1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давос- главните актери не се тука

Андреас Бекер/сн20 јануари 2016

Тероризмот и бегалската криза годинава се на агендата на Светскиот економски форум во Давос. Меѓутоа централна тема е дигитализацијата на индустријата.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J.C.Bott

Клаус Шваб, основач и претседател на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, напиша книга во која сите учесници и претставници на медиумите ја добија како поздравен подарок. „Четврта индустриска револуција“- насловот на книгата од 188 страници, во кои Шваб ги анализира последиците на развојот кои, како што пишува, „е поинаков од се’ што досега човештвото го доживеало“.

Се’ поголемата дигитализација во процесот на индустриско производство, наречена и „Индустрија 4.0“, навистина има огромен потенцијал. Според една анкета на СЕФ, благодарејќи на неа во индустриските земји до 2020. година би можеле да бидат укинати 5 милиони работни места.

Меѓу најпознатите учесници на СЕФ кои се занимаваат со дигитализација на економијата, спаѓаат Јак Ма Јун, основачот на кинеската трговска платформа Алибаба; Шерил Сандберг, директорка на Фејсбук; Ја Кин Жанг, шеф на интернет-фирмата Баиду; Сатија Надела, шеф на Мајкрософт и Хироаки Наканиши, шеф на јапонскиот концерн за електроника и машиноградба Хитачи.

Необичен избор на теми

И покрај тоа, прогласувањето на „четвртата индустриска револуција“ за главна тема на Форумот е малку необично. Бидејќи, постојат голем број теми за кои би требало да се разговара многу поитно. На пример, терористичките напади во Париз, Истанбул, Џакарта и Уагадугу. Тука е и бегалската криза, поради која ЕУ се наоѓа на најтешка тест во својата историја. Падот на кинескиот економски раст, рецесијата во земјите во забрзан индустриски развој како Бразил или Русија, економските санкции против Русија, прашањето за заштита на животната средина по самитот за климата одржан во Париз...

Фотографија: DW

Организаторите велат дека за сето тоа, секако, ќе се дискутира во Давос. До викендот таму би требало да се одржат 300 предавања, семинари и тркалезни маси, во кои ќе учествуваат околу 2.500 политичари, менаџери и научници од над 100 земји. Меѓу нив има и околу 1.500 претставници на околу 1.000 фирми кои го овозможија одржувањето на СЕФ со уплата на годишен придонес од 458.000 евра.

Меѓу гостите ќе има и околу 300 лица од „јавниот живот“- шефови на држави или влади, министри, претседатели на централни банки, високи функционери на организации како што се Светска банка, ММФ или ОН, а тука се и холивудските ѕвезди Леонардо ди Каприо и Кевин Спејси.

Главните актери не се тука

Познати личности на овој самит- не недостасуваат. Дали СЕФ ќе успее да ја оствари својата мисија „подобрување на светот“, останува да се види. Оваа година веројатно нема да има некои специјални моменти и средби. Бидејќи, некои важни актери сепак не се присутни. На пример, германската канцеларка Ангела Меркел, која е централна фигура во европската бегалска криза, а ги нема ни големите противници на нејзината политика- премиерите на Унгарија и на Полска. Наместо Меркел, во Давос патуваат претседателот на Германија Јоахим Гаук и вицеканцеларот Зигмар Габриел. Претседателот на Русија Владимир Путин на состанокот го праќа заменикот премиер Јури Трутњев, додека наместо турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган таму ќе биде премиерот Ахмет Давутоглу.

САД, пак ќе бидат претставени со потпретседателот Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери. Претседателот Барак Обама ни на последната година на таа функција нема да дојде во Давос. Највисок по ранг Кинез кој ќе учествува во работата на самитот е потпретседателот на Кина, Ли Јуанчао.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми