1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали светот учи да сака атомски бомби?

Петер Хиле
13 јуни 2022

Разоружување? Се чини минато! СИПРИ предупредува на нова светска трка во атомско вооружување во која Кина ита напред. Активистите против атомско вооружување се сè поосамени.

China Dongfeng-17 -Raketen
Фотографија: Pan Yulong/Xinhua/IMAGO

Секој вторник Рудигер Лансел седнува во автомобилот и оди до воената база Бухел во Рајнланд Пфалц. Овој 83- годишен мировен активист седи на камперско столче пред вратата и држи стража. Целта му е „оружјето кое се наоѓа во Бухел да се отстрани и уништи,“ вели тој во телефонски разговор за ДВ.

Во Бухел се складирани околу 20 атомски бомби, американски хидрогенски бомби од типот Б61, кои би требало да ги употреби германската војска во случај на напад. Лансел се бори против овој таканаречен договор за заедничко користење и споделување на атомското оружје.

Мировниот активист Рудигер ЛанселФотографија: Thomas Lohnes/Getty Images

Мнозинството Германци се „за“ бомбите да се чуваат

Пред само шест месеци изгледаше дека мировните активисти како Лансел во Германија се мнозинство. „Германија ослободена од атомско оружје“ како цел си ја поставија и партиите од новата владина коалиција. Но, по рускиот напад врз Украина и нуклеарните закани од Кремљ, се чини сето ова е минато.

Последната анкета на Ифратест-Димап нарачана од телевизискиот политички магазин Панорама на АРД, покажува дека во меѓувреме 52% од Германците се за тоа американските атомски бомби да останат во Германија. При слична анкета пред една година само 14% од испитаниците биле „за".

Учат ли Германците да ги сакаат овие бомби? И Лансел чувствува дека е така. „Секогаш кога седнувам, до моето столче ставам уште едно празно за да може кој сака да повели и да си поразговараме на темата. Но, досега никој нема дојдено да каже – да, во право си.“

Ново оружје за атомскиот арсенал

Од 2023 атомските бомби во Бухел треба да бидат заменети со нов модел на Б61 – 12. Оваа модерна бомба не само што може да се навигира до целта, туку и нејзината експлозивна моќ може да се прилагодува. Критичарите стравуваат дека оваа варијабилност може да го намали прагот на инхибиција за вистинска употреба на ова оружје.

Модернизацијата на атомските бомби ќе ја чини САД околу 10 милијарди долари. Германија пак инвестира милијарди евра во нови Ф35 авиони носачи за бомбите.

По децении на атомско разоружување, сега голем број атомски сили инвестираат многу пари во нови боеви глави и пропратни системи за нивна употреба како ракети, бродови, подморници и авиони. „Сите се активираа да си ги модернизираат арсеналите“ вели Ханс Кристенсен, експерт од мировниот институт СИПРИ и предупредува дека „земјите повторно влегуваат во трка за атомско вооружување“.

Новата атомска бомба Б61-12 е уште поопаснаФотографија: Randy Montoya/Sandia Labs/CC BY-NC-ND 2.0

Кина сака да влезе во првата „Атомска лига“

Една земја особено се издвојува. „Никој не го зголеми толку бројот на атомско оружје како Кина,“ вели Кристенсен за ДВ. „Не знаеме зошто е тоа така, од едноставна причина дека Кина не сака да зборува за тоа.“

Во изминативе две години Кристенсен преку сателитски снимки идентификуваше околу 300 нови изградени силоси во кинеските пустини, најверојатно наменети за складирање на балистички ракети. Но Кина нема коментар ниту на ова.

„Веројатно Кина стравува дека нејзиниот досегашен арсенал не би преживеал американски атомски напад,“ вели Кристенсен. „Можеби тоа е и реакција на фактот дека ракетната одбрана ќе биде подобра во иднина, па Кина сака да може да ги победи таквите системи со повеќе боеви глави,“ смета експертот. Во секој случај, едно е сигурно: претседателот Ши Џинпинг сака армија од „светска класа“ - и таа треба да биде опремена и со нуклеарно оружје.

Нуклеарно оружје со кое располагаат земјите - атомски сили

Започнува ли неконтролирана трка за вооружување?

Затоа би било важно Кина со меѓународни договори да се обврзе на максимален дозволен број атомско оружје, вели Кристенсен. „Кинезите досега ги отфрлаат сите вакви предлози и не беа заинтересирани за ова,“ вели експертот.

Наскоро, ниту САД и Русија нема да мора да се држат до ограничувањата. Тоа е затоа што договорот за „Нов почеток“, односно „Договорот за намалување на стратешкото оружје“ истекува во 2026 година. Од она што некогаш беше сеопфатен систем на договори за контрола на оружјето, „Нов почеток“ е единствениот преостанат елемент. Го ограничува бројот на стратешко нуклеарно оружје како што се ракетите со долг дострел.

„Со оглед на руската војна во Украина и еволуцијата на Републиканската партија во САД, тешко веројатно дека ќе има договор кој ќе го наследи регулирањето на оваа област“, смета Кристенсен.

Ова значи дека многу е веројатно оти ќе започне нова трка во вооружување меѓу Кина, Русија и САД.

„Но тоа важи и за многу динамични нови земји со големо вооружување како Индија, Пакистан и Северна Кореја“, стравува експертот на СИПРИ. Така заканата од атомска војна е значително поголема отколку пред една деценија. „Живееме во нова ера на нуклеарни ризици,“ предупредува Кристенсен.

Мутанти во Бајкалско Езеро

Овие ризици во моментов особено сликовито се опишани на руската државна телевизија. „Ако сè продолжи вака, само неколку мутанти во Бајкалското Езеро ќе преживеат“, изјави пред неколку дена ТВ водителот и гласноговорник на Путин, Владимир Соловјов. „Остатокот од светот ќе биде уништен во масовен нуклеарен напад“.

Се чини дека Русија сака да го одржи во живот стравот од нејзиниот огромен нуклеарен арсенал. Осмислен е за да ги спречи земјите од НАТО директно да интервенираат во војната за одбрана на Украина. Логика која гарантира дека ќе бидат неприкосновени и во  однос на другите земји, како што е Иран, а кои се стремат кон нуклеарно вооружување.

Свет без атомско оружје е многу далечна перспектива. Тоа му е јасно и на германскиот мировен активисти Лансел. „Тоа е како борба со ветерници“, вели тој. Како христијанин тој вели дека сепак е должен да се залага против ненасилство. „Не знам друг начин освен молитвата“, вели Лансел. Поради тоа ќе продолжи и понатаму да седи на столче пред портата во Бухел и да протестира против атомското оружје – тивко и веројатно сам.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми