1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уривање или контрола на системот на Груевски?

4 април 2018

Премиерот Заев мора да одлучи кој е неговиот шеф- неговите граѓани, или членките на клубот во кој сака да се зачлени? Доколку се одлучи за првото, тоа не значи дека автоматски го отфрла второто.

Mazedonien Regierungssitzung
Фотографија: Mazedonien Regierung

Во уривањето на Никола Груевски и доаѓањето на власт на Зоран Заев многумина видоа, можеби последна, шанса за изградба на Македонија како современа држава со европски стандарди и владеење на правото. Но наместо длабоки и далекусежни реформи, владата, се чини, засега повеќе е фокусирана на козметички промени дома и агресивна надворешна политика.

Освен реформите, она што видливо отсуствува е расчистување на случаите кои ја обременуваа(т) земјата во изминатите години: корупцијата, злоупотребите, физичкото насилство...

Оттука и не е изненадување што многумина кои активно учествуваа во уривањето на режимот на Груевски полека се разочаруваат од постапките на новата влада. Без оглед дали се работи за разни сомнителни тендери и огласи за работа кои имаат многу сличности со оние на претходната власт или пак, како во случајот со Агенцијата за млади и спорт, катастрофални грешки за кои никој не сноси одговорност, или таа одговорност се разводнува.

Во Македонија, поранешниот премиер Никола Груевски не беше отстапување од правилото, туку олицетворение на претходно постоечкиот систем на политики, аргументира во есејот објавен неодамна Курт Басинер, поранешен набљудувач на ОБСЕ кој во моментов работи на дисертација за политичкиот развој на Македонија од Охридскиот рамковен договор досега.

Курт БасинерФотографија: DW

Токму тука многумина го препознаваат и основниот проблем на Македонија. Имено, самото уривање на Груевски не значи и уривање на системот кој тој, а и многумина пред него го градеа. 

„Кога имате радикални промени како што имавте вие пред 10 месеци, постојат и огромни очекувања дека работите ќе се сменат веднаш. А ниту една власт не може да се носи со очекувања од таков вид“, вели шведскиот амбасадор во Македонија Матс Штафансон во разговор за БИРН. 

Нерешени проблеми

„Заев беше избран врз основа на платформата “Едно општество“. Привлекувањето на 30-40 илјади албански гласачи беше без преседан и беше клучно за успехот. Сѐ уште се верува дека Заев, шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска се искрени во нивните заложби за изградба на интегрирано, „праведно општество“ во Македонија, паралелно со запирање на институционалниот гнилеж и политичките злоупотреби кои доведоа до тоа Македонија од лидер да стане повторувач во процесот на приближување кон ЕУ. Членството во ЕУ и НАТО очигледно се приоритети за владата“, пишува Басинер.

Груевски не беше отстапување од правилото, туку олицетворение на претходно постоечкиот систем на политикиФотографија: Petr Stojanovski

Но во истовреме, проблемите кои ја прогонуваат македонската политика и општество со години, остануваат нерешени. Како такви, Басинер ги набројува случаите Монструм и Сопот, а по прв ред: кумановските настани од мај 2015 година. Иако за инцидентот беа осудени 33 од 37 обвинети на долги затворски казни, според аналитичарот, никој во владата не верува дека тоа е целата приказна. Притоа, и покрај повиците од комесарот на ЕУ Јоханес Хан за формирање независна комисија која ќе го испита инцидентот, тоа до денес не се случи.

Во тој контекст, денес, ни ЕУ, ниту владата на Заев не покажуваат интерес да се расчисти случајот. И едните и другите сметаат дека отворањето тешки прашања и проблемите кои би можеле да произлезат од нив, би го попречиле „прогласувањето напредок“. Оваа глад на владата за надворешно признание практично ѝ ја аутсорсира демократската транзиција на земјата на ЕУ, наместо да ја демонстрира сопствената одговорност пред македонските граѓани.  Тоа е грешка, вели Басинер, бидејќи ЕУ ќе прифати далеку помалку од она што македонските граѓани навистина го посакуваат: системски промени и правда.

Партнерите на Груевски

Вториот голем проблем за СДСМ и Заев, според експертот, е ДУИ. Партијата која е незаобиколен дел од владите, со мала пауза, од 2002 година, беше активен партнер на Груевски. Со други зборови, Груевски не ја измисли злоупотребата на јавните политики за лично добро, само ја перфекционираше. И тоа не го правеше сам. Негов клучен партнер во тоа беше ДУИ. Впечатокот кој може да се извлече од соработката на СДСМ и ДУИ, особено по локалните избори минатиот октомври, е дека СДСМ не сака да го промени системот, туку да го контролира. Партии на власт не се реформираат, па шансите ДУИ да се прочисти, доколку отсуствува и судски притисок, се нула.

Басинер смета дека лидерството на Заев во СДСМ претставува добредојден и голем пресврт во партискиот настап, пораки и амбициите за земјата и општеството. Нема дилеми за огромните предизвици со кои тој се соочува. Концентрацијата на сета управувачка моќ за време на режимот на Груевски ги направи шупливи македонските институции, слично како и столбовите на бројните нови фасади во Скопје. Постои голем дефицит на капацитет за кој ќе бидат потребни време и ресурси да се надополни.

„Оттука, без оглед на пораките од Брисел за забавување на длабочината и темпото на реформите во Македонија, премиерот Заев мора да одлучи кој е неговиот шеф- неговите граѓани, или членките на клубот во кој сака да се зачлени? Доколку се одлучи за првото, тоа не значи дека автоматски се отфрла второто. Напротив, генерирањето на јавна поддршка со испорака на ветувањата за правда и одговорност ќе им даде на Заев и неговите сонародници поголема потпора, не само во однос на Европската Комисија, туку и во однос на граѓаните на земјите-членки на ЕУ кои на крајот ќе мораат да ја прифатат Македонија како сојузник и член- некои од нив и на директен референдум“. 
И Штафенсон вели дека „не ѝ завидува на Владата“. „Бидејќи која било Влада што ќе дојдеше на власт пред една година, ќе мораше да се соочи со низа екстремно тешки прашања кои не се задолжително врзани за ЕУ агендата: Македонија е сѐ уште една од најсиромашните земји во Европа, тоа е држава од која голем дел од населението од сите етнички припадности мигрираше последниве десетина години; тоа е држава која опасно заостанува во многу области, како на пример во здравствената грижа и образованието“, вели шведскиот амбасадор во Скопје.

Доколку амбициозните реформски напори во Македонија успејат, сѐ ќе им биде простено на бирократијата на ЕК и на владите на земјите-членки. Но, отстапувањето од сеопфатниот обид за реформи значи неуспех по дифолт и предавство на шансата која и беше дадена на владата. Тоа е изборот на Заев и оние кои навистина веруваат во реформи во Македонија. И не можат повеќе да го одложуваат, пишува Басинер во есејот објавен на страницата на „Кејблмагазин“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми