Гугл против Амазон - битка на гиганти
15 септември 2014За некои беше изненадување кога неодамна онлајн-трговецот Амазон за 970 милиони долари го купи Твич, видео-платформа за компјутерски играчи. Тука Амазон го надигра конкурентот Гугл, оти, според медиумски извештаи, наводно и тој бил бил заинтересиран за Твич.
Твич беше основан пред само три години. Тоа е стриминг-понуда која, меѓутоа, не пренесува филмови, серии или музика, туку компјутерски игри. Преку Твич околу еден милион корисници објавуваат снимки од видео-игри, а гледачите можат да го коментираат нивниот тек. Корисници се играчи, издавачи, креатори на игрите и други. Според наводите на оваа од реклами финансирана платформа, месечно повеќе од 55 милиони луѓе на своите компјутери, смартфони или таблети гледаат како други играчи од светот играат компјутерски игри еден против друг.
Конкуренција на пазарот на реклами
Гугл би можел да профитира од корисниците на Твич. Тие минатата година во просек поминувале по два часа дневно на интернет. Тоа би биле добредојдени муштерии за реклами, кои Гугл преку својата маркетинг-платформа „ЕдВордс“ ги пласира соодветно на одредени клучни зборови.
Потегот на Амазон со купувањето на Твич би можел да биде сигнал дека во иднина посилно ќе му конкурира на Гугл кај приходите од реклами, уште повеќе што кратко време пред тоа се наметна и на маркетиншкиот пазар со својот нов продукт „Линкови спонзорирани од Амазон“. Така во иднина рекламите веќе нема да одат преку Гугл, туку преку рекламниот портал на Амазон, пишува „Вол стрит журнал“, со што би можел во иднина да остварува енормни добивки.
Амазон очигледно го смета Твич за добро надополнување на сопствените уреди, кои овозможуваат мобилно играње, како смартфонот наречен „фајер“, таблетите и сет-топ боксовите. Корисниците на Твич веќе сега преку „фајер“ имаат удобна платформа за да гледаат и објавуваат видео-игри. Амазон некогаш би можел стриминг-технологијата на Твич да ја интегрира во сопствените апарати.
Борба во облаци
Пазарот на игри е само едно бојно поле на ривалите Амазон и Гугл. Друга арена се облаците: клауд-услугите. Тука Амазон уште има предност. „Кај чисто клауд-услугите Амазон располага со поголема експертиза“, вели Џегдиш Рибело, аналитичар за технологија во тинк-тенк организацијата „ИХС Глобал инсајт“.
Но, Амазон не се задоволи само со тоа, туку со Зокало воведе нов дата-шеринг сервис како директна конкуренција на Гугл докс. Таа нова услуга се нуди како дел од вебсервисот на Амазон, погодна е за различни апарати и им овозможува на корисниците меѓусебно да споделуваат документи, табели, презентации, вебстраници, ПДФ-документи или само текстови.
Амазон освен тоа има голема предност во нудењето услуги „по мерка“ на поединечните муштерии. Така, секој може својата омилена музика или филмови да ги „симне“ или да ги гледа преку Амазон инстант прајм.
Во клауд дејствува и Гугл, а негова предност се значително поголемите капацитети за меморирање преку сопствената глобална мрежа на сервери. Така на своите муштерии Гугл бесплатно им става на располагање услуги како Џимејл, Гугл плус и други.
Клучот е во рекламата
Експертите сметаат дека Гугл со таа стратегија на бесплатни услуги натамошно ќе навлегува на клауд-пазарот. Сето ќе биде финансирано преку реклами. „Преку рекламите интернет се претвора во пари“, вели Чарлс Бертлет, блогер за теми од науката и технологијата од Калифорнија. Гугл подобро од другите сфаќа дека онлајн-рекламата е целно понасочена и поефективна од традиционалната реклама, смета блогерот: „Ако гледате видео на Јутјуб, рекламите ви се прилагодени кон она што во последно време сте го барале преку Гугл“.
Во таа смисла и Амазон започна на својата шопинг-платформа да прикажува само сопствени реклами. Со стратегијата на „затворени системи“ - шопинг и клауд-услуги, Амазон ќе се обиде да го повтори принципот кој толку добро функционира кај Ејпл, оценува Џегдиш Рибело од „ИХС Глобал инсајт“. „Кога едно претпријатие ги контролира сите елементи од својата понуда, тоа на муштериите им приредува подобро доживување“, вели Рибело.
Консументи и образование
Друга област во која интернет-гигантите си конкурираат се продуктите за консументи. Амазон во понудата ги има Киндл е-ридер и еден таблет, а Гугл смартфонот „Нексус“ и „Хромбук“ лаптоп.
Во областа на образованието Гугл ќе се обиде да биде побрз од Амазон, сметаат упатените. „Хромбуковите на Гугл често се применуваат во училиштата. Цената им е поволна, а софтверите во принцип се бесплатни“, вели Чарлс Бертлет. Според него, и „Блекбордот“ на Гугл се’ повеќе се користи од наставниците за организирање на своето секојдневие - за да се пишуваат тестови или за објавување на оценки. Гугл е на добар пат да ја етаблира својата марка кај наставниците, директорите на училиуштата, родителите и учениците.
Војни и кај дроновите?
Наредното бојно поле на гигантите се чини дека ќе биде не само во виртуелните облаци, туку и на вистинското небо. Обајцата тестираат дронови, со кои продуктите треба да бидат носени кај купувачите. Гугл со „Проџект винг“, а Амазон со „Прајм ер“ веќе симулираа како би можела да функционира испораката на средно тешки пакети.
Американските воздухопловни власти треба од наредната година да дозволат комерцијални летови на дронови. Сепак, експертите сметаат дека ќе потрае уште неколку години додека дроновите да бидат на големо користени - ако воопшто бидат. Оти, и натаму големи проблеми предизвикуваат дрвјата, електричните столбови, авионите што летаат ниско, како и други објекти.
Но, Чарлс Бертлет смета дека Гугл и Амазон во иднина би можеле да конкурираат за налози од влади и од невладини организации за испораки со дронови, на пример во области погодени од катастрофи. И војската во иднина би можела со дронови да организира дотур до своите војници. Потрагата на претпријатијата од областа на технологијата по наредни пазари на кои ќе можат да остваруваат пораст не знае за граници, вели Џегдиш Рибело.