1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ЕУ ќе испорача, или само ќе нѐ препорача

6 октомври 2021

Бугарија на дело покажува како, кога ќе примите во ЕУ држава која суштински не е подготвена за тоа, кога-тогаш, тоа ќе ви се удри од глава. Пишува Петар Арсовски

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

За нас, заглавени во локалните избори, можеби со дефицит на внимание поминаа неколку значајни настани во последните неколку дена, кои се суштински врзани за нашата европска перспектива. Посетата на претседателката на ЕК, новиот рок (сега декември) за обид за разрешница со Бугарија, па на крајот, и ако сакате, отворените дилеми околу капацитетот на ЕУ да го спроведе проширувањето онака како што е замислено и како што ние би сакале, но и дилемите кои ги отвора реномираниот „Политико“ околу улогата и искреноста на клучни ЕУ функционери во овој процес, претставуваат суштински, елементарен, сигнал околу тоа што можеме да очекуваме во периодот кој следи.

За Европа е позната синтагмата: кога ќе почнат многу да ви доаѓаат, да ве фалат, да ве покануваат и да ве тапкаат по рамо, знајте дека нешто не е во ред. Тапкањето по рамо, кое стана лајт-мотив на нашава европска голгота, фантастично се поклопува со овој сентимент. Тоа (тапкањето), е, во основа, чин на тешење, на понуда на утеха. Можеби ние се уште не знаеме зошто нѐ тешат, ама можеби тие знаат.

-претходни колумни од авторот: Лидерски дуел: кога популизмот води пред понудата 

Можеби знаат дека не можат да го испорачаат она кое самите на себеси, па потоа и на нас, ни го ветија кога го почнувавме процесот на проширување. Токму интимното сознание на ЕУ, врзано околу дилемите за капацитетот и моменталната оправданост на проширувањето, иако болно и навредливо за нас, е во основа сосема вистинско, автентично и легитимно. Во центарот на оваа дилема е можноста за забрзано проширување, но и дали без посуштински реформи во ЕУ, таквото проширување значајно би ја подобрило ситуацијата во ЕУ и кај земјите кои се моментални кандидати за тој процес. Впрочем, ЕУ е полна со примери како проширувањето само им донесе проблеми и ништо друго.

Бугарија во стилот на класичен политички насилник

Бугарија, не само заради односот кон нас, е одличен пример за тоа. Таа е најсиромашна во ЕУ, најкорумпирана, и со демократски стандарди пониски одошто кандидатите за кои нивниот глас одлучува. Притоа, таа се однесува како класичен политички насилник, кој ги става тесните национални и локално-политички амбиции, пред било какви европски принципи и вредности. Така, таа на дело покажува како, кога ќе примите во ЕУ држава која суштински не е подготвена за тоа, кога-тогаш, тоа ќе ви се удри од глава. На тоа можеме да го додадеме и однесувањето на Унгарија, Полска, Словенија и слично. Затоа, не треба да бидеме изненадени кога ЕУ има дилема, дали и требаат уште вакви членки, па со тоа и нови проблеми. Притоа, секојдневно, однесувањето на сегашните „новодојденци“ им демонстрира дека можеби преагресивното проширување било грешка.

Понатаму, интерните проблеми остануваат – консензуалниот моделот на одлучување де факто им дозволува на земји кои инаку не би можеле да сонуваат (по демократските стандарди во нивните општества), да продаваат принципи и да ставаат вето на исполнување на туѓи демократски стандарди. Проблемот, во основа, е во фактот дека членките, кога еднаш ќе влезат, без оглед на тоа дали влезот е заслужен или не, ги имаат истите права како и сите други, многу позрели, членки. Така, парадоксално, земја која не дава, туку зема, од буџетот на ЕУ, може со вето, да го блокира донесувањето на истиот буџет, па притоа и врз основа дека нејзината порција е премала! И замислете колку тоа ги нервира „полначите“ на ЕУ касата. Таков беше случајот со последниот буџет. Или, повторно како во случајот со нашиот источен сосед, проблематична е и поделбата на правата и обврските која следува при зачленувањето во ЕУ. Ако го следиме однесувањето, изгледа тогаш кај Бугарија се паднале правата, а кај Германија, Франција, и другите – обврските. Затоа, не треба да не изненадува кога, оние кај кои се паднале само обврските, се бунат дека нешто не е во ред.

Политички слуга на Орбан

Потоа, и можеби најважно, изгледа дека не само кога те посетуваат, туку и кога те фалат во ЕУ, не е многу на арно. „Политико“, еден од најреномираните медиуми во Брисел, вчера објави сериозни податоци за поведението на еврокомесарот Вархеји, поткрепени со дузина докази и сведоци, за неговото однесување во исполнувањето на функцијата. Во основа, наместо да биде чесен, објективен и непристрасен поддржувач на земјите кандидати, по се изгледа дека комесарот бил токму спротивното: политизиран, политички слуга на Орбан и тесните партиски интереси на неговата партија. „Политико“ ги лоцира проблемите во три главни точки: неговото однесување кон Србија, кон Турција, и кон, замислете – Северна Македонија.

-претходни колумни од авторот:  Меѓуетнички коалиции: Еволуција или маркетинг?

Вархеји, кого „Политико“ го нарекува „Волдеморт на проширувањето“, според изворите, необјективно ја промовирал Србија, земјата сојузник на Орбан, во неговата политика и извештаи. Бришел негативни наоди од експерти, редактирајќи ги во позитивно светло. Ги игнорирал или забошотувал наодите за владеењето на право и човековите права и слободи, политички промовирајќи лажен впечаток за состојбите во Србија. Истото, по се изгледа, го правел и со Турција. Неговата единствена цел, вели медиумот, била „да се држат мигрантите надвор“, и за тоа бил подготвен на Турција да и „прогледа низ прсти“ за сите нарушувања на граѓанските права и слободи. За Северна Македонија, наводите се дека неговото однесување било целосно про-бугарско а на наша штета, упорно нудејќи погрешни предлози кои земјите-членки веќе претходно ги одбиле, притискајќи нѐ да прифатиме решенија кои се спротивни на стандардите на ЕУ, или предлагајќи Северна Македонија и Албанија да се одвојат во процесот, што би нѐ изолирало и направило „податливи за компромис“.

Кога еврокомесарот за проширување вака се однесува, треба да се замислиме: целта беше од Балкан да се направи Европа. Ако ова потрае, мислам на добар пат сме од Европа да направиме Балкан.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми