1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто планот на Путин засега пропаѓа?

1 март 2022

Руската инвазија на Украина напредува изненадувачки бавно, според голем број набљудувачи. Зошто планот на Путин не функционира?

Ukraine-Konflikt - Tag des Verteidigers des Vaterlandes
Фотографија: Alexei Nikolsky/Sputnik Kremlin/AP/dpa/picture alliance

Руската инвазија врз Украина напредува неочекувано бавно - до овој заклучок дојдоа многу набљудувачи. Очигледно има проблеми и при снабдувањето на руските војници. Се шират видео снимки од опожарени руски конвои за снабдување. Има вести и за руски тенкови, кои останале без гориво на сред пат. 

Украина соопшти дека нејзината армија досега убила околу 4.500 руски војници и заробила стотици. Украинците, исто така, велат дека уништиле руски авиони и хеликоптери, повеќе од 100 тенкови и над 500 други воени возила. Овие бројки сè уште не можат да се потврдат, но има видео доказ за заробените: снимка на руски војници кои објаснуваат дека биле принудени да се борат со Украинците. Еден заробеник дури вели дека е подготвен да се бори против Русија. Сепак, не е јасно дали овие изјави се дадени доброволно. 

Давид против Голијат 

Се чини дека борбениот морал на бранителите на Украина е повисок од оној на агресорите. Украинците се борат како Давид против Голијат, додека руските војници одеднаш се соочуваат со реалноста која е дијаметрално различна од пропагандата на Кремљ. Им беше кажано дека ќе бидат пречекани со леб и сол од ентузијастичкото население кое сака да се ослободи од „фашистите“, но наместо тоа, руската армија се соочи со добро подготвена украинска војска - и население подготвено за отпор. Дури и невооружените Украинци се спротивставуваат на руските тенкови. 

Заедно со редовната украинска армија, десетици илјади луѓе веќе се вклучени во одбраната на земјата, организирани во единиците за самоодбрана, коишто ги штитат своите родни места.  Очигледно, снимките од руските напади врз големите украински градови ја зајакнуваат мотивацијата на луѓето да му се спротивстават на агресорот со сите средства. Руските окупатори имаат малку да добијат во Украина, додека Украинците може да изгубат сè.

Освен воените проблеми во самата Украина, Кремљ има доволно други маки: и покрај нуклеарната закана на Путин, земјите од НАТО продолжуваат да ја снабдуваат Украина со оружје, а санкциите против Русија се заоструваат. Хакерите и објавија војна на руската влада и веќе успеаја да блокираат голем број владини сајтови во Москва. И ова е вистинско понижување за Кремљ. 

Да не заборавиме дека антивоени демонстрации се одржуваат во голем број руски градови. Уметниците и научниците исто така отворено протестираат против војната. На протестите против инвазијата се приклучуваат и руски спортисти. 

Во исто време, во руските државни медиуми има сериозно искривена слика за тоа што се случува, кои постепено ја губат секоја врска со реалноста. Тие не зборуваат за војна, туку за „специјална операција“. И во раните денови на војната, никој не известуваше за руски жртви. 

Но, картонската кула на лагите на руската пропаганда наскоро ќе се урне, бидејќи Путин можеби ги контролира државните медиуми како оружје во информативната војна, но во ерата на социјалните мрежи нема начин да се воспостави целосна контрола врз протокот на информации. Со други зборови, само прашање на време е кога пошироката јавност во Русија ќе почне да гледа видеа од убиени или заробени руски војници во Украина и запалени воени конвои. И токму во тој момент може да се промени расположението во земјата.  

Малку е веројатно дека Путин ќе отстапи 

За Путин се вели дека е добар тактичар, а неговата подготовка за војната против Украина беше навистина како по учебник. Тој систематски ги зголемуваше тензиите, цело време ја лажеше меѓународната заедница, измами голем број западни лидери, создаде изговор за напад - и удри на Украина. 

Десетици мртви и повредени цивили во руски ракетен напад врз Харков

00:21

This browser does not support the video element.

Поранешниот припадник на КГБ нема скрупули - ниту против противниците во странство, ниту против противниците во сопствените редови. Сите видоа, на пример, како го понижи шефот на сопственото разузнавање. Но, Путин веројатно се опкружил со премногу глави кои само климаат, а кога нема спор, кога нема конструктивна дискусија, кога не се земаат предвид различните гледишта, тогаш одлуките често се покажуваат како погрешни. Во овој случај, погрешни одлуки носи само Путин, кој очигледно сериозно го потцени расположението во Украина и подготвеноста на Украинците да се спротивстават. 

Досега Украина се чини дека може да го запре брзото напредување на руските трупи. Путин би можел да ги засили воените напади, да започне уште понепромислени напади и да премине во воздушна војна за да ги намали сопствените загуби. Тој веќе се закани дека кој ќе му се најде на патот ќе трпи невидени последици. Да, притисокот врз Путин расте, но тој веројатно нема да отстапи. Напротив, сосема спротивно од тоа. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми