1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Герхард Шредер пред судот на сопствената партија

15 јули 2022

Герхард Шредер вознемири многу сопартијци во СПД со неговото пријателство со Путин. Тие се обидуваат да го исфрлат од партијата уште од почетокот на руската инвазија врз Украина. Колку е веројатно тоа да се случи?

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер на крајот на 2021 година
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер на крајот на 2021 годинаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance/dpa

Ова е трет обид. Два термини во јуни пропаднаа поради болест на инволвираните. Денеска заседава огранокот на СПД во Хановер во однос на повеќе барања за исклучување од партијата на поранешниот канцелар Герхард Шредер.

Арбитражната комисија има добиено 17 вакви барања од различни општински комитети, вели за ДВ, претседателот на партискиот огранок Хановер, Кристоф Матерне. Сепак тој не очекува дека неделава ќе биде донесена одлука, бидејќи арбитражната комисија има рок од три недели за да одлучи по барањата.

Со ова повторно се враќаат фокусот веќе подолго време влошените односи меѓу СПД и нејзиниот поранешен претседател (1999-2004) и поранешен канцелар (1998 – 2005). Шредер кој е пријател со Владимир Путин уште од времето кога беше канцелар, веќе подолго време е предмет на критика поради неговиот ангажман во руски државни концерни. По руската агресија врз Украина на 24 февруари, четири локални партиски комитети побараа итно исклучување од партијата на во меѓувреме 78-годишниот Шредер. Потоа следеа и други со исто барање.

„Тешка штета“ за партијата?

Но, како е воопшто можно некој да се исклучи од партија? Тоа не е едноставно бидејќи големи се пречките за ваков чекор. Германскиот Устав има јасно пропишано дека „внатрешното уредување“ на партиите мора „да одговара на демократските принципи“. Законот за партиите кој првпат беше донесен во 1967 година и е од големо уставно значење, ги уредува понатамошните детали.

Законот меѓу другото предвидува дека исклучување на член може да се случи само во случај на намерно прекршување на статутот или значително прекршување на принципите или поредокот во партијата, со што и се предизвикува голема штета на партијата. Во Хановер, каде што живее Шредер и е член на локалниот партиски огранок всушност се работи за „процес за прекршување на партискиот поредок“. Најголемата казна за ова може да биде и исклучување, но, постои и можност исклучениот да поднесе жалба.

Владимир Путин и Герхард Шредер на саемот во Хановер во 2005 годинаФотографија: R. Jensen/dpa/picture-alliance

Во основа една партија не мора да ги прими сите коишто сакаат да се зачленат и може да одбие барање за членство. Но, не може лесно „да се ослободи“ од членовите. За да го спроведе ова мора да се докаже конкретно однесување кое и штети на партијата.

Па сепак, 17 локални партиски комитети сакаат да го исфрлат Шредер од партијата.

„Ова не е лесна работа и свесни сме дека процесот ќе трае, но ние сакаме да истраеме до крај,“ вели Али Каан Севинч за ДВ. Тој е претседател на партискиот огранок на СПД во Есен-Фронхаузен/Алтендорф. Сопартијците од срцето на рурската област беа едни од првите локални партиски комитети кои уште во март се јавија за збор против Шредер. Претседателството едногласно одлучи за негово исклучување од партијата, а потоа само неколку членови се изјаснија против, објаснува Севинч. Вакви реакции добиле по мејл или во коментари на фејсбук. Огромното мнозинство ја поддржало одлуката и „се израдувале“, вели тој. Според него соодносот на позитивни и негативни критики е 95:5.

Сепак многу специјализирани адвокати за партиско право го коментираат случајот Шредер воздржано. Постапка за прекршување на партискиот поредок „поради однесувањето кое нема никаква врска со партијата во потесна смисла, е проблематично,“ вели за ДВ експертот за партиско право Мартин Морлок. Во случајот Шредер се работи за неговата работа или пријателството со Путин,  посочува тој и додава дека “тоа нема никаква врска со партијата.“ Исто така не е исправно ако членството во една партија ја ограничува слободата на мислење или слободниот избор на работа.

Правник: партија не е монашки ред

Морлок нагласува: „Социјалдемократската душа не е вредност што ја штити Партискиот закон." Не мора целокупниот животен стил да се гледа “низ партиска призма” вели тој и додава дека “партијата е нешто различно од монашки ред”.

Генерално правникот ја гледа можноста за исклучување од партијата “како нужно средство за да може партии да функционираат”. Но, притоа се чува вредноста способност на партијата за работа и се работи за тоа дали резултатите од гласањата ќе бидат признаени или некој си припишува надлежности. Неговата оцена на постапката за исклучување од партијата: “Со години носи лош ПР за партијата, јас сметам дека тоа е глупост”. Познат пример од изминатите години е исклучувањето на Тило Сарацин, сенатор за финансии на СПД (2002-2009) во Берлин, кој во сѐ повеќе стручни прашања влегуваше во спор со партијата, која пак му префрлаше расизам и деснопопулизам. Во 2010 започна првата постапка и не беше успешна. Кон средината на 2020 трета иницијатива доведе до исклучување - бидејќи Сарацин се откажа од натамошни правни чекори.

Партиското седиште на германските Социјалдемократи во БерлинФотографија: Reuhl/Fotostand/picture alliance / Fotostand

Поглед во Википедија покажува дека од 23 „проминентни постапки за исклучување од партија" од 2000тата кои се наведуваат во онлајн енциклопедијата, десет се во рамки на СПД. Шредер не влегува во таа бројка.

Герхард Шредер опуштен

Екс-канцеларот според сопствени наводи „опуштено” гледа на барањата од СПД да го исклучат од партијата. „Сум и останувам Социјалдемократ", рече тој за неделникот „Шпигел“. Неговиот основен политички став нема да се смени. Неколу недели претходно најави дека ќе го напушти Надзорниот одбор на рускиот енергетски концерн Роснефт и дека не сака да биде номиниран за Надзорниот одбор на Газпром.

Ниту Шредер, ниту неговиот адвокат или блиски луѓе до него ќе учествуваат на состанокот во четвртокот. Таму најпрво ќе се разговара за ставот што го застапуваат подносителите на барањето. И Севинч ќе биде присутен. Претседателот на локалниот огранок во Рурската област смета дека мислењето на базата членови е одржано и по можниот крај на ангажманот за руските концерни:  „Вредностите на СПД, исто и одговорностите, да се биде солидарен со својата земја, тој ги предал."

Вчера во Хановер беа сослушувани подносителите на барањето. Комисијата има до три недели време да заземе став и да одлучи. Потоа следува двонеделен рок за приговор и можни последователни чекори на регионално и сојузно ниво.  Со други зборови: следи продолжение.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми