1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Нема повеќе избегнување данок за големите концерни

СН/агенции
30 октомври 2021

Големите ИТ-концерни често плаќаат минимални даноци, иако остваруваат голем промет од своето работење во земјите ширум светот. Групата Г20 викендов сака конечно да го промени тоа.

Amazon, Apple, Facebook und Google
Фотографија: William Maclean/REUTERS

Со години се дискутираше за тоа, и сега на самитот во Рим викендов Г20 конечно би требало да започне глобална даночна реформа - а нејзина цел е да ги спречи големите коцерни со помош на дупки во законот да избегнуваат да плаќаат данок. Притоа, конкретно станува збор за воведување на минимално даночно оптоварување од 15 отсто за тие големи фирми и почитување на начелото дека компаниите данокот го плаќаат таму каде што го остваруваат прометот - а не таму каде што пријавиле „престој“, односно таму каде што е нивното формално седиште.

Многу компании, особено онлајн гигантите, воопшто не се формално присутни во земјите во кои заработуваат најмногу пари. Често прибегнуваат кон бизнис конструкции кои се состојат од мрежа фирми ќерки во земјите со ниско даночно оптоварување, и тогаш во тие подружници оди профитот. Формално станува збор за приходи од продажба на лиценци, софтверски решенија или на патенти. А, на крајот на оваа приказна фирмите реално плаќаат многу малку данок. Од таквите конструкции најмногу профитираат интернетските индустриски џинови: Амазон, Фејсбук или Епл. Според проценките на Европската комисија, дигиталните фирми во просек плаќаат само 9 насто данок, а класичните компании над 20 отсто. Освен тоа, земјите во кои ИТ-компаниите остваруваат лавовски дел од прометот, остануваат практично со празни раце. Така, без даночни приходи не остануваат само индустриските земји, туку и државите како Индија или Бразил, кои се многу важни пазари за таквите концерни - поради тоа што имаат голем број население, односно потенцијални корисници.

Потенцијални даночни загуби во милијарди долари во Кина, Бразил, Индија, Русија и Индонезија од петте најголеми технолошки компании во светот

Нови правила

Во иднина таквата пракса на заобиколување на државното оптоварување треба да ја отежнат две нови правила. Концерните со годишен промет од над 750 милиони евра, без разлика каде работат, би требало да плаќаат минимална глобална даночна стапка. А, тоа значи дека и во иднина владите на секоја земја на светот ќе дефинираат сопствени даночни стапки, но во случај некој концерн во некоја земја со пониско даночно оптоварување плаќа на пример само 10 насто данок, тогаш земјата од која тој концерн потекнува ќе може од него да бара да ја плати разликата меѓу таа ниска даночна стапка и новите глобални минимални даночни стапки.

Повеќе: Со поправедно оданочување на техничките гиганти - пари за вакцинирање на цела планета

Освен тоа, предвидено е и компаниите кои на глобалниот пазар остваруваат промет поголем од 20 милијарди евра, данокот да го плаќат во „земјите-пазари“, значи таму каде што ги продаваат својата стока и услуги - а не таму каде што формално се наоѓа седиштето на фирмата. Ова правило цели првенствено на интернетските гиганти, американските концерни: Гугл, Амазон, Фејсбук или Епл.

Стручњаците од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) поаѓаат од тоа дека оваа нова глобална минимална даночна стапка би можела да погоди меѓу 7.000 и 8.000 фирми. По воведувањето на ова правило, државите во светот можат да очекуваат и до 150 милијарди долари годишно дополнителни даночни приходи. Германија, на пример, може да смета на дополнителни 5-6 милијарди евра приход, пресмета Институтот ифо.

Потенцијални даночни загуби во милијарди долари во земјите членки на Г20, ОЕЦД, Г7 и ЕУ од петте најголеми технолошки компании во светот

Новите правила ќе важат од 2023 година

Договорот за глобална даночна реформа е постигнат во рамките на ОЕЦД. Од 140 земји, кои под закрила на оваа организација седеа на преговарачката маса за четири сѐ уште го немаат потпишано договорот: Кенија, Нигерија, Пакистан и Шри Ланка. Во Европа, Ирска, Унгарија и Естонија беа скептични, но сепак ги поддржаа плановите. Инсајдери тврдат дека нивната согласност е „купена“ со определени отстапки. 
Планирано е поединечните земји во текот на 2022 година, глобалната даночна реформа да ја интегрираат во националното законодавство. Новите правила би започнале да важат од 2023 година. Дигиталните казнени даноци, какви што веќе воведоа Велика Британија и Франција, а негово воведување беше планирано и во ЕУ, мора да бидат укинати. Но, временскиот план за воведување на новиот систем на глобално оданочување е многу амбициозен и не треба да се исклучи можноста дека тој ќе започне да се применува нешто подоцна од планираното. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми