1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Данците му испраќаат „многу важен сигнал“ на Путин

ЖА / агенции
2 јуни 2022

Граѓаните на Данска на референдум се изјаснија за учество на нивната земја во безбедносната и одбранбената политика на ЕУ. Резултатот е појасен од очекуваното, поради војната во Украина.

Dänemark I Referendum  über das EU-Verteidigungsoptimum
Фотографија: picture alliance / Ritzau Scanpix

Специјалнa регулатива на ЕУ за Данска, стара три децении, наскоро ќе припаѓа на минатото: на референдум околу 67 проценти од данските гласачи се изјаснија за укинување на т.н. одбранбена воздржаност на Данците од ЕУ, соопштено е официјално во Копенхаген.

Данска на овој начин испраќа „многу важен сигнал“ до своите партнери во НАТО и во  Европа,  но и до рускиот претседател Владимир Путин, изјави премиерката Мете Фредериксен.

„Ние покажуваме: кога Путин врши инвазија врз една слободна и независна земја, загрозувајќи ја стабилноста на  Европа,  тогаш ние ги збиваме редовите.“

Меѓу првите стигна честитката од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен: „Убедена сум дека и Данска и ЕУ ќе профитираат од оваа одлука“, напиша таа на Твитер.

Претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел напиша: „Луѓето во Данска донесоа историска одлука“.

Данска,  која е една од државите основачи на НАТО, членка е на ЕУ од 1973 година (во почетокот – Европска заедница). Но, во 1992 година речиси 51 процент од Данците го отфрлија Договорот од Маастрихт, кој покрај европска економска и монетарна унија, предвидува и заедничка надворешна и безбедносна политика.

Дури во вториот обид, во 1993 година, Данците го прифатија Договорот, но со редица специјални права за нив во него, меѓу кои и гаранцијата дека Данска не мора да соработува со другите земји-членки на ЕУ во прашања од одбранбената политика. 

Данска од таа причина не учествуваше досега ни во заедничките воени операции на ЕУ.

Агресорскиот напад на Русија врз  Украина од 24 февруари меѓутоа го промени ставот кај многумина Данци, исто како и кај владата. Фредериксен го најави референдумот само две недели по руската инвазија, а оттогаш социјалдемократската политичарка агитираше за укинување на специјалните правила. Единаесет од 14 дански политички партии ги повикаа своите приврзеници да гласаат со „да“ на референдумот. Негативен став имаа само две десноекстремни и една левоекстремна партија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми