Дански Алкатраз на Косово
14 мај 2022„Странците кои во Данска се правосилно осудени на затворска казна и дополнителна депортација во своите земји на потекло, би требало во иднина да ја служат казната на Косово", пишува германскиот весник Фракфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), и додава дека тоа е „предвидено со договорот кој на крајот на април го потпишаа владите на двете земји".
ФАЦ пишува дека тоа е „јасен сигнал" за странците кои сториле кривично дело со решение за депортација. „Вашата иднина не е во Данска, така што таму не треба да ја служите ни вашата затворска казна."
Затвореници во замена за соларна енергија
Во текстот се нагласува оти Копенхаген и Приштина уште во декември 2021 година потпишале декларација за намерите за трансфер на затвореници. „Договорот ќе важи пет години со можност за продолжување за уште половина деценија. Косово за тоа време од Данска би требало да добие 210 милиони евра", пишува весникот и напоменува дека Косово планира голем дел од овие средства да ги вложи во „ширење на обновливи извори за енергија". „Значи, затвореници во замена за соларна енергија."
Франкфуртскиот весник ги пренесува наводите на власта во Приштина, кои велат оти на Косово се празни 700 ќелии. Се нагласува дека тоа го потврдуваат и независните институции. Тоа на пример се споменува во извештајот на „Комисијата за превенција од тортура и нехумано или понижувачко однесување", на институциите при Советот на Европа.
На Косово нема тортура
Се напоменува дека делегација на комитетот на крајот на 2020 година извршила инспекции на Косово и заклучила дека пренаселеноста не е проблем во косовските затвори. Исто така, се дошло до заклучок оти „на Косово нема политички затвореници и дека таму нема тортура, за разлика од Русија или од Турција, која е членка на Советот на Европа".
Авторот на текстот во ФАЦ, Михаел Мартенс, се прашува зошто затворите на Косово се празни? „Злонамерните, можеби би можеле да тврдат, дека косовските затвори се празни, бидејќи домашните криминалци се ионака во западна Европа."
Но, Алибан Муриќи, советник на косовската министерка за правда, за ФАЦ ја објаснува позаднината. „Пополнувањето на местата имаат врска со лошите планирања на претходните влади. Пред 5-6 години нашите затвори беа пренатрупани. Тогаш се изградија уште два затвора, секој со капацитет од 650 затвореници. Како резултат на тоа, се создадени повеќе затворски места отколку што на Косово, со популација од помалку од 2 милиони луѓе, всушност е потребно."
Условите дански, платите косовски
Во текстот пишува оти еден од новите затвори се наоѓа во Гнилање, град на истокот на Косово во близината на границата со Србија и со С. Македонија, кој има 300 притворски места. Според договорот со данската влада, во иднина ќе се користи само за затвореници префрлени од Данска. „Раководството во затворот и неколку раководечки лица ќе дојдат од Данска, но поголемиот број од затворските службеници, околу 200, ќе бидат Косовци", објаснува Муриќи за ФАЦ.
Весникот споменува дека локалните службеници ќе имаат плати како и останатите граѓани на Косово за да се „спречи завист". „Но, затворениците ќе бидат третирани според данското право и данските правила."
Така, затворот во Гнилање ќе биде еден вид данска енклава на Балканот, само со косовски персонал. А, дека ова не е единствен случај, весникот ги споменува примерите на Белгија и на Норвешка, кои неколку години изнајмуваа ќелии во Холандија, за да успеат да ги сместат своите затвореници.
Како затворениците ќе примаат посета?
ФАЦ, исто така, се прашува како ќе се регулира правото на затворениците на посета. Бидејќи, „според европските конвенции, затворениците треба да бидат сместени во близина на своите роднини за да не се гледаат самите како општесвени аутсајдери, и да имаат мотивација за рехабилитација. Од гледиште на Копенхаген, меѓутоа, овој аспект е изоставен во случај на данско-косовскиот договор, бидејќи затворениците кои ќе бидат префрлени на Косово се токму оние кои нема да бидат интегрирани во данското општество, туку трајно ќе бидат одалечени од него и депортирани".
Но, Муриќи во интервјуто за ФАЦ вели оти и тоа ќе се регулира и дека родните кои живеат во Данска ќе можат да доаѓаат на посета, но секако не на неделно ниво. „Но, тие би можеле секои 2 месеца да дојдат на по 3 дена." Тој нагласува оти за средбите на затворениците и роднините ќе бидат изградени „посебни објекти". „Дали овие правила ќе поминат на Судот за човекови права, и кој ќе ги плаќа трошоците за патувањата, се прашања кои Косово препушта нив да ги одговори данската влада."
„Сè што е поврзано со депортациите мора да се направи од Данска“
Весникот додава дека Муриќи е многу јасен за едно друго прашање. „Некои од изјавите на данската влада за договорот може да се сфатат како да значат дека Данска префрла странски криминалци на Косово за никогаш да не ги пушти да се вратат во земјата, оставајќи им на косовските власти да ги депортираат откако ќе им заврши притворот. Но, тоа не е така, јасно вели Муриќи: „Обврската за депортирање останува на Данска. „Косово не презеде никаква одговорност за тоа.“ Со други зборови, затворениците треба да се вратат во Данска од Косово пред истекот на казната. „Сè што е поврзано со депортации мора да се направи од Данска“, рече Муриќи. Тој посочува дека Приштина „посветувала големо внимание на тоа во текот на преговорите“, пренесува ФАЦ.
„Истовремено, договорот е временски ограничен и исмејувањето за „деловниот модел Алкатраз“, кој се воспоставува на Kosovo, советникот на косовската влада го отфрла како неоправданo.“ Муриќи вели дека договорот со Данска е „прв и последен од ваков вид“. Авторот го завршува текстот со констатацијата дека не е сигурно дали договорот ќе го добие потребното двотретинско мнозинство во косовскиот парламент.