1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

130910 CDU Richtungsdebatte

14 септември 2010

Ако сите партии се туркаат кон политичкиот центар, што ќе се случи со маргините на партискиот спектар и колку од тој простор може да покрие една партија, дури и ако е таа народна партија - прашања што ја мачат ЦДУ.

Логото на Христијанско-демократската унија

Мала група демонстранти собрани пред партиската централа на Христијанско-демократската унија држи плакат на кој има предупредување - да не се напушта христијанскиот профил на партијата. Тие се членови на подмладокот на партијата - Млада Унија, од Рурската област. Еден од нив, Јацек Шпендел, гледа нагоре, кон стаклената фасада и вели: „Христијанската порака, христијанските вредности, христијанската ориентација - од сето тоа има малку. Веќе не гледам разлики со СПД, или дури и со ФДП - сето е всушност едно исто и мислам дека така веќе не оди. Или господата горе ќе се разбудат, или ќе мора навистина да размислиме за нова партија.“

Партија со три корени

Вакви размислувања, во моментов, имаат многумина во рамки на ЦДУ. Не е првпат да се размислува за вакви работи откако претседателот Ангела Меркел ја насочи партијата кон „центарот“, но сега сепак, размислувањата се со нова жестокост. Ангела Меркел го брани својот проект - да се покрие што поголем дел од политичкиот спектар: „Сакам уште еднаш да потенцирам дека ние сме партија со три корени - либерален, христијанско-социјален и конзервативен. Не можеме да запоставиме ниту еден од овие три корени, сите три ни‘ ја даваат силата на народна партија. Мислам дека задача на ЦДУ е, меѓу другото, и да се грижи да нема партии со радикален карактер.“

Ангела Меркел ја насочи партијата кон „центарот“Фотографија: AP

Меѓу традиционалните вредности и новите стремежи

Курсот на Меркел кон центарот ја доведува партијата во позиција на болна шпага, зашто старите традиционални вредности не би требало да се напуштат, а избирачите на маргините - конзервативни, десничарски настроени или христијански насочени, би требало и натаму да гласаат за ЦДУ. Тоа не е едноставно. Тука е збогувањето од воената обврска, што ги лути конзервативците. Има нова дебата за интеграцијата, обоена во основата со непријателски тон кон странците, кој го иритира партискиот врв, но кај базата наидува на добар прием.

И тука е и лутината поради претседателката на Сојузот на протераните Германци од Втората светска војна, Ерика Штајнбах, позната личност од редовите на Унијата, која даде сомнителни изјави околу тоа кој е виновен за избивањето на војната. Штајнбах го напушти сојузното претседателство на ЦДУ и предупреди: „Ако се погледне кон соседните земји, се гледа - доколку нашите политичари не се подготвени да ги прифатат важните струења, претстои опасност од создавање нови партии.“

Партијата е во позиција на болна шпагаФотографија: AP

Дали ќе се основа можеби нова десно-конзервативна партија, можеби како во Холандија со Геерт Вилдерс? Кој може да ги задржи фрустрираните?

Профилот не е загубен

Она што недостига се конзервативни белези. Саксонскиот премиер Станислав Тилих, е еден од ретките за кои се верува дека би можеле да ја пополнат празнината: „Рецептот на една народна партија е во тоа таа да има членови од сите крила, и таков е случајот и со ЦДУ. Дури и ако одделни членови ја напуштиле партијата или се повлекле од политиката, тоа не значи дека партијата го загубила профилот.“

Тилих и неговите колеги во партиското претседателство зрачат со увереност. Сепак, истражувањата на јавното мислење на Емнид, како што пишува „Ноје оснабрикер цајтунг“, велат дека за основање нова конзервативна партија има стабилен избирачки потенцијал од речиси 20 проценти. Застрашувачка бројка за народната партија ЦДУ, која ионака постојано паѓа на рејтинг листите на доверба кај избирачите.

Автор: Хајнер Кизел/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми