1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали во Германија се добивал азил за илјада евра?!

Џеферсон Чејс
23 мај 2018

Голем скандал ја тресе Германија откако беше откриено дека во градот Бремен биле издавани дозволи за азил со поткуп на администрацијата. Сумата наводно била 1.000 евра, а надлежните се обиделе да го забошотат скандалот.

Bundesamt für Migration und Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер е под засилен притисок во рамките на владата, но и од надвор од неа поради начинот на кој се справува со „големите нерегуларности“ во процесот на издавање дозволи за азил.
Германија со денови ја тресе голем скандал откако беше откриено дека канцеларијата на Службата за мигранти и бегалци (БАМФ) во Бремен им доделила азилантски статус на речиси 1.200 бегалци без почитување на процедурата. Сомнежите се дека статусот бил доделуван со мито, а во центарот на вниманието е поранешната шефица на локалната канцеларија во Бремен, Улрике Б.
Во вторникот, Зехофер за домашните медиуми изјави дека ќе преземе „организациски и кадровски промени“ поради скандалот. Членови на широката владина коалиција го повикаа Зехофер да биде поотворен за детаљите од скандалот. Две опозициски партии, АФД и ФДП, веќе повикаа на целосна парламентарна истрага за случајот, а Зелените ја свикаа комисијата за внатрешна политика во Бундестагот. 

повеќе на темата: Кој смее трајно да остане во Германија?


За спроведување на парламентарна истрага потребни се една четвртина од гласовите на пратениците во Бундестагот. За опозицијата да обезбеди мнозинство потребни и се гласовите на Зелените, кои сакаат најпрво да го почекаат сослушувањето на Зехофер пред парламентарната комисија.

Што се случувало во Бремен?

Според сознанијата на повеќе германски медиуми, злоупотребите на постапката за добивање азил траеле со години. Обвинителството во фокусот на истрагата ги зема шефицата на канцеларијата Улрике Б. но и адвокатот Ирфан Ц., за кој се тврди дека бил во блиски односи со надлежната службеничка. Еден Курд сведочи дека Ирфан Ц. му помогнал да добие азил за сума од 1.000 евра.
Но, скандалот се прошири откако магазинот Шпигл откри дека централата на БАМФ била информирана за чудната пракса во Бремен уште во 2014 година, каде во еден момент биле прифатени дури 90 отсто од барањата за азил. Интерните преписки покажуваат дека шефицата на БАМФ, Јута Корт за скандалот знаела уште во февруари минатата година, но одлучила да го забошоти. 

повеќе на темата: Некои азиланти од Западен Балкан смеат да останат во Германија
Сега е наредена целосна истрага за сите 18 илјади случаи на одобрен статус во Бремен. Зехофер веќе нареди истрага која треба да утврди дали имало злоупотреби и во други германски градови.
Скандалот им дојде како нарачан на противниците на доселувањето во Германија. Во прв ред, на опозициските АФД и ФДП, кои се обидуваат повторно да ја отворат дебатата за бегалци со цел политички да профитираат.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми