1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали коронавирусот ќе ги пишмани анти-ваксерите?

БГ /РТР
14 април 2020

Додека научниците и фармацевтските компании се во потрага по лек за коронавирусот, некои анти-ваксери веќе се подготвуваат за борба против потенцијалната нова вакцина.

Impfung COVID-19
Фотографија: picture-alliance/AP/T. Warren

Една американска мајка на три деца е долгогодишен член на „анти-ваксерска“ онлајн група: мала но гласна заедница која верува дека вакцините се опасна измама и одбива да се имунизира себеси или своите деца.
Но Ковид-19 ги менува нејзините погледи. Жената која сака да се идентификува себеси само како Стефани, наведувајќи страв од реакција на анти-ваксерите од нејзината група, вели дека сега е 50:50 во однос на вакцина доколку се пронајде адекватна за коронавирусот. 
„Дефинитивно размислував за тоа“, вели таа за Ројтерс, изразувајќи фрустрации што анти-ваксерската заедница ја минимизира сериозноста на пандемијата.
„Сите сме погодени од вирусот, училиштата се затворени, млади луѓе се во болниците, и тие се уште тврдат дека е ова измама“.
Додека научниците и фармацевтските компании се во потрага по лек за коронавирусот, некои анти-ваксери веќе се подготвуваат за борба против потенцијалната нова вакцина. „Одбивај, отфрлај“, вели еден Британец на Фејсбук во одговор на пост во кој се прашуваат луѓето како би реагирале доколку вакцината стане задолжнителна. 

- повеќе: Вакцини- факти и митови

Но некои виролози велат дека потрагата по вакцина е толку широко поддржана што отпорот нема да успее.
Последните анкети, се чини, ги потврдуваат ваквите ставови.
Истражувањата во Франција во 2018 година покажуваа дека 30% од граѓаните сметаа дека вакцините не се сигурни, а денес само 18% би одбиле вакцина за коронавирусот. Во Австралија таа бројка е 7%, а во Британија и Австрија уште пониска- 5%.
„Доколку вакцината утре биде на располагање, сите ќе потрчаат да ја добијат“, вели Лоран-Анри Вињо, ко-автор на историјата на француското анти-ваксерско движење.
Но со него не се согласува Мери Холанд, потпретседателка на американската непрофитна група Одбрана на детското здравје, која е критична кон вакцинирањето во САД.
„Мислам дека вирусот не ја менува суштински длабоката загриженост на луѓето за вакцините“, вели таа.

Објективна загриженост?

Иако терминот „анти-ваксер“ понекогаш се поврзува со конспиративни теории, многу луѓе едноставно се загрижени за нус-појавите или од индустриската етика. На глобално ниво, секој петти човек не ги смета вакцините за безбедни и сигурни, според истражување направено во 2018 година.
Во Кина, каде што се појави Ковид-19, истражувањата покажуваат дека безбедноста е важна причина за загриженоста. Неколку скандали ја намалија довербата, особено случајот од 2018 година кога фирма од Чангшенг фалсификуваше податоци за вакцина против беснило. 

- повеќе: Конспиративни теории против вакцинацијата

Онлајн дискусии на Фејсбук, Твитер, Јутјуб и организации за борба против вакцините покажуваат голема недоверба дека избрзаната вакцина би можела неправилно да биде тестирана. 
Такво беше искуството со пандемијата на свински грип во 2009 и користењето на вакцина произведена во 1976 година која кај 100 илјади луѓе предизвика синдром кој го парализира имунолошкиот систем.
Во моментов се развиваат околу 115 кандидати за вакцини за коронавирусот.
„Нема да дозволам да ми инјектираат ништо, а особено не избрзана вакцина“, вели Американката Вики Барнек која верува дека силниот имунолошки систем е доволна заштита од болеста.

Вакцинација - да или не?

02:45

This browser does not support the video element.

Гладни за вакцина

Проектот Доверба во вакцината во моментов спроведува 18-месечно истражување во кое ги следи онлајн дијалозите за коронавирусот и спроведува глобални анкети за да го измери односот кон социјалното дистанцирање, изолацијата, миењето раце и очекуваната вакцина. Од анализата на преку 3 милиони постови дневно меѓу јануари и средината на март, директорката на проектот Хајди Ларсон вели дека забележале голема надеж за третман.
„Луѓето се гладни за вакцина“, вели таа.
Во Италија, која беше тешко погодена од коронавирусот, анти-ваксерското движење речиси исчезна во дискусиите, вели вирологот Роберто Буриони.
За да биде ефективна вакцината против коронавирусот, ќе биде потребна широка примена и годишно вакцинирање, вели Џорџ Касианос, водечки имунолог на Кралскиот Колеџ во Лондон.
Но тука е и прашањето како вакцината доволно брзо да се дистрибуира до луѓето.
„Приоритет ќе бидат неопходните служби. Полицијата, здравствените работници, чистачите. Потоа и ризичните групи“, вели Даглас Хач, лекар од Сан Франциско чија специјализација е подготвеност за пандемии. 
„Додека да стигне до анти-ваксерите, тие ќе бидат на мака да ја добијат дури и да сакаат“, вели тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми