1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е Косово посебен случај на отцепување?

Ж.А. /ДВ
24 октомври 2017

На Западен Балкан, посебно во Србија, будно се следи обидот за сецесионизам во Каталонија, пишува НЦЦ, споредувајќи го овој случај со оној на Косово.

Kosovo erklärt Unabhängigkeit 2008
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Hochmuth

Во ниеден регион на Европа сецесионизмот не е толку присутен како на Западен Балкан, пишува „Ноје цирхер цајтунг“, продолжувајќи: „Таму каде некогаш се простираше Титова Југпславија, каде меѓу Словенија на север и Македонија на југ постоеше вистинска мала империја, сега се наоѓаат седум мини-држави: Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Косово и Македонија. Освен Косово, кое се отцепи од Србија во 2008. година, сите останати се членки на ОН. Словенија и Хрватска се во ЕУ и во НАТО, Црна ГОра беше примена во НАТО годинава. Каталонскиот сецесионизам и реакциите на него внимателно се следат во регионот, најбудно во Србија.

Тоа што Брисел и членките на ЕУ му даваат неспорна поддршка на Мадрид, го иритира Белград. 'Лицемерно е во случајот на Шпанија да се применува меѓународното право, додека во случајот на Србија и сецесијата на Косово тоа право не важи', изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. Еден портпарол на ЕУ на тоа одговори - Шпанија е членка на ЕУ, што во Србија предизвика вистински 'земјотрес'.  'Значи ли тоа дека меѓународното право се применува само во ЕУ?' прашаа од Белград. Секако дека не, одговори Брисел, но Косово е посебен случај 'sui generis', неспоредлив со сецесионизмот во Каталонија или на друго место. 

Споредбите се можни, но паѓаат в очи и разликите.  По укинувањето на автономијата на Косово во 1989. година, Србија таму воспостави режим на апартхејд. На крајот на 90-те години, оваа бунтовна покраина ја зафати насилство. Но, тоа што од Косово направи посебен случај не е жестината на конфликтот.

Посебно е тоа што меѓународната заедница во случајот со Југославија се вмеша со двоумење, а потоа сѐ поенергично. Кулминација беше бомбардирањето на остатокот од Југославија, во времетраење од 78 дена, кое на Косово му го ослободи патот кон отцепување. Тоа е заднината, поради која Мадрид толку енергично се брани од 'интернационализација' на спорот. 'Ние не сме Југославија. Овде нема простор за посредување', изјави Пабло Касадо, портпарол на шпанската валдејалка партија, цитиран од белградскиот политички магазин 'Време'.

Можни ли се споредби меѓу Каталонија и Косово? Фотографија: picture-alliance/dpa/Alberto Estevez

Еден сецесионизам предизвикува друг

На почетокот на конфликтот во Југославија, неспремната Европска заедница немаше ниту инструменти ни волја нешто да преземе. Во август 1991. година ја основаше Бадинтеровата комисија, со задача да утврди дали некоја од новонастантите држави може да биде призната од страна на ЕУ. Во ноември 1991. година Комисијата утврди дека Југославија е во фаза на распад, а во јануари 1992. година дека независните републики треба да ги задржат своите граници. Косово, како провинција во рамки на Србија, не спаѓаше во таа категорија. Меѓу декември 1990. (Словенија) и пролетта 1992. година беа одржани референдуми за отцепување... Новите држави беа признати од Европската заедница.

Мачната опсада на Сараево и геноцидот во Сребреница во 1995. година беа причините за 'интернационализација' на случајот на Косово, спротивно на волјата на Србија. Нападите од УЧК и возвратувањето од српските безбедносни сили во 1998. година придвижи спирала на насилство, па ОБСЕ испрати набљудувачка мисија на Косово. УЧК не беше група бунтовници, туку страна во судирот, во кој меѓународната заедница практично стана арбитар. Таа ја задржа таа улога откако НАТО  со воздушни напади ја принуди Србија на повлекување и основаше протекторат. Прогласувањето на Косово за независно е дело на Контакт-групата (САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија), а не резултат од преговори меѓу Приштина и Белград. Голем број држави го призна Косово, а меѓу оние кои тоа не го направија е Шпанија“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“, заклучувајќи: „БиХ и Косово денес се само делумно функционирачки држави. Се покажа дека постојните сецесии предизвикуваат нови сецесии, зашто настануваат нови малцинства: сега постојат српски сецесионистички тенденции како во БиХ, така и на Косово. Ако сега се покаже дека и во ЕУ е можно еднострано променување на границите, тоа би бил фатален сигнал“.

Падот на еден тајкун

„Ноје цирхер цајтунг“ се осврнува и на аферата и обвинувањата против првиот човек на Агрокор, Ивица Тодориќ во Хрватска, за фалсификување документи, „фризирање податоци“. Во текстот под наслов „Падот на еден тајкун“, весникот  пишува: „Колапс на Агрокор би го потресол цел Балкан, зашто концернот има натамошни 20.000 вработени во Србија, Словенија и БиХ, а илјадници помали фирми зависат од претпријатието... Тодориќ навреме се засолна во Лондон и според неговиот адвокат, ќе се врати во Загреб  ако е тоа нужно...

Критичарите на владата тврдат дека во целиот дебакл вина сноси и хрватската држава. Без блиските врски меѓу Агрокор и државниот апарат, гласи аргументацијата, на Агрокор немаше да му успее толку нагол подем. Дури и некои политичари повремено работеа за Агрокор,“ пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми