1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ВМРО-ДПМНЕ подготвува контрапротести?

Катерина Блажевска7 мај 2015

Протестите против полициската бруталност и криењето на вистина за убиството на Мартин Нешкоски, како епидемија се шират низ Македонија, но се појавија први индиции дека наводнo се подготвуваат и контрапротести.

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Завчера почнаа во Скопје, вчера се проширија во Прилеп и Битола, а за вечерва се најавуваат и во Куманово, Струмица и Кавадарци. Протестите против полициската бруталност, криењето на вистина за убиството на Мартин Нешкоски и повикот за оставки од надлежните, како епидемија се шират низ Македонија.

Уште пред два дена, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за најавениот протест на 17 мај, изјави дека станува сé поизвесно оти во Македонија ќе се случи огромен сојуз и коалиција помеѓу граѓаните, не само партиите.

„Граѓаните се тие кои ќе бидат двигател на финализацијата на процесот за враќање на слободата и демократијата. Нашата борба не е за власт. Нашата борба е да ја вратиме слободата и демократијата, правдата, нормални институции, за фер и демократско право на сите граѓани да одлучат кој ќе ја добие честа во вакви тешки околности, да почне да ја враќа државата во нормала. Ова не е монополско право на СДСМ и на опозицијата. Ова е право и должност на секој граѓанин. Затоа ќе ги тргнеме зад нас партиските симболи. Нека бидат овде здруженија, граѓани, интелектуалци, синдикати.., секој е добредојден. Целта е на демократски начин, со прифатливи, модерни методи, достоинствено, со чекори на одговорни граѓани, да направиме масовен протест кој ќе биде мирен, ненасилен и ќе испрати порака за поинаква Македонија“, рече Заев.

Власта смета дека насилството го произведува само опозицијатаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Се прават списоци?

И додека демонстрантите обвинуваат дека нивните спонтани протести биле дочекани со насилство од полицијата, власта смета дека насилството го произведува само опозицијата. Премиерот Груевски, кој вчера имаше настап на телевизиите „Канал 5“ и „Сител“, завчерашното постапување на полицијата го оцени како „крајно професионално“. Тој обвини дека зад протестите стои СДСМ и дека целта на Заев е насилно да дојде на власт, што е карактеристика за еден слабак. Со оценка дека целта на опозицискиот лидер е да креира дестабилизација во земјата, Груевски апелираше до граѓаните да не наседнуваат на провокации. Запрашан за протестот на 17 мај, премиерот изјави: „Постојано добивам пораки со револт, зошто не дејствуваме пожестоко, зошто не се организираме вака или онака. Дури слушам почнале да се самоорганизираат, да прават списоци и така натаму. Тоа не треба да се прави, треба да се биде смирен, мудар, разумен, да не се влезе во играта на Зоран Заев, кој сака да го закрви народот и насилнички да освои власт“.

Но, токму вчера, медиумите објавија допис од Општинскиот комитет (ОК) на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, во кој, од претседателите на месните комитети се бара „да најдат луѓе од најголема доверба, кои ќе формираат екипи што ќе бидат достапни на располагање 24 часа, за организирање контра-протести во секое време и на секое место“. Списоците со тие лице треба лично и тајно да се достават во ОК.

Според аналитичарите, не е тешко да се прогнозира дека ако се реализира такво сценарио, земјата многу брзо може да биде втурната во граѓанска војна.

Функционери од ВМРО-ДПМНЕ не се достапни за разговор на оваа тема. Партиски членови велат дека „штабовите наистина работат турбо“, дека „сигурно се подготвуваат некакви активности“, но тврдат дека до сега до нив не стигнале конкретни инструкции.

„Можеби е рано. Според досегашното искуство, со цел да не 'протече' планот во јавноста, нас, 'обичните членови' вообичаено не информираат 24 часа пред одредена активност“, вели член на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

И репресијата мобилизира!

Состојбата во моментов е толку неизвесна, што никој не може да предвиди какви димензии може да добијат протестите и дали ќе има контраодговор на нив. Според политологот Ненад Марковиќ, евидентно е дека аудио-снимките врзани за убиството на Мартин Нешкоски предизвикаа револт кај дел од граѓаните, кои тој револт за првпат од објавувањето на „бомбите“ го изразија јавно и во релативно голем број. Без да навлегува во анализа што е кажано на аудио-снимките и како е контекстуализирано, смета дека е факт оти револтот кај јавноста е огромен, поголем и по аудио-снимката која до овој момент предизвика најмногу емоции, а тоа е случајот 'Бошкоски'.

„Овој револт лесно може да биде и зголемен, ако најавените аудио-снимки кои се однесуваат на случаите 'Смилковско езеро' и 'Младенов' содржат материјали кои се контроверзни или откриваат одредени непријатни моменти врзани за случаите. Во оваа смисла, најавениот протест на опозицијата и неговата масовност многу ќе зависи и од она што ќе се слушне на овие снимки“, вели Марковиќ.

Ако протестите кои се случуваат во моментов, врзани за “случајот Нешкоски“ се некаков лакмус-тест за понатаму, според него, незадоволството нема да запре туку ќе се зголеми, но точната бројка на оние кои би излегле на протест е тешко да се предвиди.

Репресијата врз демонстрантите може да има ефект на дополнителна мобилизација, велат аналитичаритеФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Tanurovski

„Тешко е да се предвидат и интензитетот и динамиката на протестите со оглед на тоа што овие параметри зависат од многу фактори: од организацискиот капацитет на опозицијата, кој во овој момент е непознаница за многу луѓе, од излезноста на други групи незадоволни граѓани кои би се солидализирале, од временските услови и т.н. Исто така, власта може да влијае преку активно спречување на омасовување, пред се од внатрешноста, но и со политички маневри кои би можеле во одредена мерка да го дифузираат незадоволството. Пред се, мислам на реконструкција на Владата и смена на министри и функционери кои најексплицитно се посочени во снимките, како што се Јанкулоска, Мијалков, Јанакиески или Ставревски. Иако времето е кратко, ваквиот потег не е невозможен, иако е поверојатно дека би се случил по протестот на опозицијата. Она што останува нејасно, а донекаде и плаши, е што ако протестите ги надминат очекувањата и се тргне на сценарио на 'освојување' на институциите. Ова е секако најголема непознатица која отвара дилеми чии исход може да биде и драматичен. Сепак се надевам на мирни и цивилизирани протести и каква-таква политичка разврска на кризата, со оглед на тоа што правна разврска, ми се чини, е невозможна, токму поради вмешаноста на многу институции во крајно непријатниот контекст воочлив од снимките“, вели Марковиќ.

Но, и репресијата врз демонстрантите, може да има ефект на дополнителна мобилизација за протести. Комуникологот Петар Арсоски, во неговата анализа за тоа зошто едни протести се успешни, а други не, оценува: „Доколку протестите имаат автентичност, решителност и симпатија, агресивните чинови на репресија на демонстрантите се често најдобар извор за натамошна мобилизација и енергија за ваквите движења, термин познат како 'политичко џиу-џитцу'. Во моментот кога репресијата се перцепира како неразумна, нехумана и дегутантна, што создава асиметрична ситуација, што се' поагресивни задушувачите, нивната сопствена енергија е всушност двигател на понатамошната мобилизација“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми