1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Обвинителството му ги врза рацете на Заев?

Катерина Блажевска4 февруари 2015

По ставот на Обвинителството дека „објавувањето на материјали коишто може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон“, останува нејасно дали ова значи и крај за „бомбата“ на Заев.

Фотографија: Petr Stojanovski

Објавувањето материјали коишто може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон, предупреди вчера (3.02) Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Ваквата реакција на обвинителството дојде откако снимка од разговор меѓу Груевски и Заев во премиерскиот кабинет беше објавена на видео-сервисот Јутјуб, а ја емитуваше телевизијата „Сител“. Снимката беше објавена како доказ дека во разговорот со Груевски лидерот на СДСМ како извор на доказите што ги има против против власта спомнал неименувана странска служба. По објавувањето на снимката и критиките до органите на истрагата заради нереагирањето на таквиот чин, вчера со соопштение се огласи Обвинителството.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно со своите овластувања ќе изврши проверки во врска со фактите и околностите под кои материјалите од средбата помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дошле до медиумите. Јавното обвинителство цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон. Затоа, предупредуваме веднаш да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција упати Барање до МВР на РМ да стапи во контакт со мрежата на којашто беше објавен материјалот за негово отстранување, како и отстранување на сите слични материјали кои би се појавиле во иднина“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

За кој член од законот е предупредувањето?

Ова соопштение делумно затвори едно, но отвори многу други прашања. Главното прашање е дали во вакви услови Заев воопшто ќе може да ја објави „бомбата“? Односно кои се тие „материјали коишто може да станат предмет на натамошната кривична постапка, а чие објавување е забрането и казниво со Закон“? Дали во нив спаѓаат и материјали кои не се поврзани со делото за кое Заев се сомничи, односно се однесуваат исклучиво на евентуални криминални активности на власта? Од обвинителството нема одговори на овие прашања, што беше причина со реакција доцна синоќа (3.02) да се огласи и опозицискиот СДСМ.

„Јавното обвинителство, со кусото соопштение за кое му требаше цел ден, потврди кривично дело во случајот со објавениот видео материјал на телевизија ’Сител’, од разговор во четири очи помеѓу Никола Груевски и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во кабинетот на премиерот. Дали соопштението на Јавното обвинителство кажува дека Груевски нарачал следење и прислушување на претседателот Заев, со тоа што обвинителството го спречи емитувањето на видео-материјалот? Бидејќи забрана за емитување видео-материјали може да има само ако се тие обезбедени со посебни истражни мерки. Јавното обвинителство треба да даде одговор дали Груевски нарачал следење и прислушување на претседателот Заев и по кој основ бил следен и прислушуван претседателот на СДСМ“, соопшти партијата.

Притоа, СДСМ го повика Јавното обвинителство да и‘ објасни на јавноста по кој член и на кој закон се однесува нивното предупредување во соопштението.

„Доколку Јавното обвинителство тоа не го прецизира, тогаш само ќе се потврди дека обвинителството за своето соопштение добило насоки од еден ист центар, што ги злоупотребува институциите на системот“, обвини СДСМ.

Снимка од разговор меѓу Груевски и Заев во премиерскиот кабинет беше објавена на видео-сервисот Јутјуб, а ја емитуваше телевизијата „Сител“

Дали криминал е државна тајна?

Според Мирослав Вуиќ, адвокат на Заев, ако се има предвид делото за кое се товари лидерот на СДСМ, тогаш објавената снимка на Јутјуб е еден од клучните докази.

„Таа снимка би требало да е класифициран документ и обвинителот прв морал да се праша кој располага со неговите докази, кој му бркнал во чантата, кој го зел и го објавил?“, изјави Вуиќ.

Тој смета дека Заев може да објави документи за кои тврди дека ги има, а се однесуваат на криминал на власта. Тоа, според него, не потпаѓа под членот 311, односно делото за кое го сомничат, ниту пак под шпионажа, како што погрешно толкуваат некои правници.

„Членот 316 се однесува на 'тој што државна тајна ќе ја соопшти, предаде или стори достапна на странска држава'. Дали криминали на власта сe државна тајна? Дали е 'шпионажа' нивно објавување пред домашната јавност?“, прашува Вуиќ.

Дел од правните експерти, пак, сметаат дека „целиот корпус“ докази со кој располага Заев може да се толкува дека потпаѓа под наводната „уцена“ упатена до премиерот, по што не е исклучено објавувањето макар и на мал дел од тој пакет да биде причина за негово апсење. Тие се согласуваат дека докази за евентуален криминал на власта не треба да бидат спречени да се објават, но посочуваат дека „тоа е целосно можно и пожелно во една правна држава, но за жал, Македонија се‘ уште не е тоа“.

Прстот вперен во грчката служба!

Во меѓувреме, аналитичари блиски до власта јавно во централните вести изјавуваат дека странската служба од која Заев сигурно ги добил материјалите „без дилема - е грчката!“ Провладините медиуми како поткрепа на оваа теза објавуваат дека единствено медиумите во Грција пишувајќи за случајот „Пуч“ се ставиле во одбрана на Заев, а премиерот Груевски го опишувале како диктатор. Притоа, домашни медиуми објавуваат и реакции од социјалните мрежи, во кои граѓани бараат „јавна егзекуција“ на „велепредавникот“ Заев.

На денот (31.01) кога беше објавено дека против Заев е поднесена кривична пријава за насилство кон државни функционери со цел уривање на уставниот поредок, тој на прес-конференција изјави дека материјалите со кои располага не ги добил од странски служби.

„Вистината е дека доказите што ги поседуваме, се добиени од службите во Република Македонија под контрола на Груевски и неколку поединци околу него, што е уште еден доказ дека системот на контрола на ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа. Во Македонија има чесни и одговорни луѓе кои си ја сакаат сопствената земја, луѓе патриоти!“, рече Заев.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми