Даночниот рај Кипар во вртлогот на еврокризата
4 август 2012Софоклос Мусулос оди се’ почесто во својата продавница. Тој тука, во центарот на Никозија, осум години продаваше електрични апарати. Кризата во земјата започна минатата година и за кратко време дојде крајот во работењето.
„Луѓето повеќе не можеа да ги плаќаат зголемените трошоци за живот, многумина мораа да се задолжат, ние ги загубивме нашите потрошувачи и не можевме повеќе да нарачуваме стока, па моравме да ја затвориме продавницата“, вели трговецот Софоклос Мусулос.
По вина на поголемиот брат
Ова не е единствен случај. Според информации од едно кипарско здружение на претприемачи, секој месец се затвораат во просек по 60 фирми и продавници. Како што изгледа во кипарскиот главен град, така е и во другите делови во грчкиот југ од островот.
Пред самото преземање на претседателствувањето со ЕУ, Кипар беше фатен од вртлогот на еврокризата. Експертите сметаат дека за тоа пред се’ е одговорен поголемиот брат – Грција.
„Кипарскиот банкарски сектор во голема мерка се потпре на грчките банки. Поради кризата во Грција нашите банки не можат да ја поттикнат економијата со кредити“, истакнува финансискиот експерт Стелиос Платис
Сончевиот Кипар живее исто така и од туризмот. Но, кризата во секој случај е забележлива и тука. Само во февруари годинава резервациите паднаа за 11 проценти.
2013-та уште потешка
Кипар до сега се сметаше за даночен рај во ЕУ. Странските инвеститори, кои сакаат своите пари да ги вложат во Кипар, му се обраќаат на адвокатот по стопанско право Кипрос Хрисостомидес. Кризата ги вознемири инвеститорите. Финансиските посредници, како Хрисостомидес, се надеваат дека Кипар ќе може да ги задржи своите даночни бенефиции и по спасувањето од страна на ЕУ. Финансискиот посредник Кипрос Хрисостомидес вели:
„Во моментов корпоративниот данок е само 10 проценти и странските даночни обврзници не мораат да плаќаат данок на добивката. Можеби знаете дека Ирска по помошта ја задржа ниската даночна стапка, договорена со ЕУ. Затоа, верувам дека Кипар може да го добие истиот третман“.
Малите кипарски претприемачи, како Софоклос Мусулос, ја обвинуваат владата, затоа што со години ги преспала реформите.
„Кога ќе бидеме под фондот за спас, тогаш потрошувачката дополнително ќе се намали, а луѓето ќе имаат се’ помалку пари за трошење. Затоа очекувам 2013-та година да биде уште потешка“, истакнува Мусулос
И така поранешната продавница на Мусулос ќе остане уште долго време празна.