Западните и арапските држави и натаму инсистираат на политичко решение за сирискиот конфликт во рамки на ОН-мировен процес. За Сирија денеска се разговараше на средбата на Г20 во Бон.
Реклама
На средбите на министрите за надворешни работи на најмоќните држави во светот веќе со години неизбежна е темата - Сирија. На завршницата од средбата на Г20 во Бон, германскиот и францускиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел и Жан-Марк Ајро, информираа дека западните и арапските држави инсистираат на политичко решение на сирискиот конфликт, во рамки на мировен процес под капата на ОН. Таквата позиција, како што соопштија двајцата, ја поддржуваат и САД. Габриел и Ајро, сепак, ги задушија преголемите очекувања од новата рунда преговори во Женева, која треба да започне наредната недела. „Треба да се биде реален“, рече Габриел.
Во однос на разговорите за Сирија кои се водат во Казахстан, германскиот министер потенцираше дека „не смее да има паралелни преговори“. На разговорите во Астана водечка улога има Русија.
Протести за време на Г20 самитот во Бон
Демонстрантите се погрижија дводневниот самит да не помине без вознемирувања. Тие бараат од владите на земјите членки на Г20 да се повлечат од конфликтите на Блискиот Исток и да преземат одговорност за мигрантите.
Фотографија: DW/M. Morris
Протест во Бон
Групата Г20 беше формирана со цел да координира меѓународна агенда за промовирање на финансиска стабилност, но низ годините се издигна над улогата на економски совет и во своето функционирање вклучи теми од климатски промени до борба со корупција. Вчера (16.02.2017) околу 300 демонстранти се собраа пред Музејот на современата германска историја во Бон со цел јавно да го осудат собирот.
Фотографија: DW/M. Morris
Г20 - ексклузивен клуб кој „не ги претставува широките интереси“
Иако на земјите од Г20 отпаѓаат 90% од глобалниот БДП и 65% од вкупната светска популација, организациите Мрежа на германското мировно движење, германската левичарска партија Левица, Германската комунистичка партија (ДКП) и Курдскиот комитет на солидарност од Бон ја осудија групата дека не работи на креирање меѓународни политики кои ги адресираат потребите на пошироката популација.
Фотографија: DW/M. Morris
Американско деби
Вчера (16.02) се случи долго очекуваното меѓународно деби на американскиот министер Рекс Тилерсон. „Се надевам дека глобалните лидери ќе извршат притисок врз администрацијата и Рекс Тилерсон“, изјави Леј Ридимер од Охајо. „Тој навреди дел од нашите најголеми сојузници, а во меѓувреме одбива да критикува други земји како Русија... Мислам дека тоа е опасност за Американците и за другите земји“.
Фотографија: DW/M. Morris
Незадоволство од новата репутација на САД
„Не сум задоволен со некои од одлуките на владата и сакам да покажам дека сите Американци не размислуваат на тој начин“, вели Џереми кој доаѓа од Конектикат, САД. 26-годишникот додаде дека не е уверен оти Трамп целосно ја разбира комплексноста на меѓународните односи и важноста на структурите како Европската унија и Г20.
Фотографија: DW/M. Morris
Глас за политичките затвореници
„Слобода за сите политички затвореници“, извикуваа членовите на НАВ-ДЕМ, асоцијација на курдските клубови во Германија. Тие упатија барање до земјите од Г20 да побараат од Турција да го ослободи Абдула Оџалан, курдски националистички лидер и еден од основачите на Курдската работничка партија. Тој е затворен во Турција од 1999 година за учество во формирање на вооружена организција.
Фотографија: DW/M. Morris
Загриженост за конфликтот во Сирија
„Кажете гласно, кажете јасно: бегалците се добредојдени тука“ извикуваа демонстрантите во Бон. Тие се критични кон земјите од Г20 поради нивната улога во граѓанската војна во Сирија и побараа од Германија да го намали военото финансирање, да се повлече од НАТО и да ги зголеми ресурсите за спасување и вдомување на мигрантите кои сѐ уште го преминуваат Средоземното Море.
Фотографија: DW/M. Morris
Цивилните жртви на Блискиот Исток
Дел од демонстрантите легнаа на улиците во Бон со рози во рацете, а околу нив со креда беа обележани нивните тела. На тој начин тие ги симболизираат цивилните жртви од конфликтите на Блискиот Исток, Авганистан, Ирак и Сирија.
Фотографија: DW/M. Morris
Вклученоста на Г20 во конфликтите на Блискиот Исток
Демонстрантите побараа од земјите на Г20 да ја прекинат вклученоста во конфликтите на Блискиот Исток. „Токму земјите од Г20 дејствуваат во Сирија“, изјави Нилс Јансен, член на Младинското движење од Бон, „Тоа е војна на различни суперсили – Русија, САД, Германија и НАТО – која се одвива врз сирискиот народ“. Тоа „ги тера луѓето да бегаат, а потоа земјите им ги затвораат вратите на бегалците“.