Дали Бугарија е загрозена од кризата во Македонија?
14 мај 2015Само три дена по крвопрлевањето во Куманово и развојот на политичката бура во Македонија, бугарскиот премиер Бојко Борисов го свика националниот Совет за безбедност. На него беа дадени уверенија оти кабинетот и службите веќе имаат план за покривање на сите можни ризици за Бугарија. „Македонија ни е сосед и она што се случува таму може да се рефлектира и кај нас“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов, истакнувајќи оти одговорноста за кризата ја носивладата во Скопје.
Бившиот генерален конзул во Битола кој сега предава историја на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Наум Кајчев е убеден оти бугарските служби за сигурност тешко ќе допуштат на бугарска тероторија да проникнат „терористички групи и елементи“,. Но, тие треба да бидат на штрек и да си ја вршат работата“, вели Кајчев. Според него, бран македонски граѓани кон Бугарија може да се појави само при драматично влошување на ситуацијата во соседна Македонија, но дури и тогаш тоа нема да биде проблем за државата: „Сепак, тоа е близок народ, многумина од нив имаат роднини во Бугарија, поседуваат и сопствени имоти кај нас. Да не зборувам за многубрјните студенти, како и за Македонци кои веќе се населиле и работат во бугарските градови. Евентуалното адаптирање на тие луѓе кај нас ќе биде лесно, но јас не очекувам да стигне до таков развој на настаните“, категоричен е поранешниот конзул во Битола.
Ризиците од дестабилизација
Докторот по меѓународни односи на универзитетот Оксфорд и бивш директор на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, Димитар Бечев исто така не очекува голем миграциски бран доколку конфликтот, како досега, е локален. Тој потсетува на 2001 година, период во кој Македонија беше на работ на конфликт од поголеми размери, но и тогаш тој беше локализиран и не се појави бегалски бран.
„Подолгорочни ризици се кријат во евентуалната дестабилизација на Македонија-нејзината целосна нестабилност ќе ја изолира уште повеќе, што ќе се одрази и во Бугарија“, вели Бечев. Според него, изолацијата на Македонија од последните 7 години е во расчекор со бугарските интереси. Дури и да нема директна закана, изолирањето на Македонија од евроинтеграциите, нејзините проблеми во процесот на демократизација и назадувањето преку авторитарното управување, сето тоа индиректно ја засега Бугарија.“
„Ако се погледне попродлабочено, денешните проблеми во Македонија се сврзани со корупцијата, клиентелизмот, искористување на власта за лични, семејни и интереси на одредени групи. Тоа се проблемите и тие не се меѓуетнички, како што побрза да ги оцени лидерот на ДПС, Љотви Местан“, вели Димитар Бечев.
Дали се сепак можни политички последици во случај на ескалација на кризата во Македонија? Историчарот Наум Кајчев е убеден оти таков развој би довел до општа поголема дестабилизација на Западен Балкан, но во крајна линија најголем губитник би била ЕУ како целина, посебно нејзините гранични држави-членки во регионот, како Бугарија.
„Токму затоа Софија има интерес да поддржува баланс во регионот или како што истакна бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов ’за Бугарија е важен тероторијалниот интегритет и запазувањето на стабилноста на Македонија’“, подвлекува Кајчев.
Димитар Бечев е убеден оти поширок интерес на Бугарија е интеграција на регионот, постоење демократија и економски развој, спречување на базичните опасности за безбедноста на Бугарија-трансграничното илегално преминување, шверцот со дрога, контрабандите. Затоа, смета тој, важен е одговорот на прашањата-на кого служат одговорните институции во Македонија и дали тие се во општествен интерес или одвнатре се преземени од полукриминални мрежи чие дејство се одвива од двете страни на границата.
Наследство од тајните служби
Бечев истакнува дека темата за меѓусебните бугарско-македонски односи е присвоена од луѓе поврзани со разузнавањето и секакви полициски структури.
„Тоа е контрапродуктивно, зашто кога еден во друг гледаме закана и взаемно се шпионираме, тешко можеме да развиваме позитивна соработка, да бараме заеднички интерес во економската сфера. Кога ќе размислам, многумина од оние кои во Бугарија зборуваат за темата Македонија се директно поврзани со службите и тоа оние од едно минато време, перидо кога владееше взаемна недоверба, следење. А тоанеминовно поставува граници на соработката, како во сферата на сигурноста, така и во другите области на политиката и економијата“, објаснува политкологот Бечев.