1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даночните инспектори во Германскиот фудбалски сојуз

ЖА/дв/дпа/афп/ртре3 ноември 2015

Германското обвинителство почна истрага против тројца врвни функционери на Германскиот фудбалски сојуз во врска со доделувањето на Светското фудбалско првенство во 2006 година. Спорна е исплата на 6,7 милиони евра.

Фотографија: picture alliance/dpa/F. von Erichsen

Во аферата околу доделувањето на Светското фудбалско првенство 2006 година на Германија, Германското сојузно обвинителство започна истрага против претседателот на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) Волфганг Нирсбах и неговиот претходник Тео Цванцигер. Службениците денеска (03.11) извршиле претрес на становите на Нирсбах, Цванцигер и поранешниот генерален секретар на ДФБ, Хорст Шмит. Повод за претресот кај тројката, која припаѓаше на Организацискиот комитет на Светското фудбалско првенство 2006, е сомнежот за даночно затајување „во посебно тежок случај“.

Освен тоа, претресена била и централата на Германскиот фудбалски сојуз во Франкфурт. Во фокусот се наоѓа дубиозната исплата на 6,7 милиони евра, која според ДФБ била уплатена на сметка на Финансиската комисија на ФИФА во пресрет на Светското фудбалско првенство во Германија. Според информации од Обвинителството, истрагата е во директна врска со оваа исплата. Нирсбах тврди дека преку оваа милионска сума Организацискиот комитет осигурал финансиска поддршка од околу 170 милиони евра.

Поранешниот претседател на ДФБ Тео Цванцигер неодамна зборуваше за постоење „црна каса“, сомневајќи се во исказот на Нирсбах, кој демантира постоење „црни пари“. ДФБ го отфрли неизреченото обвинение за купување гласови за доделување на местото домаќин на Светското фудбалско првенство.

Тео Цванцигер и Волфганг НирсбахФотографија: picture-alliance/dpa/F. von Erichsen

Лажна даночна пријава

Обвинителството сега ги сомничи Нирсбах, Цванцигер и Шмит за лажна даночна пријава за 2006 година, со што во „значителна мерка“ биле намалени уплатите на данокот. Исплатените 6,7 милиони евра биле прикажани како учество во трошоците во рамките на културна програма за Светското фудбалско првенство по намалена даночна стапка, „иако постоела друга цел и исплатата не смеела да биде пријавена по повластена даночна стапка“, истакнува Обвинителството.

Против тогашниот шеф на Организациониот комитет, Франц Бекенбауер, уште една централна фигура во аферата, засега, колку што е познато, не се води истрага. Долгогодишниот претседател на ФК Бајерн Минхен неодамна го прекина тврдиот молк и првпат призна грешка. „За да се обезбеди финансиска поддршка од ФИФА, се прифати предлогот од страна на Финансиската комисија на ФИФА, кој од денешен аспект, учесниците требаше да го одбијат“, изјави Бекенбауер минатата недела. Тој ја презеде одговорноста за овој чекор. Освен тоа, Бекенбауер најави подготвеност да одговара на сослушување пред екстерна истражна комисија на ДФБ.

И Тео Цванцигер, како што самиот наведува, се сретнал со екстерните истражители на Сојузот. ДФБ овласти стопанска консултантска куќа да ги разјасни спорните исплати. Интерните истраги меѓутоа ќе потраат неколку недели, се вели од ДФБ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми