Датум за преговори до крајот на годинава
13 март 2009Доколку се остварат предвидувањата на европратениците и Македонија добие датум за почеток на преговорите за членство до крајот на годинава, тогаш таа би можела да стане членка на ЕУ околу 2017-2020 година. Што се однесува, пак, до нерешенеиот проблем со името, дел од пратениците на Европскиот парламент сметаат дека ЕУ и нејзините земји членки не треба да останат целосно надвор и целосно неутрални.
Така портпаролот на групата на европските социјалисти, Јан Маринус Виерсма, смета дека за датумот за преговорите најверојатно ќе биде одлучено во декември. „Многу зависи од владата на Македонија да го направи, колку што е можно побрзо, она што го вети пред Европската Комисија. Само во таков случај ќе биде можно да се постигне оваа година согласност околу датум за почеток на преговори. Мислам дека во јуни ќе биде прерано, поради европските избори, но на декемврискиот самит ќе може да биде донесена одлуката за утврдување на датум за преговори“- вели Виерсма. Одлагањето на датумот за преговори, според многумина европратеници претставува неодржлива ситуација со демотовирачки ефекти за Македонија.
Преговорите не се уште членство
Известувачот за Македонија, Ерик Мејер, инсистира на фактот дека утврдувањето на датумот на преговори, па и самиот почеток на преговорите не значи дека Македонија ќе стане веднаш членка на Европската Унија. „Ние сме сé уште далеку од членството на Македонија. Па дури и преговорите да започнат денес, приемот би бил во 2017 година. Но, тоа може да биде така, само ако се започне сега. Не треба да се чека и со скрстени раце да се набљудува стагнацијата на која сме сведоци со години. Затоа ни е потребен напредок за Македонија да стане членка на ЕУ околу 2020 година.“
Проблемите да се решат во од
На забелешките дека Македонија не ги исполнила условите и дека постојат нерешени билатерални проблеми со земјите членки на ЕУ, посебно тој со името, Мејер е категоричен: „Потребно е да започнат преговорите и паралелно ќе бидат решени билатералните прашања. Јасно е дека чувствителното прашање за името нема да исчезне наеднаш. Преговорите можеби ќе траат шест години, период за време на кој може да се најде решение за името.“ Мејер тука потсетува дека преговорите со Турција започнале и покрај тоа што имало многу отворени прашања и се знаеше дека таа нема да стане веднаш членка на Унијата.
Европратениците се свесни дека Грција може со вето да го блокира членството на Македонија во ЕУ, оттука и формулацијата во усвоената резолуција дека нерешените билатерални прашања не треба да бидат пречка за пристапувањето во ЕУ и да имаат предност пред процесот на Европската интеграција.
ЕУ не може да остане по страна
Во април, во извештајот на шведската европратеничка Ана Ибрисагиќ ќе биде подетално прецизирано ова барање на Европратениците. Тоа е со цел да се изнајде нов процес, што ќе дозволи отворање на преговори, но јасно е дека треба решавање на билатералните проблеми пред членството. Во контекст на ова, Ханс Свобода мисли дека другите земји членки на ЕУ и институциите на ЕУ можат да се вклучат во решавањето на билатералните проблеми. „Ако станува збор за билатерален проблем меѓу земја членка и земја кандидат, одговорот е да. Тоа најверојатно ќе биде случај со проблемот меѓу Грција и Македонија, ние не можеме да останеме целосно надвор и целосно неутрални во овој проблем.“