Дали кандидатите веќе се знаат?
16 јануари 2009Во моментов во трката за иден претседател на Македонија фигурираат имињата на четворица потенцијални кандидати. Дел од интелектуалците и челни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа професор Ѓорѓе Иванов, кој е прв официјален кандидат за номинација во оваа партија. СДСМ го предложи д-р Срѓан Керим, и тоа понудувајќи тој да биде заеднички кандидат на македонскиот политички блок, заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Според најновата анкета на ИРИ, Керим води како човек со најголем рејтинг и популарност кај граѓаните.
Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, кој е втор на оваа листа, најави независна кандидатура. Тој очекуваше поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.
Нано Ружин, кој беше амбасадор во НАТО и има големо искуство од Брисел, е потенцијален кандидат за претседател на државата за кој се одлучи лидерот на ЛДП Јован Манасиевски.
До трети февруари кандидатите за претседател треба да соберат по 10 илјади потписи и да бидат регистрирани во Државната изборна комисија. Изборите за шеф на државата се на 22 март, заедно со локалните избори.