Дали е виновен само Хамас?
15 јули 2014Светот вчудовидено гледа на случувањата на Блискот Исток, на новиот бран насилства, кој речиси 200 луѓе ги чинеше живот и во кој околу 1.000 луѓе се ранети. На европските и американските политичари не им е јасно дали е Хамас виновен за ескалацијата. Хамас, велат тие, многу долго го провоцираше Израел со ракетирање, така што на Израел не му преостана ништо друго туку да зададе удар. И шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер го застапува ова мислење и ги осудува нападите врз местата и градовите на југот на Израел.
Но, ситуацијата не е црно-бела, туку покомплексна. На најновиот бран насилства им предходеа низа случувања, кои не ја претставуваат израелската влада во добро светло. Се’ започна со формирањето на новата обединета палестинска влада, која положи заклетва на 2. јуни, со што требаше да заврши крвавиот конфликт меѓу Фатах и Хамас и да се зајакне палестинската борба за правото на самоопределување и создавање сопствена држава. На вчудовиденост на Израел, Европа и САД ја сигнализираа својата подготвеност за соработка со новата палестинска влада, составена од експерти.
Причина за насилставата не е убиството на израелските тинејџери
Кога 10 дена потоа во близината на Хеброн се киднапирани три еврејски момчиња кои посетувале училиште за веронаука, Ерусалим во тоа виде шанса да ја уништи новата палестинска влада. Иако израелската војска од почетокот имаше индиции, кои укажуваа дека момчињата се убиени, владата постојано говореше дека се тие живи и оти мора да се спасат. Започната е голема акција за да се пронајдат. Така се уапсени стотици членови на Хамас, претресувани се куќите на осомничените и спроведени се рации. Цел беше да се уништи структурата на Хамас на Западниот Брег и на тој начин да се торпедира работата на новата палестинска влада.
Нападнат е и Хамас во Појасот Газа. На 29. јуни во воздушен напад е убиен еден високорангиран член на Хамас. Наредниот ден Хамас го ракетираше Израел. Тоа беа првите две ракети од примирјето склучено 2012. година. Со тоа е прекинат мирот, а насилството ескалираше. Додека тоа не се смени, на Блискиот Исток нема да има мир.