Ситуацијата во јужноамериканската држава зоврива. Кои се клучните политички играчи и институции во кризата која се заканува да ескалира во граѓански судир? Повеќе во следнава галерија.
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Parra
Хуан Гуаидо
35-годишниот политичар беше релативно непознат сѐ до преземањето на функцијата претседател на националното собранието, во кое мнозинство има опозицијата. Тој сега се самопрогласи за преоден претседател и го осуди владеењето на Мадуро како „нелегитимно". Гуаидо стаса до врвот на поделената опозиција откако клучните личности беа затворени, ставени во куќен притвор или ја напуштија земјата
Фотографија: Reuters/C. Garcia Rawlins
Николас Мадуро
Социјалистичкиот претседател владее со земјата откако во 2013 година извојува тесна победа на спорните избори по смртта на неговиот политички ментор Хуго Чавез. Мадуро ја консолидираше контролата врз клучните државни институции, вклучително и Врховниот суд, војската и државната нафтена компанија. Но економијата колабираше, граѓаните западнаа во сиромаштија, а милиони ја напуштија земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cubillos
Армијата на Венецуела
Првите луѓе на војската на Венецуела досега го поддржуваа Мадуро и покрај повиците на опозицијата војската да застане на страната на народот. Деновиве имаше мал бунт, а Гуаидо вети амнестија за војниците кои помогнале да се собори Мадуро. Тој, пак, работеше напорно за да ја придобие војската на своја страна, поставувајќи воени офицери на клучни владини позиции и во државната нафтена компанија.
Фотографија: picture-alliance/AP/R. Mazalan
Национално контра конститутивно собрание
Националното собрание во 2017 година е суспендирано од Врховниот суд под контрола на Мадуро и заменето со провладино конститутивно собрание чија цел е да го преработи уставот. Опозицијата ги бојкотираше изборите за конститутивното собрание во јули 2017 година, тврдејќи дека со ова илегално се узурпира моќта на законодавниот дом.
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Parra
Граѓаните на Венецуела
Политичкиот раскол и острите поделби на два табора речиси како во огледало се отсликуваат и меѓу луѓето во Венецуела. Тензиите растат како во Каракс, така и во другите градови во земјата со оглед дека и приврзаниците и противниците на Мадуро излегуваат на улиците. Според наводите на невладините организации, во насилствата во земјата секојдневно има загинати и повредени.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Llano
5 фотографии1 | 5
Гуаидо ја започна својата јужноамериканска турнеја пред една недела во Колумбија, каде присуствуваше на состанокот на таканаречената група Лима, која во присуство на американскиот потпретседател Мајк Пенс повторно побара одржување на слободни избори во Венецуела,. Јужноамериканските лидери, кои ги посети Гуаидо, го уверија во нивната поддршка во борбата за власт против Мадуро. Во исто време, тие истакнаа дека го признаваат Гуаидо како легитимен привремен претседател на Венецуела.