1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гужва под дупнатиот чадор

2 април 2020

Доколку чоколадите на Ставревски ја решија дуинг-бизнис мимикријата на Груевски, економската лутеница на короната го збриша популистичкиот политички ајвар на Заев. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Повеќе од извесно е дека пандемијата – кога ќе помине - ќе предизвика тектонски, сеопфатни промени во политиката, економијата, културата итн. Подеднакво извесно е дека сегашните претпоставки или прогнози за начинот на кој таквите промени ќе се одвиваат се сепак повеќе продукт на селективни преференци, одрази на паника и трауматични рефлексии на песимистичниот дух на часот. Според кој, глобализмот ќе отстапи пред суверенизмот, Западот ќе потклекне пред Истокот, социјализмот ќе триумфира над капитализмот додека пак судирите во ЕУ ќе ја воскреснат средновековната логика на поделба на северна Ханзеатска Лига и медитеранска Венецијанска Република. Секако, кога само нештата би биле така едноставни за предвидување.

Пропонентите на црните сценарија речиси ја запоставуваат базичната примитивна логика на пандемијата. Дека таа се нема јавено со смислена цел, задача и мисија за рушење на политички, идеолошки, системски, одбранбени и општествени системи, корпорации, унии, федерации. Туку со една единствена смисла – да преживее и се храни преку освојување и уништување на што повеќе индивидуални човечки суштества, без разлика на неговиот класен сталеж, раса, нација, религија и членство во било што. Во тој судир помеѓу примитивната, примордијална природа на пандемијата и софистицираната комплексност на совремието, победата е веќе извојувана од првата завојувана страна лишена од скрупули и стеги. Како тогаш да се справите со непријател со кого не можете да преговарате, договарате; не можете да го уцените, поткупите, заканите; не прифаќа аргументи на дијалог, соработка? И на крај, не дава пет скапани пари за скапо платени стратегии за владеење и Public Relations логики на манипулирање во време на војна и мир.

Изместување на љубовта во време на пандемија

Траумата ги изместува приоритетите, како на единката така и на групата. Чинам дека токму Зоран Заев е првата политичка единка кај нас кој неделава од прва рака интуитивно го доживеа тоа правило на изместување на љубовта во време на пандемија. Обидот за наметнување на неговата партиска волја како супремација врз волјата на извршната власт заврши неславно, со негово тивко буткање во страна и враќање во рамката која му следува. Вистина, обидот за интервенција во спасувањето на буџетот преку кратење од буџетарците ќе беше разбрано како легитимна обврска на актуелен политичар за давање придонес кон надминување на состојбите. Да не беа паралелните повици на неговите верни медиумски поддржувачи кои во сомнителен час на паралелност со неговите барања излегоа со повици за враќање на Заев во премиерската фотелја. Што е само позивистичка обланда на негативистичката суштина со која де факто се бара демисија на Оливер Спасовски. Но овој пат не по барање од опозицијата, туку од најгорливите подржувачи на лидерот на СДСМ. Но зошто такво барање, кога самите поддржувачи инсистираат дека владата СДСМ-ДУИ сосема солидно се справува со кризата? А да не беше оној Наќе, ќе се справуваа и одлично, дури. Зошто, тогаш, барањата за враќање на Заев на премиерската функција?

Сосема е логично што на Заев му недостасува аурата на прв министер, на чело на херојската борба против коронавирусот и со редовно закажана дневна ТВ сесија со граѓаните. Верувам дека и нему, слично како и на Али Ахмети, му е кисело-криво што по сите години „борба” за влез во НАТО, историската слава за дигање знамиња пред јарболи на крај припадна на „првата пушка” од Куманово. Дотолку повеќе што по сите обиди на заевистите да ја минимизираат улогата на ДУИ во држење на факелот на НАТО на сметка на СДСМ, на крај самиот Заев го доживеа ксметот на Оливер кој си обезбеди доволно фото-материјал за предизборни постери. На Заев му остана само вратоврската од Нивице.

Обидот на Заев за упад во извршната власт и наметнување на партиската волја врз владината агенда наликува на избрзана реакција на паника пред перцепираната опасност да Спасовски ја истисне неговата улога во политичкиот живот на Македонија. Особено што во споредба со борбата со пандемијата, сите претходни офанзиви на Заев бледнеат по битност и ефективна наплатливост на следните избори. Од друга страна, на Спасовски не може да му се префрли што со честа да биде Премиер ја доби и непредвидената „награда” да се справува со најголемата глобална криза од крајот на Втората светска војна. Евидентно, нема никакви индиции дека Спасовски се пишмани за добиената задача ниту гледа причина да отстапи од функцијата. Која според неговата партија, ја изведува сосема солидно, па дури и со оној Наќе како министер.

