1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г7 - застарен модел?

Сабине Кинкарц
8 јуни 2018

Шефовите на држави или влади на на седумте најголеми индустриски нации денеска се среќаваат во Канада. Се очекува непријатна средба, со голед на гилемите разлики во ставовите со САД.

G7 Gipfel runder Tisch
Фотографија: Getty Images/

Ангела Меркел денеска патува за Канада на средбата на Г7 свесна дека ѝ претстојат не многу радосни денови. Денеска и утре шефовите на држави или влади од Германија, Франција, САД, Канада, Јапонија, Италија и Велика Британија на покана на канадскиот премиер се среќаваат во Шарлевоа. „Секому му е јасно дека таму ќе се одвиваат тешки дискусии“, рече канцеларката во средата во Бундестагот.

Ако на минатиот самит во италијанското место Таормина се работеше само за Парискиот климатски договор, кога претседателот на САД зазеде позиција спротивна на сите останати лидери, САД во меѓувреме и во многу други точки се разијдуваат од мислењата и ставовите на останатите Г7-држави. „Јасно е дека од напуштањето на Климатскиот договор од страна на САД во оваа група има несогласувања“, вели Меркел. „Истиот ефект го има и најавата за казнени царини на челик и алуминиум кои ние ги сметаме за противправни.“ Истото, според неа, важи и за откажувањето на Атомскиот договор со Иран од страна на САД.

Завршното коминике сѐ уште не е дефинирано

Кој сака да разбере колку е затегната ситуацијата доволно е да фрли поглед на подготовките во врска со самитот. Во изминатите недели напорно се работеше и сепак т.н. „Sherpas“, главните преговарачи на Г7-државите, се далеку од тоа да најдат заеднички именител за различните позиции. До почетокот на самитот, а веројатно и потоа интензивно ќе се преговара, се вели од извори на германската влада. Според истите, се работи на тоа да се најде најмал заеднички именител, вели претставник на владата кој работел на неколку самити на Г7. Овојпат, вели тој, не е полесно од изминатите години.

Дали самитот во сабота ќе се заврши со заедничко коминике е нејасно, а таква е проценката и на канцеларката. Од германска страна се вели дека напорите одат во таа насока, но надежта полека се губи, бидејќи заеднички став подразбира да се има консензус. Во завршното коминике во Таормина се дефинираше и разликата во ставовите по прашањето на заштитата на климата. Но, каква би била ползата од заедничко соопштение ако во Канада на ист начин се третираат сите спорни теми?

Канцеларката Меркел ќе разговара во четири очи и со ТрампФотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Vucci

Сите против еден

Не би смеело да се заостане зад резултатите од последните Г7 и Г20 самити, предупредува германската канцеларка Ангела Меркел. „Ние ќе водиме сметка за тоа“, ветува таа. „Не верувам дека треба да има натамошно разводнување на резултатите кои ги постигнавме изминатата година."

Заради тоа во меѓувреме сериозно се размислува дали не би било подобро на крајот на самитот да даде изјава само канадскиот претседавач со самитот. Во него би можел да ги истакне заедничките вредности како мултилатералноста, заложбите за слободна трговија и преземањето одговорност за меѓународната заштита на климата. Со оглед на тешката ситуација, тоа би бил веројатно „поискрениот пат“, вели Меркел. „Нема смисла разликите произволно да се налепуваат една на друга.“

Но, каква вредност има тогаш еден Г7-самит? Дали се навестува крајот на овој политички формат? Претседателите и премиерите на Г7 досега се гледаа како заедница која се залага за мултилатералност, односно меѓународно единство и систем на вредности базиран на одредени правила. Тие вредности не смеат да бидат чепнати и на тоа германската влада полага најголемо значење. „За уредување на глобализацијата која сите нѐ засега нема ништо подобро од мултилатералниот пристап, наместо сѐ да се остава на поединечни чинители кои ги гледаат само сопствените интереси, а не и општото добро“, постојано нагласува канцеларката Меркел.

Хармонијата е лански снег

Тоа пак не менува ништо на фактот дека хармонијата која беше долги години главен сигнал што се испраќаше од Г7-самитите, веќе е минато. Со Доналд Трамп на чело на САД уште долго ќе се чека на сликите од премиери и претседатели кои во опуштена атмосфера и полни со верба и во најдобро расположение ѝ се презентираат на јавноста.

Сеќавања на среќните времиња: Самит на Г7 во Германија во 2015 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Канадски весник неодамна во свој напис групата ја нарече „раскарана банда“. Министерот за финансии на Франција, Бруно Ле Мер, по минатонеделната „напната и тешка“ средба со неговите Г7-колеги зборуваше за „Г6 + 1“. Заедничка финална изјава од канадското место Вистлер тогаш немаше. Преголемо било негодувањето и кавгата околу казнените царини на САД за увоз на челик и алуминуим.

„Г6 + 1“

Средбата на министрите за финансии би можела да се сфати како најава за тоа што може да се очекува од самитот денеска и утре. По средбата во Вистлер не се постигнале поедноставни услови за преговори, се вели од гермнски извори. Сепак, никој не сака да се откаже од Г7. Во вакви времиња било екстремно важно да се одржуваат вакви средби. Каде инаку би била можноста за отворен разговор на шефовите на држави или влади во еден тесен и затворен круг?

Освен заедничките работни состаноци, во Канада ќе има можност и за билатерални состаноци. Канцеларката Меркел, на пример, за првпат ќе се види со новиот италијански премиер Џузепе Конте. Времето ќе покаже како Италија ќе се постави во кругот на Г7. На видео-конференцијата на преговарачите, што се одржа во понеделникот, учествуваше претставникот на досегашната италијанска влада. Неговиот наследник треба да се приклучи на кругот на преговарачи дури во текот на неделата. Канцеларката Меркел сака да одржи средба во четири очи и со претседателот на САД, Доналд Трамп. Во тешки времиња треба по секоја цена да се одржува почеста комуникација отколку вообичаено, закучува Меркел.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми