Дали денарот останува стабилен?
12 јануари 2009Светската финансиска криза ги засили гласините за девалвалција на македонскиот денар. Македонските пратеници ги прашaa министрите и премиерот дали информациите дека ќе има пад на вредноста на денарот се реални. Тие се повикаа на написите во медиумите, кои тврдат дека во менувачниците во земјата недостасуваат евра, што создаде паника кај граѓаните. Министерот за економија, Трајко Славевски, е категоричен: „Од некои кругови доаѓаат такви наводно навестувања што се сосем ирационални. Значи, кога велам дека нема некоја фундаментална причина, упатувам на фактот на усогласеноста на фискалната и монетарната политика во Македонија, за нивото на девизните резерви, што досега не било загрозено, и за постигнатата макроекономската стабилност“.
Владата и Народната банка со различни економски проекции
Со ваквите констатации на Владата е согласна и Народната банка. Но, тие имаат различни проекции за економските случувања во 2009 година. Тоа, според премиерот Никола Груевски, се должи на светската економска криза, која се случува по најмалку 80 години.
„Веројатно до вакви бројки доаѓа поради брзата промена на сите настани во светот и драстичните промени на проекциите поради овие настани. Во многу држави има иста ситуација, од различни институции да има различни проекции“, изјави Груевски на пратеничко прашање. Владата донесе пакет мерки за заштита од последиците од економската криза. Државата ги гарантира штедните влогови на граѓаните, како и стабилноста на банките. Во стопанството интервенираше со намалување на одредени даноци. Опозицијата ги критикуваше мерките како недоволни и задоцнети.