Дали разочараните републиканци ќе го сменат Трамп?
Карла Блајкер
19 септември 2020
Мал, но влијателен дел од републиканците водат жестока кампања против својот претседател Трамп. Многумина отворено говорат дека ќе гласаат за Бајден. Дали тоа може Трамп да го чини победа на изборите во ноември?
Реклама
Стејси од Аризона е во посета на Вашингтон. Кога ја здогледа новинарската екипа на ДВ пред споменикот на Линколн , почна да скандира „Трамп 2020" кревајќи ги победнички рацете во воздух. „Во минатото бев за демократите“, вели таа, но повеќе не е бидејќи демократите станале „социјалистички комунисти."
Вели дека под владеење на Трамп, САД станала побогата земја. „Даноците ми се намалени, а квалитетот на живот е зголемен," тврди Стејси. Но за Стејси од Аризона цел БМЛ е „терористичка организација“ слична на „Хитлеровите црнокошуљаши“. И се допаѓа тоа што под Трамп политичка коректност е непожелна. „Си ја сакам слободата. Ми се допаѓа тоа што можам да кажам се и го правам она што сакам," вели оваа жена.
Поделби во брачниот кревет
Трамп како заштитник на слободата и херој на обичниот човек од средната класа – таква слика шират републиканците на конвенцијата која трае од понеделникот. Конвенцијата на која кандидатот и официјално ја прифаќа номинацијата за претседателските избори се оддржува – исто како и минатонеделната на демократите - без масовни собири, но со многу говори кои се пренесуваат во живо.
И пред пофалбите упатени во говорите, од првата дама Меланија Трамп до потпретседателот Мајкл Пенс, поддршката на актуелниот претседател меѓу републиканците беше одлични 90%.
Но, исто како и кај демократите каде веќе не се сите воодушевени со Џозеф Бајден и во редовите на републиканците има тензии. Бизарен е примерот на брачниот пар Конвеј – Келијана Конвеј му е советничка на претседателот, додека нејзиниот сопруг Џорџ Конвеј, исто така републиканец, е еден од најжестоките критичари на Трамп и иницијатор на „Проект Линколн“ во кој преку спотови жестоко се напаѓа американскиот претседател.
Мината недела и двајцата поднесоа оставки на своите позиции со објаснување дека е поради семејни причини. Очигледно не е лесно во истовреме да се биде во брак на спротивставена страна на фронтовите во Републиканската партија.
Против претседателот се изјаснија и низа истакнати републиканци. Кон средината на август беше објавено соопштение потпишано од лица кои се претставуваат како „Поранешни републикански претставници за национална безбедност – за Бајден“. Тие тврдат дека Трамп е закана за безбедноста на Америка. Меѓу потписниците е и Џемс Кели кој под претседателот Џорџ Буш помладиот беше заменик на шефот на Стејт департментот.
Разорачаните менуваат страна
Кампања против Трамп води и Џо Волш, човекот кој неодамна на првите внатрепартиски избори во Ајова се кандидираше против Трамп, но доби само 1,1 одсто од гласовите.
Ова лето тој го иницираше движењето „Проект храброст“, повикувајќи ги републиканците во своето опкружување да водат кампања за Џозеф Бајден. Вели за тоа е потребна храброст. Еден од луѓето кои ќе го сторат токму тоа е Џек Шпилман од Мичиген, ветеран кој три децении ги поминал во армијата. Вели, цел живот гласал за републиканците, и минатиот пат гласал за Трамп бидејќи не ги поднесувал Клинтонови. Но, многу бргу се разочарал од твитовите на Трамп и неговата надворешна политика.
„Беше навистина страшно како ги остави Курдите на цедило," вели Шпилман за Курдите на северот на Сирија, кои беа главна поддршка во борбата против Исламската држава, но потоа беа оставени на турската инвазија. „Им го сврте грбот на нашите сојузници. И прави штета на нашата земја, а со тоа и на целиот свет."
Џо Волш е убеден дека токму разочараните републиканци може да го избркаат Трамп од Белата куќа. Вели доколку во клучните федерални држави се мотивираат само неколку илјади да гласаат за Бајден, Трамп ќе ги загуби изборите.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.