1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламска држава, Турција и шверц со нафта

Керстен Книп/Ж.А.3 декември 2015

Русија го обвинува турскиот претседател Реџеп Ердоган за лична вмешаност во шверцувањето нафта од областите под контрола на Исламска држава. Докази засега нема, иако е факт - нафтата на ИД стигнува на турски терен.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Станува збор за тешки обвинувања: Русија тврди дека турското раководство директно е вмешано во трговија со нафта со терористичката организација Исламска држава. „Главен примач на нафтата која Исламска држава ја краде во Сирија и во Ирак е Турција“, изјави заменикот руски министер за одбрана Анатоли Антонов вчера во Москва. „Според достапните изјави, политичкото раководство на земјата, претседателот Едроган и неговото семејство се исто така вмешани“, изјави Антонов, без да наведува детали.

Рускиот претседател Владимир Путин претходниот ден, на самитот посветен на климата во Париз, подигна тешки обвинувања против Турција. Русија располага со информации според кои нафтата од областите каде контрола има ИД, поминува низ Турција. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган реагираше одлучно: „Ако се докаже такво нешто, тогаш достоинството на нацијата би налагало да не останам веќе на функцијата“, цитира државната новинска агенција Анадолу.

Ердоган доби поддршка од американската армија. „Тоа е гротескно. Одлучно ја отфрламе секоја помисла околу соработка на Турција со ИД на било каков начин“, истакна портпаролот на Армијата на САД во Ирак, Стивен Ворен вчера.

Фотографија од подобрите времиња: Ердоган и ПутинФотографија: picture alliance/ZUMA Press

Одамнешни информации за шверц на нафта

Одамна постојат извештаи за лиферување на нафта во Турција од областите контролирани од ИД во Ирак и во Сирија. Уште во јуни 2014 година правникот Али Абидоглу, пратеник од опозиционата партија ЦХП од провинцијата Хатај, која граничи со Сирија, изјави дека до јуни оваа година, од областите каде владее ИД, во Турција е продадена нафта во вредност од 800 милиони американски долари. За таа цел е создаден посебен транспорт.

Во август оваа година и турскиот весник „Тараф“ пишуваше околу шверцот на нафта од Сирија во Турција. „Количината шверцувана нафта која дневно се внесува, изнесува околу 1.500 тони. Тоа е 3,5 проценти од дневната потрошувачка на Турција“, напиша весникот.

Поволните цени го отвораат пазарот

Пролетта годинава научниците Џорџ Киоурцоглу и Алек Коутрубис од британскиот универзитет Гринич објавија студија околу наводното криумчарење. Во февруари 2015 година ИД достигна продукција од 45.000 барели нафта дневно, се вели во студијата. Со тоа, ИД дневно заработува меѓу еден и три милиони долари, проценува авторскиот двоец. Нафтата од областите под контрола на ИД е значително поевтина отколку онаа на регуларниот пазар. Ако нафтата на официјалниот пазар чини меѓу 80 и 100 американски долари по барел, ИД ја нуди својата по цена од 25 до 60 долари.

Двајцата научници посебно ја студирале трговијата во турското нафтено пристаниште Чејхан во јужниот дел од земјата. Таму постојат видни паралели меѓу воените активности на ИД и висината на нафтените зделки. „Се чини дека секогаш кога ИД води борби во области богати со нафта, експортот од Чејхан расте.“ Двајцата експерти тврдењето го темелат на испитувањето вршено во периодите јули 2014, октомври/ноември истата година и јануари/февруари 2015 година.

Авторите сепак предупредуваат: корелацијата меѓу борбите на ИД и големината на прометот во нафтеното пристаниште да не се гледаат како доказ за шверц. Тоа не е случај, иако соодносот меѓу борбите и извозните бројки во пристаништето е блиску до тврдењето за шверц. Релацијата исто така нуди малку докази околу вмешаноста на турските власти во криумчарски активности.

Русија објави наводни докази за шверц на нафта од ИД во ТурцијаФотографија: Reuters/S. Karpukhin

Борбата против шверцот - политички ризична

Сепак, податоците на двајцата британски научници укажуваат на причината зошто меѓународната алијанса против ИД толку долго колебливо го сузбиваше шверцот. САД, посебно по терористичките напади во Париз, уништија приближно една третина од транспортната флота на ИД составена од околу 900 цистерни. Дотогаш се чини терористите релативно непречено можеа да вршат транспорт на нафта.

Причината за воздржаноста е што од шверцот корист имаат премногу луѓе. ИД ги вклучува луѓето кои живеат во областите под нејзина окупација во производството и шверцот на нафта. Тие можат самите да ја шверцуваат нафтата во странство. Цистерна која успешно ќе транспортира 30.000 литри сурова нафта до целта, донесува заработка од 4.000 долари за оној кој го врши лиферувањето. „Резулттаот на оваа политика (на ИД, н.з) е огромна поддршка на месното население кон ’Калифатот’“, констатираат научниците Џорџ Киоурцоглу и Алек Коутрубис.

А токму тоа досега ја одвраќаше анти-ИД коалиција во уништувањето на шверцерските тури. Алијансата стравува дека преку нападите сите вмешани во шверцот на нафтата уште повеќе ќе ги втурне во рацете на ИД. Зашто, оној кој го попречува шверцот, од шверцерите прави свои непријатели.

Границата меѓу Сирија и ТурцијаФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/E. Ozdemir

„Турција долго затвораше очи“

Досега Русија не приложи никакви докази за тврдењето околу вмешаноста на семејството на Ердоган во криумчарењето нафта. Но, веројатно е дека турските власти не постапувале консекветно во сузбивањето на шверцот, вели Јан Техау, директор на Карнеги Институт за Европа. Тој во разговор за Дојчландфунк вака ја дефинира одговорноста на турските власти: „Дел од вистината е дека Турција многу, многу долго гледаше настрана во поглед на трговските рути на ИД, во поглед на затворањето на границата за трговците кои неа во основа ја користеа како најважна поврзница кон западниот, кон отворениот свет и кон пазарите. Турција тука сноси голема одговорност.“

По терористичките напади во Париз Меѓународната алијанса засилено ја зеде во визирот транспортната флота за нафта на ИД. Политичките ризици на потфатот се познати. Уништувањето на цистерните може да и‘ донесе дополнителни приврзеници на ИД. Но, нападите имаат и друг резултат, имено - намалување на финансиите на терористичката организација. Калкулацијата на анти-ИД коалиција е јасна: пропорционално со губењето финансиска сила, ИД ќе биде помалку интересна за нејзините симпатизери и искористувачи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми