1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Моравјецки ќе ја извлече Полска од изолација?

Паул Фликигер
8 декември 2017

Оставката на полската премиерка Шидло беше неочекувана. Сега од досегашниот министер за економија, Моравјецки, се очекува да ги подобри меѓународните позиции на Полска.

Polen Beata Szydlo Mateusz Morawiecki
Фотографија: Imago/Zuma

На оставката на полската премиерка Беата Шидло ѝ претходеше несомнено политички најнервозниот ден откако пред околу две години деснопопулистичката партија Право и правда, ПиС, ја презеде власта во земјата.

Иако Беата Шидло го преживеа гласањето за доверба, иницирано од либералната опозициска партија Граѓанска платформа, сепак на крајот не можеше да го издржи силниот притисок. Тој се акумулираше со недели, откако Шидло уште на крајот на октомври најави владина реконструкција.

По долги шпекулации, синоќа конечно падна одлуката: Шидло треба да биде заменета од полскиот моќен министер за економија и вицепремиер, Матеуш Моравјецки. Промената е рамна на сензација. На поранешниот банкар одамна му се припишуваат големи лидерски квалитети, постојано се вршеше проширување на неговото министерство и дополнување на неговите компетенции. Сепак, меѓународно не сосем непознатиот Моравјецки се смета за прилично независен мислител, потенцијално опасен и за полскиот моќник, шефот на ПиС, Јарослав Качински.

Амбициозниот досегашен министер за економија, Моравјецки, нов премиерФотографија: Reuters/Agencja Gazeta/Patryk Ogorzalek

Со Шидло тоа воопшто не беше случај. Се чинеше дека таа често е интелектуално преоптоварена со својата функција, што посебно доаѓаше до израз на самитите на ЕУ. Затоа пак, ја биеше глас дека му е исклучително покорно верна на својот партиски шеф. Можеби Качински сега се надева преку нејзиниот наследник да ја пробие  растечката меѓународна изолација на Полска.  Зашто, Моравјецки го претставуваше и „пријатното лице на ПиС“, што не можеше да се рече за ретко насмеаната и склоната кон крајна непопустливост Шидло. Сепак, анкетите на јавното мислење покажуваат нејзина омиленост кај гласачите, додека секој петти Полјак досега не чул за Моравјецки. Но, тоа сега ќе се промени. Уште во следниот вторник овој економист ќе ги преземе премиерските должности. Неговиот кабинет пак ќе биде реконструиран дури по Нова година.

А Шидло? „Наша желба е таа и натаму да има важна улога во владата“, изјави портпаролката на пратеничката група, Беата Мазурек, погрижувајќи се на тој начин за продолжување на шпекулациите околу владината реконструкција. Според инсајдерски информации, Шидло треба да стане вицепремиер, но нејасно е во кој ресор. Наводно, се споменува министерството за социјала. Одредена улога околу идниот владин состав има и полскиот претседател Анджеј Дуда. Не е никаква тајна дека Дуда најрадо би сакал смена на спорниот министер за одбрана, Антони Мациеревич. Дуда, според уставот главен заповедник на оружените сили во мирнодопско време, константно е во конфликт со самоуверениот пријател на Качински. Ниту министерот за правда Жбигњев Цибро не е по волја на Дуда. Двајцата студирале заедно право во Краков и одамна се во конкурентска трка. Но, крајниот збор за физиономијата на идната полска влада ќе ја имаат партискиот шеф Качински и премиерот Моравјецки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми