1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Штипскиот Питагора остана без награда

ДТЗ /ДВ
4 февруари 2021

Ученик во основно одделение ги победи средношколците на државен натпревар по математика. Но, остана и без парична награда, но и без мотивација.

Mexiko Mexiko-Stadt | Leeres Klassenzimmer
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Pardo

Малиот Дамјан не знаел да зборува, а на помалку од двегодишна возраст веќе знаел да ги разликува броевите 2 и 12. Течно читал кирилица и латиница на неполни три години. Во неговиот роден Штип го нарекуваат „чудо од дете“ и  штипски Питагора. Далеку од очите на јавноста, тој со години наназад ниже успеси кои го радуваат и него и неговото семејство. Речиси и да нема натпревар на кој малиот математички генијалец не ја покажувал својата супериорност, па дури и пред повозрасните од него.
Поттикнуван и поддржуван во домот, но без институционална поддршка и поттик тој ја извојува и последната битка - ја освои државната награда на натпреварот по математика натпреварувајќи се со средношколци. Во нормални околности неговиот труд би би вреднуван и наградуван. За македонските институции, пак, тој е само основец кој победил во натпревар за средношколци. А, тоа е голем грев, според законите.

-повеќе на темата: Македонските ученици добија „единица“ по природни науки“ и „двојка“ по математика

Иако институциите, правдајќи се на застарени закони и правилници, се обидуваат да му ја одземат паричната награда, малиот Дамјан е морален победник. Тој ја разбранува јавноста, која не само што му нуди поддршка да истрае во борбата со заспаните институции, туку и покрена лавина реакции против закоравениот систем, кој ги негува просечноста, а го дестимулира талентот и желбата да се биде најдобар. 

Неговиот грев е што бил најдобар
 
Приказната за малиот математичар Дамјан во Штип изминативе години одвреме- навреме се појавуваше во дел од медиумите кои известуваа за неговите успеси. Се до вчера кога неговата мајка, математичар од која што ја има наследено љубовта кон оваа природна наука, не ја сподели веста дека иако победил, Дамјан Давков и неговиот ментор нема да добијат парична награда, бидејќи осмооделенецот победил на натпревар за средношколци!
„Еве како во Македонија се ценат талентираните ученици! Очигледно во законот нема предвидено вакво нешто. Да учествуваше за основно училиште, ќе му следуваше, а вака – Не! – реагира мајката, која го објави и решението потпишано од министерката Мила Царовска, со кое се известуваат дека барањето за доделување на парична награда за освоено прво место на натпреварот се одбива. 
Таа вели дека нејзината објава е реакција на апсурдноста. „Не станува збор за тоа дали ќе ја добие наградата. Но, доколку законот погрешно е толкуван, не е во ред. Доколку законот вели така, тогаш воопшто нема смисол, па нека си го сменат. Денес сме ние, утре истото ќе биде за друг ученик. Толку е“, објави Никица Давкова.
Објавата ја проследија бурни реакции на јавноста и масовно се споделува на социјалните мрежи. Граѓаните револтирано прашуваат дали ова е начинот на кој им се дава поттик на талентираните ученици во земјата, како може да се дозволи ученикот да доживее вакво разочарување и демотивација, како мисли државата да ги задржи младите и талентирани деца ако не го вреднува нивниот труд и знаење. 

-повеќе на темата: Заврши распустот за учениците- почнуваат реформите во образованието

„Без оглед на тоа како е постапено во случајов, иако е законски исплаќањето, сметам дека на овој начин се дестимулира влогот и желбата за научен напредок на ученикот. Ова покажува колку се негува интелектот кај нас. За жал“, пишуваат граѓаните на социјалните мрежи, револтирани што државата нема слух, ниту желба да им излезе во пресрет на талентираните деца. 

Комисијата му ја одзема наградата
 
Се започнало по успехот кој ученикот Дамјан Давков и неговиот наставник Кокан Радев од основното училиште ,,Ванчо Прќе” од Штип го постигнале на државен натпревар по математика. Како и многупати Дамјан покажал најдобри резултати во математиката која му е пасија од мали нозе. Му било дозволено да се натпреварува со повозрасни од него и да ги победи, но проблемот настанал кога институциите требале и да го верификуваат ваквиот успех. Одеднаш тој за нив повеќе не бил штипскиот Питагора на кој му нема равен, туку основец кој се натпреварувал со средношколци. Тој не само што влегол во светот на повозрасните, туку и победил во натпреварот со нив. И тука почнуваат проблемите. 
Комисијата извршила увид во доставената документација и утврдила дека ученикот и наставникот не ги исполнуваат условите за доделување на паричната награда за освоеното прво место на натпреварот. Образложението од Министерството за образование, потпишано од министерката Мила Царовска, наједноставно кажано, гласи: „Нема награда за ученикот оти натпреварот бил за средношколци“. Парична награда нема ниту за неговиот ментор, наставникот што го подготвувал осмоодделенецот за натпреварот, бидејќи бил наставник во основно, а не во средно училиште. Против решението може да се поднесе тужба пред Управниот суд во рок од 30 дена по приемот на решението.

Сите му нудат награди 

Откако се најдоа под критики на јавноста од Министерството за образование и наука најавуваат дека ќе го преиспитаат случајот во врска со постапката за доделување парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран самиот натпревар од страна на здружението на наставници, кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика. 

Министерката за образование Мила ЦаровскаФотографија: Gov. of the Rep. of North Macedonia

-повеќе на темата: Реформа на наш начин: Од вревата не се слушаат аргументите

„Несомнено дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, за жал законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. МОН веќе работи на законски измени со кои ќе ја зголеми достапноста за наградите, имајќи го предвид фактот дека во секоја генерација ученици има исклучителни таленти по одредени предмети и области. Продолжуваме да развиваме нови политики за поддршка на талентираните ученици, преку обезбедување на нови и дополнителни можности за развој на нивниот потенцијал“, ја образложува одлуката министерката за образование Мила Царовска. 
Малиот Дамјан ќе добие еднократна парична награда од 15.000 денари, од страна на Општина Штип, како и признание за почесен граѓанин на општината. Сограѓани исто така се нудат да го наградат момчето и неговиот наставник, со цел да му покажат дека го ценат неговиот труд и постигнатиот успех.

Место награда - демотивација

Образовниот систем во земјава изминатиов период беше мета на критки, откако основците почнаа да покажуваат слаби резултати на меѓународните натпревари и истражувања, по што министерката Мила Царовска најави реформи на образовниот систем. Целта, како што беше најавено, е учениците повеќе логички да рамислуваат, отколку да учат на памет. 

Но, граѓаните велат дека системот го прави токму спротивното, кога место да ги наградува, ги демотивира и на некој начин ги казнува оние кои што се подобри од другите. „Гениј во математика, државата го одбива затоа што бил основец. Ова е немање сенс за талентираните и надарени деца“, коментираат граѓаните на социјалните мрежи, кои бараат да се исправи неправдата којашто му е нанесела на малиот математички генијалец.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми