Додека германските автомобилски производители и натаму работат на „софтверски преправки“ за дизелите, еден претприемач нуди хардверско решение кое е финансиски поволно и ефикасно.
Реклама
Хамбург како прв германски град од пред десетина дена (31.05.2018) воведе забрана за возење на постари дизел-автомобили на две исклучително фреквентни улици. И тоа и за камиони и за патнички возила. Може да се очекува и други големи градови да го следат овој пример, зашто и во Диселдорф, Кил, Келн, Штутгарт и Минхен вредностите на азотните оксиди во воздухот се далеку над дозволеното.
Германската министерка за екологија Свења Шулце инсистира на вградување соодветен хардвер во дизелите, со што тие би станале „почисти“, но автомобилската индустрија одбива да ги преземе трошоците за тоа и тврди дека се доволни „софтверски поправки“. Притоа, постои ефикасно доопремување, кое чини околу 3.000 евра.
Поефикасно од софтвер
Овој хардвер го разви фабрика која на автомобилската индустрија ѝ испорачува авто-делови: Твинтек од Витен, покраината Северна Рајна Вестфалија. Твинтек има долгогодишно искуство на ова подрачје, па затоа, кога почна кризата со дизелите, не мораше да почнува од почеток. Посебно може да се пофали со искуство со „големи дизели“: земјоделски и градежни машини, автобуси и бродски агрегати. А она што функционира во големи возила, гласи девизата на оваа фабрика, би требало да функционира и во патничките возила. На крајот во Твинтек развиле нов т.н. BNox- систем со посебен генератор за да може да се искористи потребниот амонијак од фазата на ладен старт. Во BNox, објаснува Маркус Хаузер, претседател на Управната група Баумонт, станува збор за состав „кој предизвикува селективна каталитичка редукција“. Со довод на амонијак, овој катализатор азотните оксиди ги претвора во азот и други безопасни плинови и така драстично го намалува производството на азотни оксиди од постарата генерација на дизели. И тоа и на кратки релации од под еден километар.
Порше полни 70 години
Автомобилите на Порше со децении уживаат култен статус. Никогаш досега производител на спортски автомобили немал такви успеси, но остануваат и некои контроверзи...
Фотографија: Porsche
Првороденче
Култниот бренд е роден: на 8 јуни 1948 моделот 356 ја доби дозволата за производство. Тоа беше првото возило кое го носеше името Порше. 50 години подоцна тој автомобил беше оштетен откако падна од авионска палета. За среќа, го преживеа падот, а денес е во музејот на Порше во Штутгарт.
Фотографија: picture-alliance/dpa/b. Hanselmann
Таткото на 356 е...
...Фердинанд Антон Ернст Порше, или познат како Фери. Без него, не ќе постоеја ни 356 ниту 911. Над 5 децении Фери го предводеше Порше како директор и претседател. Неговиот татко, Фердинанд Порше исто така правеше возила - за Фолксваген. Најголемата задача на Фердинанд беше развојот на претходникот на „бубачката“ за кој Хитлер се надеваше дека ќе ги мобилизира масите.
Фотографија: Porsche
Луксуз во време-невреме
Првото Порше ѝ беше претставено на публиката неколку години по крајот на Втората светска војна. Не мора да се каже дека спортските автомобили не беа баш високо на агендата на луѓето во тоа време. Но, со текот на годините Порше успеа да се наметне. „Ние правиме возила кои никому не се потребни, но сите ги посакуваат“, велеше Фери.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Porsche Schweiz AG
Од 356 до 911
Сребрениот 356 имаше 35 коњски сили, немаше покрив, ниту ретровизори, но се препознаваше од прва дека е „Порше“. Неговиот најпознат наследник е 911 (на фотографијата е 911 Тарга од 2014) која го наследи 356 во 1960-те години и оттогаш сѐ уште се произведува.
Фотографија: Porsche AG
Популарен ширум светот
На Порше му требаа речиси 50 години за да продаде еден милион возила. Но оттогаш, производството драматично порасна: на последните милион возила им требаа само пет години за да излезат од салоните. Само во 2017, повеќе од 250 илјади возила излегоа од фабриките, а во последната деценија продажбата на Порше тројно се зголеми.
Фотографија: picture-alliance/U. Baumgarten
Давид против Голијат
Кон средината на 2000. години, малиот Порше се обиде да го преземе германскиот гигант Фолксваген. Планот не успеа. Денес, холдинг компанија наречена Порше СЕ поседува мнозински пакет во Фолксваген, додека Порше Корпорација, која ги прави автомобилите, беше инкорпорирана во Групацијата Фолксваген.
Фотографија: AP
Надвиснати темни облаци
Со децении, Порше ги избегнуваше дизел моторите. Тоа се промени со растот на СУВ возилата, во кои се ставаа дизели од брендот Фолксваген-Ауди. Така и Порше загази во скандалот со дизел возилата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi
Премин на струја
Првиот електричен автомобил на Порше на пазарот ќе се појави во 2019 и треба да има досег од 500 километри и капацитет за брзо полнење. Така барем ветуваат од фирмата. Се очекува да следат и други модели, во соработка со Фолксваген и Ауди. Порше сака да инвестира 6 милијарди евра во развој на е-возила до 2022 година.
Фотографија: Porsche
Скапо е, ама се продава
Порше очекува 2018 да биде рекордна во однос на продажбата. Изгледа дека сѐ повеќе луѓе го споделуваат чувството на Валтер Рорл, легендарниот германски рели-возач сметаше дека гаража без Порше 911 во неа е „здодевна, празна дупка“.
Фотографија: Porsche
9 фотографии1 | 9
За да ја докажат ефикасноста на овој систем, инженерите од Твинтек го вградиле во еден Пасат - Фолксваген со плакета од Евро норма 5. Во тест-возењето низ градските и приградски улици, како и на автопат, мерењата на независни експерти од германскиот автомобилски клуб АДАЦ покажале производство од 49 милиграми азотни оксиди на еден километар. А тоа е вредност која е значајно помала дури и од границата на Евро-нормата 6 од 80 милиграми на километар. Заради споредба: дури и по апдејтот на софтверот, овој Пасат од сериско производство на Евро-норма 5 издувувал 430 милиграми во околината. Оттаму, Маркус Хаузер е убеден дека овој проблем не може да биде решен само преку софтверски пат. „Тоа може само да ја намали емисијата за 15 проценти, но и тоа е дури преоптимистичко.“
Трошоци од околу 3.000 евра
На германските улици возат околу 5,6 милиони дизел-возила со плакета од Евро-норма 5. За намалување на нивната емисија штетни гасови Маркус Хаузер препорачува ваков BNox- систем, чиј главен дел е генератор, во кој потребното средство за прочистување AdBlue се претвора во амонијак, кој потоа во форма на жежок гас се доведува во катализаторот. За да се одржува температурата на амонијак-генераторот, по потреба се вклучува електричен греач, со што прочистувањето почнува веќе по една минута од активирањето на моторот на автомобилот. Резервоар од 18 литри со AdBlue, значи кербамид, техничарите сместиле во просторот за резерно тркало во багажникот. Торстен Хаке, раководител на Одделот за истражување во Твинтек, вели дека 18 литри се доволни за 10.000 поминати километри.
Во принцип, овој систем е подготвен за сериско производство, Маркус Хаузер истакнува дека веќе при развојот на системот се водела сметка за тоа да се применуваат компоненти кои не само што гарантираат трајност, туку и пониска набавна цена. Заедно со вградувањето, овој систем би чинел околу 3.000 евра.
За ралика од германските производители на автомобили, азиските произведувачи веќе сигнализирале интерес за BNox. Системот веќе се применува во Лондон, каде е вграден во поголем дел од традиционалните двокатни автобуси заради намалување на загаденоста на воздухот.
Извонредната „бубачка“
Од националсоцијалистички голем проект до автомобилско светско чудо: Пред 80 години Хитлер го постави темелот за производство на Фолксвагеновата „бубачка“ во Долна Саксонија. И, „бубачката“ вози, и вози, и вози...
Фотографија: picture alliance/dpa
„Фиреровиот“ народен автомобил
Големиот проект „мобилизација на масите“: Хитлер и прототипот на неговиот „Фолскваген“ (во превод народен автомобил, н.з.) при поставувањето на темелите на фабриката на Фолксваген во близина на Фалерслебен, на 26 мај 1938 година. За конструкторот Фердинанд Порше со тоа почна подемот кон светски бренд.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Конверзија во теренско воено возило
Армијата имаше предност: за Хитлеровите воени походи Фолксвагенот беше преправен во теренско воено возило. Автомобилот тежок 950 килограми се докажа на фронтот. За време на походот во Русија генералот Мантојфел (напред на фотографијата) со својот тим го вади возилото од кал.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Повторно сме некој и нешто
Само 10 години по крајот на Втората светска војна, од фабричката лента во Волфсбург, на 5 август 1955 година, излегува милионитиот примерок на „бубачката“. Автомобилот со „грпка“ станува симбол на германското економско чудо.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Татко, мајка, дете, „бубачка“
Визијата за народно возило, во кое ќе има место за четворица, кое ќе биде сигурно и поволно, потекнува уште од најраните времиња на производството на автомобилот. Во 1960-тите овој сон се остварува за многу семејства. Моделот VW 1200 со подвижен покрив овозможуваше и здив летна свежина.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Од асфалт на нива
Не мора да е трактор: „бубачката“ се докажа и во земјоделството. Благодарение на задниот погон возилото се пробива на нивите и со закачениот плуг им ја олеснува тешката работа на земјоделците во 1950-тите.
Фотографија: ullstein bild - Teutopress
Веќе не вози
Крај на една ера: на 1 јули 1974 година во фабриката на Фолксваген во Волфсбург од фабричката лента излезе последната „бубачка“ произведена во Германија. Нејзиниот број: 11.916.519. Производството на Фолксваген продолжува во Мексико и Бразил.
Фотографија: AP
Љубовен од глава до пети
Viva el Vocho! Да живее мексиканската „бубачка“! Во Пуебла автомобилот се произведуваше до 30 јули 2003 година. Вработените во „Фолксваген де Мексико“ кои правеа свадба, на венчање беа возени со челичната „Свадбена бубачка“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Од народно до светско возило
Производството продолжи и во други земји во светот, како Јужноафриканската Република, Белгија, Австралија и Индонезија. Од народното возило за Германците се стигна до возило за сите. Речиси 22 милиони примероци беа произведени и продадени ширум светот. Во многу земји, како на фотографијата во Египет, „бубачката“ се вози сѐ уште.
Фотографија: Masr Betelz Club
Ново со ретро-дизајн
За носталгичари и фанови: во 1998 година Фолксваген на пазарот ја извади новата „бубачка“ - тип 9Ц. Возилото со ретро-дизајн имаше „грпка“ и фарови како оригиналот на Фердинанд Порше, но цената беше далеку од првичниот модел.