Г20 и климата: Големи очекувања, мали резултати
1 ноември 2021Постоеше голема надеж во Рим земјите од Г20 да преземат заедничка обврска за климатската политика и до 2050 година да постигнат „нето нулта емисија на штетни гасови или ЦО2 неутралност.“ Овие држави се одговорни за 80 % од светската емисија на штетни гасови. Но, јасното обврзување не е направено, во завршното соопштение се зборува завиено за средината на векот. Без оглед на тоа, домаќинот Марио Драги, а меѓу другите и германската канцеларка во заминување, средбата ја оценија за конструктивна и успешна.
Време за акција – во принцип
„Време е за дејствување, за заедничка акција“, побара папата Франциско во петокот од Рим од светската заедница. Но, повторно се постигна само најмалиот заеднички именител, а и покрај тоа италијанскиот премиер Драги е задоволен што постои заедничка завршна декларација.
Тој во неа гледа некој вид заживување на мултилатеризмот. „Постоеше пријатно изненадување, зашто на крајот се придвижија и земји кои до пред неколку дена не беа спремни на тоа“, истакна Драги, додавајќи – без заедничка соработка, не може да се постигне ништо, ниту за климата, ни околу сиромаштијата или здравјето.
За Драги е успех и принципиелната цел за откажување од користењето на јаглен, како и согласноста за ограничување на глобалното загревање на Земјата на 1,5 степени Целзиусови. Но, тој истакна: „Нашата веродостојност како личности и како група се темели на конкретни дејства“, членките на Г20 сега треба да се концентрираат на примена. „Ќе бидеме оценувани според нашите постигања, а не според нашите зборови“.
Меркел гледа позитивни сигнали за климатската конференција во Глазгов
Германската канцеларка во основа е задоволна: „Постигнавме позитивен сигнал за Глазгов“. По нејзиниот веројатно последен настап на голем меѓународен собир, Ангела Меркел за позитивно го оценува тоа што првпат по 2016 година, во Рим сите земји од Г20 се заложија за целите за климата договорени во Париз.
Канцеларката во заминување укажа и на тоа дека во последните години, прогнозите на климатските експерти на ОН стануваат сѐ подрастични. Промената на климата стана најитен светски проблем и државите мора да реагираат многу поодлучно, побрзо да се свртат кон други енергетски извори наместо јаглен, а решавачка улога притоа ќе игра гасот.
Меркел го поздрави откажувањето од меѓународно финансирање на експлоатацијата на јаглен како важен чекор, посебно од значење за Африка. Таа гледа зајакнување на веродостојноста на Г20 и во исплатата на потребните 100 милијарди долари за климатски мерки во земјите во развој, што е договорено до 2023 година, иако со задоцнување, поради кое настанува празнина во финансирањето.
Победа на кочничарите
Меѓутоа, наспроти позитивното вреднување на заедничката завршна декларација во Рим, стои фактичката победа на групата на климатски кочничари. Во неа се собрани најголемите потрошувачи и произведувачи на јаглен: Кина Индија, Русија и Австралија. Тие спречија да се договорат конкретни цели за откажување од јагленот. Острината на завршното коминике преку ноќ беше омекната по дипломатските преговори.
Единствен видлив успех е откажувањето од финансирање на меѓународни постројки на јаглен, но и тука постои дупка: станува збор само за јавно финансирани проекти, приватни банки на пример и натаму можат да даваат пари за струја произведена од јаглен.
Меѓу западните земји, Австралија е најголем хардлајнер во борбата за продолжување на користењето на јагленот. „Ние не работиме со ваков вид на мандати и забрани“, изјави премиерот Скот Морисон по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон. Според него, меѓународните договори треба повеќе да се концентрираат на процесот на промена, наместо на укинување на користењето на јаглен.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во Рим го претставуваше претседателот Владимир Путин, го бранаше тоа што неговата земја сака да постигне климатска неутралност дури во 2060 година. „Тоа е наша проценета обврска и на неа остануваме“. Лавров рече дека никој не ѝ докажал на Русија дека мора да ја потпише целта за 2050 година. Во тој контекст, Индија воопшто не се обврза временски за климатска цел.
Разочарување кај заштитниците на климата
„Г20 имаат одговорност на која не се дораснати“, критикува Фредерике Редер од невладината организација „Глобал ситизен“. Недостигаат конкретни мерки за договорената климатска неутралност до средината на веков. Така, не постои рок за окончување на субвенциите за јаглен, а без јасни рокови, нема ништо да се случи. Декларацијата од Рим не содржи ништо околу откажувањето од производство на струја од јаглен, првично презентираниот италијански предлог беше многу подобар, критикува Редер, оценувајќи го завршетокот на самитот на Г20 за неуспех.
Развојната организација „Ворлд вижн“ средбата на Г20 ја нарече „самит на пропуштени шанси“, државите потклекнаа пред подрастични одлуки. И „Гринпис“ остро го критикува резултатот: „коминикето е премногу слабо, без амбиции и визија“. Разочаран е и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш: „Го напуштам Рим со неисполнети надежи, но тие барем не се погребани“, напиша тој на Твитер. Тој сепак се надева дека дел од земјите ќе ги подобрат своите климатски цели на Светската конференција за климата во Глазгов.