1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Дарко Лешоски за ДВ: Се повлекувам од СВП!

16 август 2017

Се откажувам од претседателствувањето со УО на Струшките вечери на поезијата, но сум отворен за секаква помош кон враќањето на некогашната слава на оваа манифестација, соопшти во разговор за Дојче веле, поетот Лешоски.

Mazedonien Ohrid See
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Роден e во Струга на неколку стотини метри од мостот на поезијата, израсна во „државата Вевчани“, а прерасна во најчитаниот македонски поет на социјалната мрежа Фејсбук. Струшките вечери на поезијата никогаш досега не беа толку силно во фокусот на јавноста, како по неговото именување за претседател на Управниот одбор на оваа поетска манифестација. Главната критика се движеше најчесто по една линија: дораснат ли е за оваа функција, според годините и искуството? Дарко Лешоски внимателно и со респект ги ислуша сите критики - и добронамерните и злонамерните, и аргументираните и паушалните, и во разговор за Дојче веле ја соопшти неговата одлука.

„Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика.“

ДВ: Каква порака испраќате со оваа одлука?

Дарко Лешоски: Четврти јули бил некогаш „Денот на борецот“. По некоја случајност тоа е датум на моето раѓање. Слободата е најскапа, а онаа на говорот - нејзина додадена вредност! Искрено се заблагодарувам, пред сѐ, на укажаната чест, а потем и на сите искрени надежи, но и критики. Сметам дека дел од нив се издржани.

ДВ: Имаше ли издржаност во критиките дека со вашите 33 години сте премлад за да бидете претседател на УО на поетска манифестација, во држава која досега „израсна“ и премиери и министри помлади од 30 години? 

Дел од тие критики беа навистина конфузни - дека сум „поет собран од детска градинка“, но и дека младоста и староста се навистина неважни за квалитетите на една поезија, дарба, компетентност и личност. Нејсе, јас подеднакво ги вреднувам сите мислења, и дел од издржаните критики ќе бидат само една идна насока за моето подобрување. Јавното мислење го доби своето влијание.

Дарко ЛешоскиФотографија: Privat

ДВ: Какво е чувството сега, кога зад вас останува несудената функција во СВП и кога без товарот на критиките можете да зборувате за оваа манифестација?

Лично, убеден сум дека можев да им дадам нов мирис и да внесам нов ветер на Струшките вечери на поезијата. Кога некој прашува „ чуму“, запали свеќа во неговата рака, малку ветер ги чисти очите, еве вака!- напишал поетот Руми. Но, сепак почуствував дека ова мое убедување не се совпаѓа со некои мислења, кои ги почитувам, како што реков. Се разбира, без оглед дали сум дел од Управниот одбор  на Струшките вечери на поезијата, или не, без никаква двојба останувам отворен за секаква помош кон оваа манифестација и враќањето на нејзината некогашна слава која несоменено ја заслужува, пред сѐ, мојата родна Струга, а потем и нашата земја. Ќе се борам да се слушне гласот на различните поетики, а најмногу гласот на поетесите на овој фестивал. Ќе дадам сѐ од себе да ги слушнам стиховите на една млада Сабрина Бенаим, Варсан Шире и други. Mоите визии и мојата несебична помош ќе им бидат отстапени на сите актуелни или идни чинители вклучени во оваа манифестација. Претседател на Управниот одбор на Струшките вечери нека е некој што нема да се вика Дарко Лешоски, но некој што ќе се нафати да ја направи оваа манифестација онаква каква што заслужуваат сите искрени и вистински љубители на поезијата.

ДВ: Има ли некое прашање на кое поетот Лешоски досега не одговори?

Прашањата кои никогаш не ги одговорив, е од каде е инспирацијата за насловот на мојата последна поетска книга „..и тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека“. Инспирацијата беше од првата книга Мојсеева на Стариот Завет.

„Јаков го љубеше Јосифа повеќе од кој и да е свој син, зашто беше дете на неговата старост, и тој му направи шарена облека. А браќата, гледајќи дека таткото нивни го сака многу повеќе од сите синови свои, го замразија, така што не можеа убав збор да му кажат.“
Да, поезијата и поетските виденија некогаш се магични соѕвездија кои ни ги осветлуваат нашите животни патеки. Впрочем, духот на Бродски никогаш и не си заминал од мостот на поезијата на Струга. Им благодарам на сите за разбирањето на мојата одлука, а посебно на моите најблиски за поддршката и разбирањето.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми