1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Данска се простува од кешот

Кристина Редер/Ж.А.22 декември 2015

Безготовинското плаќање во Данска е се‘ попроширено. Данците не купуваат само покрупни работи со кредитна картичка, туку и поситни, на пример хотдог за по пат.

Фотографија: DW/C. Röder

И покрај студот и тмурното време, пред киоскот за хотдог во центарот на Копенхаген владее мешаница. Топлите виршли со краставица и кромид кај туристите се исто толку омилени како и кај Данците, кои работат во близина или се дојдени да купуваат. Андреас Сигсгаард продава сендвичи од пред една година. Веднаш штом муштеријата ќе ја изврши порачката, тој веќе знае на каков начин ќе плати: туристите вадат пари во готовина, Данците -кредитна картичка. Дури и поситните парични износи, како на пример околу 40 круни за хотдог, само по себе разбирливо тие ги плаќаат со картичка.

Мнозинството минувачи дури треба подолго да се помислат кога последен пат платиле нешто во кеш. „Со картичката е толку едноставно“, вели една жена пред сендвичарницата. „Јас веќе кај себе воопшто не носам пари во готовина“, објаснува еден маж. Тој има проблеми само при донациите во добротворни цели, зашто често нема кеш кај себе за да уфрли ситни парички во собирните касички.

Во другите земји - незамисливо

Во многу други земји, на пример во Германија, ова е се‘уште незамисливо. Секој кај себе носи пари во кеш. Освен тоа, многумина стравуваат од надзор над нивните лични финансии. Безготовинското плаќање е навистина практично, но претежно како средство за намалување на банкарските трошоци и поголема заработувачка на финансиските институции, аргументираат критичарите.

Апликација за плаќање со мобилен телефонФотографија: DW/C. Röder

На најголем дел од Данците пак се чини не им пречи тоа што банките точно знаат кој кога и што купил: „Мора да се има доверба во банките и сепак да се внимава“, вели еден друг минувач со кого разговаравме на оваа тема. Зашто, и онака не постојат перфектни системи, а безготовинското плаќање крајно има мношто предности. Ова мислење го споделува и продавачот на хотдог Андреас Сигсгаард: „Кога на крајот на денот ја затвораме сендвичарницата, треба да броиме помалку пари, тое е веќе поедноставување“. Освен тоа, продавачот се чувствува и посигурен што кај себе нема голема сума пари.

Трговците на мало форсираат дигитализирање

Поголемите продавници немаат вакви проблеми. Сепак, најголемиот број трговци на мало се за форсирање на дигитализацијата во трговијата. Данскиот дрогериски синџир „Матас“ на пример пред неколку месеци воведе плаќање со мобилен телефон во сите свои филијали: се скенира бар-кодот, се потврдува износот, готово е. На каса речиси не е можно да оди побрзо. „Сакаме да се ослободиме од парите во кеш“, вели Томас Гране, ИТ-менаџер на „Матас“. Ракувањето со пари во готовина, безбедносните мерки, сето тоа чини скапо. „Дефинитвно сакаме да го прогониме кешот, затоа сега воведовме и плаќање со мобилен телефонски апарат.“

Данците тоа го поддржуваат. Скоро секој трет Данец на својот телефон има инсталирано и користи апликација „Мобилпеј“, мобилно плаќање. Овој начин е омилен посебно за приватните парични трансакции: од смартфон до смартфон - помалите долгови меѓу пријателите за час се порамнуваат.

Фотографија: DW/C. Röder

Плаќањето во готово со години драстично опаѓа

Развојот веќе е иреверзибилен: пред 20 години Данците дури 80 проценти од своите купувања се‘уште ги вршеа со пари во кеш, денес тоа се помалку од 25 проценти. Данските продавници кои не продаваат прехранбени производи можат наскоро да добијат дозвола да не мораат да примаат пари во готово. Во соседната Шведска на многу места тоа е веќе дозволено. Таму на вратите на продавниците виси укажување: „Не примаме пари во кеш“. Политичарите и Централната банка планираат во нивната земја до 2030 година да нема веќе пари во кеш.

Но Хуго Фреј Јенсен, шефот на Данската централна банка, не сака да се обврзе со конкретен датум: „Ние сме обврзани да ставиме во оптек количина пари во готовина според потребите на населението и стопанството, па тоа и го правиме.“ Од другастрана, според него е важно „да се има ефикасен и сигурен систем на плаќање.“ За мала земја како Данска е важно да ги намали трошоците и да го унапреди дигитализирањето.

И во киоскот за хотдог во Копенхаген размислуваат да воведат плаќање со помош на мобилен телефон. Но, една мала каса за плаќање во готовина сигурно ќе мора секогаш да остане - за туристите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми