Малку ново, но сега барем изгледа попредвидлив: Доналд Трамп го одржа првиот говор, во текот на кој делуваше барем половично претседателски. Коментар на Миодраг Шориќ.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Lo Scalzo
Реклама
Можеби сепак ќе научи нешто од своите грешки во минатото - наместо да шири стравови или да го озборува политичкиот противник, Доналд Трамп пред двата дома на Конгресот одржа говор полн со увереност. Тој ја нагласи американската сила и апелираше за полет со кој ќе се модернизира државата. На опозициските демократи дури им понуди и соработка, како во здравствената политика, доселувањето и образованието. Демократите се колебливи, не му веруваат на новиот Трамп. Па сепак, не им остана ништо друго освен да аплаудираат кога претседателот ја истакна подготвеноста на американските војници и на полицајците на жртвување, како и кога ја осуди секоја форма на антисемитизам или ксенофобија.
Очите на Трамп беа вперени во телепромптерот. Тоа беше првиот говор при кој тој делуваше барем половично претседателски. Главно го погаѓаше вистинскиот тон. Не му се поткраднаа големи грешки. На републиканците им падна камен од срце. Ретко кога досега тие стоеле толку здружено зад својот претседател. На пример, како во моментите кога Трамп го нагласи стремежот на Америка кон лидерство, го потенцираше партнерството со Израел и ја истакна борбата против исламистите, како и кога се изјасни за НАТО.
Неговите внатрепартиски критичари најверојатно му простија што пред само неколку недели го прогласи НАТО за „застарен“ и бараше блискост со Русија. Во Конгресот не ги изговори зборовите „Москва“ и „Русија“. Тоа е вредно за споменување, пред сѐ ако се има предвид што пишува американскиот печат. Медиумите со недели шпекулираат во колкав обем изборниот тим на кандидатот Трамп имал контакти со Кремљ.
Миодраг Шориќ
Надворешната политика речиси ја немаше
Но тоа не го вознемири претседателот. Надворешната политика не играше речиси никаква улога во говорот на Трамп. Тој се концентираше на три теми: зајакнување на домашната економија, обезбедување на американските граници и реформа на здравствениот систем. Најголемата слабост на неговиот говор е што немаше детали, како на пример - како мисли да ги намали придонесите за здравствено осигурување. Остана на општи изјави кога стануваше збор за тоа како да се најдат пари за подобра инфраструктура или за помодерна армија. Прорече пониски даноци, но не наведе бројки. И, тука е повторно „стариот“ Трамп, некој кој ветува сѐ можно, но не кажува како сака да ги одржи ветувањата.
Содржински говорот на Трамп понуди малку ново. Претседателот останува на својот национално-конзервативен курс во делот на внатрешната и на економската политика. Изолационистички идеи и натаму влијаат врз неговата надворешна и безбедносна политика. Но, тонот беше попомирлив, попредвидлив. Барем нешто.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.