1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Дали Фејсбук за време на изборите ќе стане „Фејкбук”?

Давид Ел
3 мај 2019

Пред изборите за Европскиот парламент многумина стравуваат дека преку дезинформации може да се влијае на гласачите. Колку најголемата социјална мрежа е успешна во справувањето со тоа?

Symbolbild Facebook Social Media Fake News
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Објавата на „Реконквиста Нордшвабен“ од 10 април сѐ уште може да се најде на Фејсбук. Таму пишува „Зелените стартуваат автентично во кампањата за Европскиот парламент 2019” и под него се објавени фотографии од изборен штаб во Донауверт, каде има плакати: „Со сите средства против нацистите” и „Смрт за белиот, германски маж”. Тие секако се ‘фејк’ и со нив треба да се расипе угледот на Зелените и да се обесхрабрат нивните гласачи - плакатите физички беа отстранети уште истата вечер, но на Фејсбук ги има и натаму.

Оној што сака да го сподели споменатиот пост на Фејсбук добива предупредување дека „од Коректив и ДПА ги спорат податоците во нивната проверка на фактите”. Двете медиумски куќи се две од преку 40 партнери во Европа кои проверуваат спорни содржини кои се шират на социјалните мрежи.

Примерот од Баварија е само еден од многу. Така со дезинформации целно се пробува да се влијае на политичкиот став на граѓаните. Колку е тоа де факто ефективно сѐ уште нема валидни сознанија, но во најмала рака не може да се исклучи дека на изборите може да се влијае со кампањи. За четири недели граѓаните од сите ЕУ земји ќе избираат нов Европски парламент во чиј мандат ќе мора да се носат толку многу важни одлуки и ќе има толку важни настани, што со право се сметаат за одлучувачки за иднината на Унијата. Како база за дезинформации во фокусот е токму концернот Фејсбук кој го користат милиони Европејци.

Тешкото трезнење по изборите во САД

„Во темата влеговме релативно лошо, со претседателските избори во САД во 2016 година”, изјави со жалење Семјон Ренс од Фејсбук на една дискусија во Хамбург. Во меѓувреме и во извештајот на специјалниот истражител Роберт Милер се нотира дека руски чинители како Агенцијата за истражување на интернет (ИРА) го злоупотребувале Фејсбук во полза на, од руски аспект, поумерениот Доналд Трамп. Оттогаш Фејсбук направил тим со многу соработници за да се справува со пласираните дезинформации, вели Ренс, кој е задолжен како менаџер за јавни политики на Фејсбук за регионот на Германија, Австрија и Швајцарија. Предизвик било да се најдат вистинските партнери во поединечните земји.

Во Германија, на пример, германската сојузна Служба за безбедност на информатичката техника прилично брзо била сензибилизирана за темата, додека потрагата по вистинските партнери во другите земји се одвивала потешко.

Фејсбук-профилот на Европската комисијаФотографија: Facebook/DW/D. Pundy

Јасно да се објави кој и колку плаќа за партиско рекламирање

Дури и по неколкудецениското усогласување на стандардите во ЕУ, Европа е сѐ уште политички многу покомплексна од САД, каде од Калифорнија до Њујорк сѐ е усогласено.

„Ние имаме работа со целосно различни изборни системи во 28 земји членки“, вели Ренс на прашањето - зошто таканаречената рекламна библиотека беше активирана на само неколку недели пред изборите. Тоа е една од поголемиот број мерки со кои Фејбук сака на своите корисници да им олесни да ги разберат политичките интереси кои стојат зад содржината на платформата: кога политичките актери ќе ги вклучат рекламите, треба јасно да стои кој ги плаќа и колку чини тоа. „Ова е чекор во вистинска насока", вели Александер Зенгерлауб за време на дебатата. Тој ги истражува и анализира дигиталните дезинформации. „Сите сме возбудени како тоа ќе функционира.“

Повеќе: 

Моја Европа: Лажните вести го гаѓаат јадрото на ЕУ

Фејсбук отстрани 212 профили и страници од Македонија и Косово

Фејсбук поставува граници за аналитичарите

Сепак, партиски ориентираните и платени реклами се само една од многуте категории на политичка содржина и до повеќето од нив пристапот е ограничен. Иако, страниците кои шират дезинформации може поединечно да се анализираат. Но, тоа само по себе не е доволно вели Зенгерлауб. „Во кампањите со дезинформации, често не е јасно кои актери какви пораки праќаат." Тој бара пристап до сите јавни објави за научниците кои би им овозможиле систематски да анализираат поголем обем на податоци.

Фејсбук го ограничи ова по избивањето на скандалот во 2017 со Кембриџ Аналитика, кога личните податоци на милиони корисници беа злоупотребени. Во меѓувреме, Фејсбук, според истражувачите на Семјон Ренс, повторно овозможува пристап до вакви информации, иако не е јасно како се избираат тие истражувачи на кои ова им е овозможено. „Во пресрет на европските избори одиме со врзани очи“, се жали Александер Зенгерлауб. „Затоа ќе биде потешко да се утврди колку дезинформации се во оптек."

Уште потешко од Фејсбук и Инстаграм е следење на лажни вести кај третата ваква апликација Ватсап. „Ватсап е шифрирана од почеток до крај, и тоа значи дека податоците не се зачувуваат како кај Фејсбук“, вели преставникот на Фејсбук, Ренс.

„Многумина сметаат дека е добро кога зборуваме за заштита на податоци, но во однос на парламентарните избори одеднаш тоа го гледаат како закана." Потребна е една темелна дебата за да се разјасни односот меѓу безбедност и приватност. Пред претседателските избори во Бразил, на пример, Ватсап служеше како канал за ширење дезинформации, поради што оттогаш е ограничена функцијата за препраќање на пораки. Меѓутоа месинџерот во Бразил има различна улога отколку во Германија. „Ватсап не е толку важен во однос на европските избори", објаснува Ренс.

Дезинформации на улица: плакат против ЕУ во БудимпештаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Gorondi

Кој објавува лажни вести?

Манипулативни или лажни информации меѓу другото се постираат од лажни профили на наводно реални луѓе зад чии профили всушност стојат други лица. Фејсбук постојано брише вакви профили, посочува Ренс. Нема точна бројка на вакви профили поврзани со европските избори, но не треба да се имаат поголеми очекувања: „Никогаш нема да успееме да ги избришеме сите лажни профили од нашата страна."

Но, за жал, дезинформации се наоѓаат и во конвенционалните медиуми. Пример за тоа е во меѓувреме дискредитирано писмо на околу 100 пулмолози за опасноста по здравје од издувните гасови од дизел мотори, кое таблоидот „Билд“ го објави без да направат новинарска проверка. Дезинформации се шират и на улица - на пример анти-ЕУ плакати во кампањата на унгарскиот претседател Виктор Орбан. На крајот се работи за одговорноста на граѓаните, да не дозволат да бидат инструментализирани и критички да ги примаат информациите, и сами да решат кој на што ќе верува или нема. Тоа важи и за Фејсбук, но и офлајн.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми