1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали климатските промени нѐ убиваат?

Луиз Озборн | Џенифер Колинс
13 декември 2018

Справувањето со климатските промени ќе ги намали смртните случаи од астма, рак на белите дробови, срцев удар и други болести. Лекарите ја истакнуваат врската меѓу здравјето на планетата и човековото здравје.

Polen COP24 | Medizinstudenten
Фотографија: DW/J. Collins

Маж ги притиска градите, силно кашла. Покрај него, една жена ја става раката на челото и се онесвестува. И двајцата одат кај најблискиот доктор, молат за медицинска помош. Но, лекарот беспомошно ги крева рамената и поставува дијагнозата: климатските промени и - критично е.

За среќа, пациентите не се навистина болни. Тие се студенти по медицина, кои прават перформанс за да покажат дека глобалното затоплување веќе разболува милиони луѓе, без разлика дали е тоа последица на смог, порастот на тропските болести или неисхранетост поради суша.

И оваа бројка, велат тие, ќе продолжи да расте, освен ако преговарачите на климатската конференција на Обединетите нации што се одржува во Катовице, Полска (КОП24) не го позиционираат здравјето како тема од централна важност во активностите за справување со климатските промени. Нивните предвидувања, исто така, се потврдуваат и во научните истражувања, во кои се вели дека затоплувањето од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво би изложило дополнителни 350 милиони луѓе на топлотен стрес до 2050 година.

Но, Тарек Езине студент по медицина од Тунис и член на Меѓународната федерација на здруженија на студенти по медицина, вели дека влијанието на глобалното затоплување врз човечкото тело не добива доволно внимание во јавноста. „Ние би сакале да го ставиме здравјето како главна тема на сите преговори, бидејќи климатското прашање е здравствено прашање“, вели Езин. Тој, исто така, сака здравјето да се вклучи како индикатор кога земјите известуваат за нивниот напредок во емисиите на гасови.

Тарек Езине, студент по медицинаФотографија: DW/J. Collins

Навистина, некои во научните и медицинските области сметаат дека ако се поврзе она што многумина сѐ уште го сметаат за апстрактен еколошки проблем со личното здравје, човештвото може да се освести за длабочината на проблемот.

Да им се даде личен белег на климатските промени

„За некои луѓе борбата против климатските промени е нешто што далечно од нивниот секојдневен живот, нешто што е поврзано со животната средина“, вели за ДВ директорката на Светската здравствена организација (СЗО) за јавно здравје и животна средина Марија Неира.

И самата лекарка верува дека сѐ ќе се промени во моментот кога луѓето „ќе сфатат дека ова е поврзано со астма, со ракот на бели дробови, со мојот мозочен удар или со моето срцево заболување“.

Бидејќи истите човечки активности - како што е согорувањето на фосилни горива - кои предизвикуваат климатски промени, исто така убиваат луѓе. Справувајќи се со нив, меѓународната заедница би можела значително да го намали бројот на смртни случаи.

СЗО вели дека секоја година околу седум милиони луѓе ширум светот умираат прерано поради загадување на воздухот.

„Тоа е сосем горе на врвот на најголеми убијци што ги имаме“, вели Диармид Кембел-Лендрам, научник од СЗО и коавтор на специјалниот извештај за климатски промени и здравје ИПЦЦ 1.5.

Намалувањето на изложеноста на загадување на воздухот, исто така, ќе го намали товарот од трошоци за здравствени услуги, се вели во неодамнешниот извештај на СЗО за здравјето и климата.

Секоја година таквата изложеност ја чини глобалната економија околу 4,48 билиони евра, што е приближно иста сума која владите ширум светот заедно ја трошат за здравствените системи.

Фотографија: Reuters/J. Lee

Секој е погоден

Земјите во развој се најтешко погодени и се соочени со најголем ризик за смртни случаи и здравствени проблеми поврзани со климатските промени, вклучувајќи неухранетост поврзана со суши и раст на болести како денге треска поврзани со поплави.

Кембел-Лендрам вели дека последиците од екстремни временски состојби, како моќен циклон, може да ја уназади економијата на некои држави и по неколку години, вклучувајќи и обнова на инфраструктурата на здравствена заштита која е уништена.

Но ниту побогатите региони не се имуни, вели Џени Милер, извршна директорка на Глобалната климатска и здравствена алијанса. Поради потоплото, повлажно време, се проширува територијалниот опсег на инсекти како комарците, кои пренесуваат заразни болести.

Згора на тоа, експертите прогнозираат дека Европа ќе биде под зголемен ризик од топлотни бранови, бидејќи 42 насто од населението е постаро од 65 години. Во 2003 година, рекордниот топлотен бран, кој се поврзува со климатските промени, предизвика 70 илјади смртни случаи на континентот.

Исто така и здравствените установи во индустријализираните земји можат да бидат неподготвени. Кога супер ураганот Катрина ги погоди САД во 2005 година, го прекина напојувањето со електрична енергија во болниците и ги остави пациентите без храна и вода со денови. Според Милер: „Тие болници не беа подготвени да се справат со таква поплава и таков ураган“

„Ако не ги ублажиме климатските промени, последиците од нив ќе ги преоптоварат нашите капацитети за прилагодување“, истакнува Милер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми