1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давутоглу тврди: Ердоган е погрешно разбран

ЖА/макфакс/миа27 октомври 2013

„Изјавата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дека Косово е Турција, е погрешно протолкувана и извадена од контекст“, го уверил турскиот министер за надворешни работи својот српски колега Иван Мркиќ.

Фотографија: DW/Samir Huseinovic

Шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу денеска во подолгиот телефонски разговор со неговиот српски колега Иван Мркиќ ја разгледале ситуацијата меѓу двете држави по неодамнешната изјава на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дека Косово е Турција, за која Давутоглу тврди дека е погрешно протолкувана и извадена од контекст.

„Тие зборови се извлечени од контекстот на целиот говор и им е дадена смисла којашто ние не ја посакуваме“, изјавил Ахмет Давиутоглу за државната турска телевизија ТРТ.

„Нашата цел е да имаме добри односи со Србија. Турција има ист однос кон сите балкански држави“, додал шефот на турската дипломатија.

„Премиерот Ердоган говореше за заедничката судбина на сите балкански народи. Сите балкански земји би требало да одат заедно кон стабилноста и мирот“, нагласил Давутоглу.

Тој додал дека во разговорот со српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ, исто така, го поддржал дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, пренесува турскиот дневен весник „Хуриет“.

Изјавата на Давутоглу доаѓа откако Србија одби да учествува со Турција во т.н. Балканска иницијатива, а претседателот Томислав Николиќ објави дека ќе го преиспита учеството и Белград ќе се повлече од трилатералните разговори со Турција и Босна и Херцеговина за стабилноста на Балканот. Овие недоразбирања меѓу Белград и Анкара дојдоа по изјавата на турскиот премиер во Призрен дека „Турција е Косово, а Косово е Турција“, што наиде на жестоки критики и осуди во Србија.

„Очекувам во Турција да победи разумот и да се извини на Србија поради оваа агресија без оружје. Дотогаш, како претседател на Србија, го замрзнувам учеството на трилатералната средба, бидејќи тоа не е форум на воинствени земји, туку на демократски држави“, изјави српскиот претседател.

Според Николиќ изјавата на Ердоган е грубо и безобѕирно уништување на воспоставените добри и пријателски односи со непочитување и грубо кршење на суверенитетот на Србија и ревизија на историјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми