Досега оздравеле повеќе од 300 илјади луѓе во светот заболени од Ковид-19. Дали се тие сега навистина имуни на вирусот? СЗО не сака да буди лажни надежи и е исклучително воздржана во врска со прашањето на имунитетот.
Реклама
Надежта на многумина во време на пандемија на Ковид-19 гласи: можеби веќе сум бил инфициран со коронавирусот без да почувствувам симптоми, или можеби сум имал само благи симптоми како во случај на настинка, но сега веќе не може ништо да ми се случи. Сега сум имун. На имунитет се надеваат и многу од болните кои оздравеле од болеста.
Но, експертите од Светската здравствена организација ги спуштаат ваквите големи надежи. Директорот на програмата за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, во Женева изјави дека се’ уште нема јасност дали оздравените пациенти од Ковид-19 се навистина имуни и ако е така - колку долго трае имунитетот:
„Би се очекувало едно лице кое има целосен одговор за имунитет со антитела да е заштитено на одредено време. Но, не знаеме колку долг е тој период на заштита. Би можеле да очекуваме соодветно траење на заштитата, но многу е тешко да се дадат оценки за новиот вирус. Би можеле всушност само да извлекуваме заклучоци од искуствата со други коронавируси, но дури и тоа досега е можно само во многу ограничена мерка.“
Иако бројот на оздравени пациенти се зголемува од ден на ден, досега едноставно нивниот број е премал. Во светот досега оздравеле околу 300.000 луѓе, вели Марија ван Керкове, техничка раководителка на СЗО за Ковид-19. Епидемиологот на прес-конференција пренесувана преку на интернет укажа на едно од првите истражувања за прашањето на имунитетот на оздравените:
„Постои студија објавена неодамна во Шангај. Се работи за текст кој се’ уште не е прегледан од вештаци. Таму е испитувана крвна плазма од 175 оздравени пациенти. Според истражувањето, од тие лица има такви со силна реакција на антитела, но дали таа реакција навистина значи и имунитет, тоа е друго прашање. Тоа е нешто што треба навистина подобро да го осознаеме, имено - што одговорот со антитела значи во смисла на имунитетот.“
Исто така, се покажало и дека одговорот со антитела воопшто не е ист кај сите оздравени.
„Во истата студија има пациенти кои не покажале воопшто никаква реакција со антитела. И, има пациенти кои имаат многу голема реакција“, изјави Ван Керкове.
Таа појаснува дека едноставно досега е познато премалку за иминитетот на оздравените пациенти. Но, научниците од цел свет се на пат да ги поврзат сознанијата од различни истражувања:
„Во моментов има низа студии кои ги истражуваат антителата со различни серолошки тестови. Кај некои од нив се работи за скрининзи, а за други се потребни лаборатории со голема безбедност за спроведување тестови.“
Штом СЗО ќе добие информации во врска со тоа, нив и ќе ги објави, уверува Ван Керкове. Во превод: во моментов едноставно нема доволно сознанија за имунитетот на оздравените пациенти.
Кои животни го пренесуваат коронавирусот?
Неодамнешна студија открива дека мачките можат да бидат заразени со Ковид-19, и можат да им го пренесуваат вирусот на други животни- во лабораторски услови. Кај другите домашни животни, ризикот е помал.
Фотографија: picture-alliance/F. Herrmann
Да се галат или не?
Истражувачите на Ветеринарниот институт Харбин во Кина открија дека коронавирусот може да се пренесува меѓу мачки. Домашните мачки исто така можат да го пренесуваат вирусот натаму на други животни, но тоа не е лесно, вели Хуалан Чен, водечки истражувач во студијата која беше објавена во журналот "bioRxiv" на 31 март годинава.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K-W. Friedrich
Без грижа
Но нема потреба од паника меѓу сопствениците на мачки, затоа што тие не се заразни долго време. Сепак, сопствениците на мачки со хронични болести, или постарите, треба привремено да ги ограничат контактите доколку мачките слободно го напуштаат домот. Здравите луѓе треба да ги мијат рацете откако ќе ги погалат.
Фотографија: picture-alliance/imageBroker
Кучињата се безбедни
За разлика од мачките, вирусот не може лесно да се реплицира кај кучињата, тврдат истражувачите. Оттука, слободно шетајте го и негувајте го вашиот пес.
Фотографија: DW/F. Schmidt
Кој кого заразува?
Оваа домашна свиња која шета низ улиците на Рим не треба да се плаши од кучиња. А и кучето нема потреба да стравува од својот забрефтан ривал. Ветерираните тврдат дека свињите не се сметаат за природен резервоар за коронавирусот.
Фотографија: Reuters/A. Lingria
Карантин за ласиците
Кај овие цицачи од групата Мустилида состојбата е поинаква. Хуалан Чен ги истражувал и ласиците и утврдил дека и тие го шират Ковид-19, исто како и мачките. Ширењето меѓу животните се случува преку респираторни капки. Истражувачите го пронашле вирусот во брисеви земени од грлото и носот на ласиците, но не откриле инфекција на белите дробови.
Научниците велат дека нема никаква опасност за одгледувачите на живина, како овој трговец во Вухан, Кина, каде беше откриен првиот случај на коронавирусот. Луѓето немаат за што да се грижат затоа што кокошките се практично имуни на Ковид-19, како и патките и другите слични видови.
Фотографија: Getty Images/China Photos
Кога луѓето се опасност за животните
Луѓето можат да се заразат од животни, но се случува и обратното. Четиригодишната малајска тигрица Надја од Зоолошката градина во Њујорк имаше позитивен тест на коронавирусот „Ова е првпат диво животно да се зарази од Ковид-19 од човек“, изјави главниот ветеринар на Зоолошката Пол Кале.
Фотографија: Reuters/WCS
Дали лилјаците се неправедно обвинети?
Лилјаците се сметаат за најверојатно преносници на Ковид-19, но ветеринарите веруваат дека во декември 2019 некое друго животно се јавило во Вухан како посредник меѓу нив и луѓето. Можеби ласиците или мачките?
Панголините се под сомнеж дека го пренесуваат вирусот. Истражувачи од Хонг Конг, Кина и Австралија го откриле вирусот во малезискиот панголин кој имал големи сличности со оној забележан кај човекот.