Даут и Дане - најдобри (не)пријатели
19 август 2017Војната одамна е завршена. Даут остана жив. Го преживеа и пеколот Сребреница. По неколку години поминати во Шведска, се врати во БиХ. Прво во Бреза кај Сараево купи куќа, а подоцна се врати во своето Скелани на Дрина. Отвори фарма за крави, продава млеко и се занимава со земјоделство. Една вечер седна да испие кафе со друштво во кафуле, кога влегува еден човек, ги поздравува сите и седнува на соседната маса. Даут не можел да си верува на очите:
„Тоа е човекот кого го убив, му велам на своето друштво. Ми се смеат и велат: 'Како си го убил, гледаш жив е, оди.' Не можам да верувам и му приоѓам на туѓинецот,“ раскажува Даут.
„Јас те убив тебе“, му велам, а тој се смее и одговара: „Како си ме убил, кога гледаш дека сум жив?“
Во првиот момент, неверување. Збор по збор, сѐ станува јасно. Даут ги изнесува сите детали од нивната прва средба.
Кој прв ќе пука
„Со семејството од родното Скелани на брегот на Дрина побегнав во планината, во село Михољевине. Ми се чини беше октомври 1992. година. Дознавме дека Србите спремаат напад на селата Јошева и Јагодња. Со неколкумина војници тргнав напомош на жителите на тие села. Од височинка гледав како српските војници се распоредуваат за напад. Одеднаш, неколку метри пред мене, како од земја изникна српски војник, станувајќи од клечечка положба со пушка в рака. Запукав рафално и го погодив во градите, падна на грб. Бев убеден дека е мртов, зашто добро му се загледав в лице. Долу околу селото почна пукање. Не гледајќи други војници, тргнав натаму со намера на враќање да му ја земам пушката на убиениот. Борбата не траеше долго, го одбивме нападот на селата, зашто изостана изненадувањето поради моето пукање. На враќање, го немаше ни српскиот војник, ни пушката. Помислив дека неговите го извлекле, зашто според униформата, стануваше збор за некоја специјална единица. Тие имаат обичај да ги повлекуваат своите мртви“, раскажува Даут Тихиќ.
Дане Васиќ, како што се вика „убиениот“, сега е сигурен во вистинитоста на приказната и станува сериозен, мразот се топи дури откако Даут вели дека искрено се радува што е жив, што не го убил и не мора да го носи на душа. Следува и официјално запознавање. Според балкански обичај, се пие по една ракија - почеток на ново пријателство.
Приказната ја продолжува Дане Васиќ: „Поради постојаните напади од тие села, планиравме акција и јас, како познавач на теренот, тргнав во извидување. Ги имавме сите информации и требаше тоа да биде рутинска акција. Во еден момент во моја близина нешто крцна. Се свртев и видов човек со пушка вперена во мене. Поради сличните униформи, во прв момент не знаев дали е 'наш' или 'нивен'. Тој момент на неодлучност беше пресуден тој да биде побрз, инаку јас ќе го убиев него. Не чув пукање, само го видов вибрирањето на неговата пушка. Почувствував страшен удар кој ме отфрли неколку метри наназад, тоа е сѐ на што се сеќавам. Кога дојдов при свест, дознав дека моите ме извлекле, го видов испокинатиот панцир кој ги запрел куршумите и распарчен кундак од пушката. Тоа ме спасило. Имав среќа да останам неповреден“, вели Дане Васиќ.
Пријателство и заеднички вложувања
По средбата во кафуле, Даут и Дане стануваат пријатели, почнуваат соработка и дури коваат планови за иднина, за заеднички вложувања. Дане живее на другиот брег на Дрина, во Бајина Башта во Србија. Се занимава со откуп на лековити растенија, шумско овошје и плодови, има сопствен ладилник и синџир продавници на сувенири.
„Планиравме отворање заедничка фирма која би ги поврзала сите овие активности“, вели Даут. Направивме проект погонот да биде на Крагивода (планинска висорамнина на половина пат меѓу Сребреница и Скелани), но тоа моментно чека поради политичките превирања во локалната администрација“.
„Дојде до некаков застој, не знам зошто, но знам дека ние сме решени да соработуваме и сигурен сум оти во тоа ќе успееме“, забележува Дане. „Ми се чини, нашата соработка и добрите односи на некои не им се по волја, на тоа не гледаат благонаклоно. Помило би им било да се караме и секој да живее во својот национален табор, за полесно да владеат“, вели Даут.
Дане клима со глава и додава: „Почнавме отворено да зборуваме за тоа, кој каде бил, што работел во воено време. Јас нема од што да се плашам. Не сум направил ништо лошо и незаконито. Бев војник и носев пушка, како и тој. Пукав во војник, војникот во мене, едноставно, војната е таква, мораш така да се однесуваш. Пукаш за да не бидеш убиен“, вели Дане. „Има една изрека, закарај, па владеј. Мислам, колку што Даут сакал војна, толку и јас сакав. Војната не ни требаше, никогаш никому нешто добро не донела. Мојата порака би била - оној кој сака војна, нека ја има кај себе дома“, ја заклучува Дане Васиќ оваа необична приказна за најдобрите (не)пријатели.
Според вистинската приказна за Дане и Даут е снимен документарен филм под наслов (Не)пријатели кој беше премиерно прикажан во програмата на Филмскиот фестивал во Сараево, кој заврши вчера.