Секоја борба налага соодветен борец. Пешадиските генерали не се канат на борба по океани, адмиралите не управуваат со земски офанзиви, ниту пак воените пилоти управуваат со подморници. Во часот на популистичките високи температури, ликот на Заев беше соодветно избран да ја предводи жешката кампања против Груевски и ги стави ладните облози на надворешно-политичките промени. Колку и да се напнуваат неговите поддржувачи да го докажат спротивното, подршката за Заев никогаш не ја опфаќаше неговата улога во зајакнување на економијата, владеењето на правото или административните реформи. Неговата употребна калибрација беше едноставно вперена кон наворешна експлоатација на популистичкиот занес на часот. Поради кој тој самиот не пропушташе можност за фалење за заштитата од мистериозниот „чадор”. Несвесен дека употребната логика на чадорот беше стриктно определена по конкретно зададени задачи, но не и по прашања на владеењето на правото, реформите и политичката стабилност.

Екс-премиер во внатрешен егзил

И најмалку од се – економијата, како тема која ќе ја диктира социјалната слика на пандемијата и последиците кои ќе уследат по нејзиниот крај, посебно во предизборието. Обидот за упад во буџетските прашања беше очајно лошо смислен маневар на Заев и неговите поддржувачи за рефакторизација токму по прашањето на економијата, но со удар по социјалата. Наместо добивање ловорики и црвен тепих на враќање во Илинденска, избрзаноста и непромисленоста на понудата како и горчливата реакција на јавноста го смести Заев безмалку рамо до рамо со Фејсбук-плачките на Груевски и на ниво на екс-премиер во внатрешен егзил. 

Веќе е јасно дека Заев ја доживува судбината на прва политичка жртва на мнението дека и по пандемијата се ќе биде по старо, со слој-два нови премази на платена пропаганда. Неговиот предлог во очите на обичните граѓани означи раскин со неговиот имиџ на добродушно селанче. Кое по три години владење се смести во кликата на отуѓени од реалноста богати и бесни властодршци опкружени со советници полни знаење за високата милијардерска економија, но тапа-осет за денар-егзистенцијата на социјалата. На истата социјала на која ама баш ништо не им значат неговите веќе провидно лажни акробации со една милијарда, две милијарди, три милијарди, но се сосема животно и егзистенцијално иритирани кога некој им чепка по тие сто евра кои буквално значат преживување. Доколку чоколадите на Ставревски ја решија дуинг-бизнис мимикријата на Груевски, економската лутеница на Короната го збриша популистичкиот политички ајвар на Заев.

Претходни колумни од авторот:

Избори мора да има

Егзорцизмот на Карнеги

Детулето на Манданата

Нова методологија на Стара Европа

Политичката сцена може и мора да извлече сериозна поука од епизодата со „спасоносните економии” на Заев. И тоа пред се се однесува на сегашниот в.д. Премиер и министри, од сите провиниенции. На кои досега би требало да им стане јасно дека спремноста на граѓаните да поднесат жртва се стимулира единствено со нивна јасно докажана спремност да предводат во саможртва. Во спротивно, еден по еден ги очекува студениот туш низ кој помина Заев со неговите „економии”, Шеќеринска со „1001 зачленување во НАТО”, Османи и Димитров со "ЕУ добивме, датум не видовме”, Чулев со „сакам да бидам Сашо 2.0”. Упатно е да извлечат поука навреме. Во спротивно, сите наши славни членства ќе ги дочекаме со шпалири граѓани пред ганц-нови народни кујни и бонови за исхрана.

Пандемијата удри врз обичниот човек. Кој поучен од десетиците „успеси на владата” во трите децении на зависност, сега верува само во себе, сопственото кљусе и способноста да си го врати сопствениот живот во некаква нормала. Пред него претстои период на заживување на малото дуќанче, враќање на вработените и муштериите, надеж дека жетвата ќе биде успешна, дека превозниците ќе најдат нови стоки и десетици други предизвици со кои ќе мора да се справува обичниот човек. Нашите влади немаат некое опширно досие со кое докажале спремност да му помогнат на малиот човек. За разлика од богатото досие на одмагање. Ефектот на пост-трауматскиот синдром допрва не очекува, со засега непредвидлива жестина и последици. Едно е сепак извесно – несовесните веќе никаков чадор нема да ги спаси.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми