1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На повидок крај на пандемијата?

Александер Фројнд
5 февруари 2022

Дали сојот Омикрон менува сè? Дали пандемијата ќе стане ендемиија? Оправдана ли е еуфоријата предизвикана од ваквите оценки? Искрениот одговор на сите овие прашања е: не знаеме!

Невообичаена нормалност: без маски! Во Данска се укинати речиси сите ковид-рестрикции.
Невообичаена нормалност: без маски! Во Данска се укинати речиси сите ковид-рестрикции.Фотографија: Liselotte Sabroe/Ritzau/Scanpix/imago images

Додека бројот на заразени расте до незамисливи височини, ние во исто време се надеваме на крај на пандемијата. Во Данска речиси сите ограничувања се укинати во време на рекордна инциденца од 5.200. Данскиот политиколог Михаел Банг Петерсен, кој ја советува данската влада, смета дека одлуките се базирани врз резонирањето оти треба да се зачуваат економијата и демократските права. „Затворањата предизвикуваат недоверба, затоа е паметно да се попуштат мерките ако е тоа возможно“, вели тој.

Вакцините штитат од најтешки облици на болеста и заразувањето не доведува до паника, бидејќи клиничката слика која ја предизвикува сојот Омикрон најчесто не е тешка. Освен тоа, во делови во Европа и во САД веќе опаѓа бројот на нови инфекции.

Надежта се заснова на претпоставката дека токму сојот Омикрон ќе ја претвори пандемијата во ендемски облик, па вирусот нема целосно да исчезне, но ќе се враќа на ограничен начин, само во некои области или во делови од населението. Меѓутоа, ние не знаеме дали е тоа така.

Неизвесна иднина

Ниту еден стручњак, политичар или новинар не може со сигурност да го предвиди развојот на ситуацијата во наредните месеци, бидејќи ние едноставно не знаеме во која насока подмолниот вирус ќе мутира. Единствено е извесно дека ќе мутира, бидејќи тоа го прават вирусите.

„Не знаеме какви варијанти уште ќе се појават, кои можат да го заобиколат имунитетот и да доведат до тежок облик на болеста“, вели Жерар Краузе, епидемиолог во Центарот Хелмхолц за истражување инфекции во Брауншвајг. Тој вели дека не го споделува оптимизмот оти Омикрон ќе стане ендемска инфекција.

„Секако е можно, по смирувањето на овој бран да се врати Делта сојот“, вели Улрике Процер, директорка на Институтот за вирологија на Техничкиот универзитет во Минхен.

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

02:02

This browser does not support the video element.

Ендемски не значи и безопасно

Можат да се појават и стари и нови соеви, опасни и безбедни. Но, и не мораат. Дури и ако вирусот стане ендемски, ќе остане опасен и може сѐ брзо да се промени. Или не.

„Ознаката ендемски не значи дека сѐ брзо ќе помине и оти вирусот не е опасен. Секако, состојбата може брзо да се промени врз основа на промената на варијантите на вирусот, и повторно да се претвори во епидемија“, вели епидемиологот Хајо Цеб. „Ако вирусот не стане ендемски, ќе имаме постојана епидемиолошка ситуација, со големи бранови на заразување. И тоа е замислива алтернатива, која би требало да ја избегнеме со претпазливи постапки и пред сѐ со ефективни вакцини, кои за среќа ги имаме“; вели Цеб.

Томас Фосхар, лекар во Клиниката за белодробни болести во Мерс, сојот Омикрон го означи како излез од пандемијата, јавно зборувајќи со овој сој да се дозволи да се заразат што повеќе луѓе, бидејќи 100 процентното заразување е патот во ендемска состојба на заразата. Тој не е загрижен за ситуацијата во болниците, проценувајќи дека одделенијата за интензивна нега не би биле премногу оптоварени, а оти оптоварувањето во другите делови не би траеле повеќе од неколку недели.

Вирологот Кристијан Дростен, од берлинската болница Шарите, на тоа гледа поинаку. „За Германија природната имунизација не е опција. Прашањето е колку тоа чини“, вели тој предупредувајќи дека таму каде што просечната старост е поголема, ќе починат повеќе луѓе, па цената би била превисока.

Проценка на ризикот како кај грипот

„Колку инфекции сме подготвени да прифатиме? Колку можеме да спречиме и по која цена?“, се прашува епидемиологот Краузе. Тој смета дека тоа не се само медицински прашања, за нив мора да се усогласи целото општество. „Очигледно сме подготвени како општетство да ги прифатиме губитоците од еден просечен бран на грип“, вели тој.

Во случај на грип вирусот не е истребен, тој се враќа сезонски во нови варијанти, но научивме да живееме со тоа. Постарите лица со хронични болести можат да се заштитат со годишна вакцина против грип.

Така би можело да се постапува и со коронавирусот. „Кога некој е вакциниран и ќе се зарази, имунолошкиот систем може да излезе на крај со новите варијанти“, вели Улрике Процер. Таа додава дека ризичните групи би требало да размислат да примат четврта доза во есента 2022 година. За одлуката може да се анализираат податоците од Израел, каде голем број граѓани примија четвртата доза.

Флексибилно прилагодување

Иако не знаеме што носи иднината, сепак искусивме колку е упорен овој вирус и колкава е неговата способност да се преобрази. Мораме да појдеме од тоа дека уште долго ќе биде присутен.

Ние, меѓутоа, разработивме цела низа начини подобро да се заштитиме и подобро да реагираме во секоја ситуација. Не е само вирусот способен да се прилагоди, тоа го умееме и ние.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми