1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Меркел ќе биде новиот „лидер на слободниот свет“?

БГ
16 ноември 2016

Изборот на Трамп за нов претседател на САД става поголема одговорност за одбрана на западните вредности и интереси врз Ангела Меркел, велат аналитичари, дел од кои ја прогласуваат и за нов „лидер на слободниот свет“

Berlin Bundeskanzlerin Merkel Pressekonfernez
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Иако во изминатава деценија Британија, Франција, Германија и САД во помалку или повеќе обединет фронт се справуваа со различни проблеми, од НАТО до одбрана на основните слободи, следните четири години би можеле да донесат далеку пофрагментирана слика.

За време на својата кампања, Доналд Трамп сигнализираше протекционистички и анти-имигрантски став, додека Британија е преокупирана со обезбедување на својата иднина надвор од ЕУ. Францускиот претседател Франсоа Оланд се бори со рекордно нискиот рејтинг во пресрет на изборите во мај на кои главен противкандидат би можела да му биде радикалната десничарка Марин Ле Пен.

Меркел, по 11 години на врвот, сѐ повеќе делува како единствен бранител на стабилноста и на либералната слобода меѓу западните сојузници.

„Меркел... одеднаш стана најважниот лидер во слободниот, демократски и либерален свет“, оцени левичарскиот германски весник ТАЦ.

Историчарот и колумнист Тимоти Гартон Еш се согласува со таквата оценка во текст за британскиот Гардијан. „Во искушение сум да кажам дека лидерот на слободниот свет сега е Ангела Меркел“.

Блискоста на Обама и Меркел

Наместо да ја посети Британија- природна станица за било кој лидер на САД со оглед на специјалните односи меѓу двете земји, американскиот претседател Барак Обама денеска пристигнува во Берлин во последното официјално патување во Европа, во потег што речиси наликува како предавање на „палката“ на Меркел.

Во пресрет на посетата, Обама рече дека Меркел „беше мојот најблизок меѓународен партнер во последните 8 години“. 

Обама ја прогласи Меркел за свој најблизок меѓународен партнер во последните 8 годиниФотографија: picture-alliance/dpa/EPA/M. Sohn

Впечатливата порака на Меркел до Трамп по неговата победа не им мина незабележано на аналитичарите- за разлика од нејзините колеги кои едноставно посакаа поблиски односи, таа ги поврза истите со почитување на демократските вредности.

Меркел дека рече дека „блиската соработка“ мора да биде врз основа на „вредностите на демократијата, слободата, почитувањето на владеењето на правото и човечкото достоинство, без разлика на потеклото, бојата на кожата, верата, полот, сексуалната ориентација или политичките уверувања“.

Забелешките укажуваат дека германскиот лидер веројатно ќе го прифати- можеби и неволно- плаштот на „лидер на вистинскиот, преостанат запад и го потсетува Трамп на овие вредности“, оцени Ди Велт.

62-годишната Меркел ја нема ораторската способност ан Обама, но нејзиниот глас сѐ посилно се слуша на светската сцена.

Познавањето на рускиот јазик и беше добредојдено во преговорите за украинскиот конфликт со Путин. Додека повеќето европски држави ги затвораа граници за бегалците, таа прими речиси 900 илјади луѓе минатата година- потег кој Трамп го оцени за „налудничав“.

Повлекување на „светскиот полицаец“

Експертот за европски интеграции и надворешна политика во фондацијата Бертелсман, Штефани Вајс вели дека САД започнале да се повлекуваат од улогата на „светски полицаец“ по раководство на Обама и и препуштија поголема одговорност на Европа.

„Ова е тренд кој веројатно ќе зајакне и ќе се интензивира под претседателство на Трамп“, вели таа. Останува да се види дали Меркел ќе успее ефективно да ја турка својата агенда на глобалната сцена, доколку Трамп, како лидер на најголемата светска економија, усвои спротивставени политики во однос на миграциите, климатските промени и санкциите кон Русија.

Ангела Меркел и Владимир ПутинФотографија: imago/ZUMA Press

Иако има економска тежина, политичкото влијание на Германија останува ограничено, а државата не е ниту постојана членка на Советот за безбедност на ОН.

Меркел е во моментов „веројатно најсилниот лидер во либералниот свет, но нема да може да прави сѐ сама“, вели Даниела Шварцер, директор на тинк-тенкот ДГАП.

Набљудувачите велат дека победата на Трамп ја довела Меркел пред императив да ја прогласи својата  кандидатура за четврти мандат на изборите следната година, и со тоа да му понуди на Западот зрак надеж.

„Таа покажа дека е многу ангажирана во одржување на заедништвото на ЕУ... таа задача е уште поголема сега одошто пред изборите во САД и сметам дека таа можеби ќе смета дека работата не е завршена“, вели Шварцер.

Изборот на Трамп ја зголеми популарноста на Меркел. Пред ноември, само околу 44 проценти од Германците сакаа да Меркел да остане канцелар. Анкетите од минатата недела покажуваат поддршка од 60 проценти.

Франс Прес

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми