1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Дали македонските ученици ќе го добијат најдобриот модел?

12 август 2020

Србија планира хибриден модел - еден ден да се оди на училиште, а следниот ден онлајн настава. Бугарија се определи за настава исклучиво во училиште, а онлајн – само по исклучок и привремено.

Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Не стивнуваат прашањата и реакциите околу начинот на кој ќе се одвива наставата во учебната 2020/2021 година во земјава. Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука (МОН), и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести. Потоа врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот на наставниот процес во основните и средните училишта. Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера обелодени дека ставот на Комисијата за заразни болести е наставата да почне онлајн, освен во првите одделенија во кои е неопходно физичко присуство на децата.

„Стравувавме во оваа ситуација за наесен, кога не знаеме што може да нè чека и со што се соочуваме, дека ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија“, изјави Филипче.

Повеќе:Учениците од септември веројатно ќе останат дома

Тој потенцираше дека треба да се имаат предвид и ризиците за време на транспортот од и до училиштата, комуникацијата на децата за време на одморите, на влез во училиштето, во заедничките простории и ходниците.

Хибриден модел во Србија

Во соседните земји, кои исто така имаат високи биланси на заразени од Ковид -19, но и страв од есенски трет бран, ги финализираат планови кои се сосема различни од најавениот потенцијален модел во земјава. На пример, соседна Србија планира хибриден модел - еден ден да се оди на училиште, следниот ден онлајн настава, а соседна Бугарија планира настава исклучиво во училиште, а онлајн – само по исклучок.

Српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ, најави дека еден од моделите е часовите за учениците од прво до четврто одделение да се одвиваат во училиштата со сите заштитни мерки, а одделенијата да се поделат на 15 ученици. Часовите ќе траат 30 минути, учениците од прво до четврто одделение ќе имаат по четири часа дневно, а по секој блок на часови училниците ќе се дезинфицираат. Учениците од повисоките одделенија ќе одат на настава попладне, од 14 часот. Петтите, шестите и седмите одделение ќе имаат по пет часа во септември, а осмите - шест часа. Распоредот ќе се модифицира врз основа на неделни извештаи и искуства.

Ковид-19: Импровизирани прегради за безбеден училишен ден

01:04

This browser does not support the video element.

Заменик директорката на Институтот за јавно здравје на Србија, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, изјави дека основно е учениците и вработените во училиштето да доаѓаат ако немаат знаци на респираторна инфекција. До влегувањето во училиште сите треба да носат маска, може да ја симнат за време на наставата, а повторно да ја стават за време на одморите и движењето низ ходниците. Нема да има кабинетска настава, учениците нема да ја менуваат училницата. Ако кај кадарот во некој случај се појават симптоми, наставникот треба да ја прекине наставата. Ако се јават симптоми кај децата, тие треба да се обратат на наставникот, да одат во просторија за изолација и да бидат повикани родителите. Во Србија е предвиден и модел на целосна онлајн настава, но само за оние ученици кои од разни причини не ќе можат да следат настава во училиште.  

 Бугарија со настава во училиште

Бугарското министерство за образование и наука, не ја избра хибридната опција, во која наставата ротира - дел во училиште, дел онлајн, бидејќи е оценето дека тој модел е покомпликуван за наставниците. Но, секое училиште мора да има развиено и акциски план за настава од далечина („стратегија за префрлување“). Тоа значи дека е можно само привремено префрлање на онлајн настава, само ако во одделението или во училиштето е откриен случај на инфекција со коронавирус и тој вид настава ќе трае привремено, додека да заврши карантинот.

Повеќе:

Коронавирусот и училиштата: Како функционира тоа во Германија

Две училишта во Германија затворени по неколкудневна настава

Ковид-19: Катастрофа за цела генерација ученици

Учениците ќе влегуваат низ различни влезови, а со цел што помалку да се сретнуваат во ходниците и да се групираат за време на одморот, за сите наставата ќе почнува во различно време. На пример, за прво одделение во 7 и 45 часот, а 15 минути подоцна ќе започне часот за второ одделение. Истото ќе важи и за повисоките одделенија, со што часовите и одморот ќе се одвиваат во различно време, и ќе се избегне можноста да се сретнуваат во ходниците. Ќе има редовна дезинфекција на училниците и ходниците, известување на родители во случај на инфекција во училиштето, правила на дејствување кон ученик што пројавил симптоми, како и 5-минутен утрински разговор поврзан со коронавирусот: ќе се зборува за потребата и придобивките од дезинфекција, а внимание ќе се посвети на проблемите и емоциите на учениците во време на корона-криза.  

Како до ефикасна настава преку интернет?

01:21

This browser does not support the video element.

Температура ќе им се мери само на учениците кои покажуваат симптоми. Меѓу препорачаните мерки од Министерството за образование, се обезбедувањето на еднострани патеки по ходниците, одвојување одделни места за рекреација, носење маски за време на движење во ходниците. Секое училиште само ќе решава дали ќе организира родителски средби во училиштето или на дистанца. Ако се јави потреба од ПЦР тестови за ученици и наставници, тие ќе бидат бесплатни. Ако индивидуално ученик мора да отсуствува, на пример поради скршеница на ногата, тој исто така ќе може да учи од дома преку виртуелна училница, додека наставникот предава во вистинска училница. Ќе бидат обезбедени и дополнителни можности за совладување на пропуштен материјал во случај на акумулиран број отсуства.

Бугарското министерството за образование размислува да формира и „банка“ со резервни наставници на окружно и национално ниво, што би вклучувало дури и студенти, доколку се појави потреба од помош за образовниот систем, односно потреба од замена на болните наставници. Последните насоки на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите гласи дека учениците и наставниот кадар кои ќе поминат повеќе од 15 минути во училница со потврден случај на Ковид-19, треба да поминат двонеделен карантин. Во училишна средина таквиот контакт се смета за „близок“ и со висок ризик од заразување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми