1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајмел: Груевски владее автократски

Александар Андреев / превод: ЕМФ10 јануари 2016

Јохана Дајмел, експерт за Балканот од германското Друштво за ЈИЕ, во интервју за ДВ зборува за состојбата во Македонија и другите држави на Балканот, но и за задачите на ЕУ во врска со регионот.

Фотографија: MIA

ДВ: Откако постои т.н. Балканска рута за бегалци, Западот така да се каже „повторно го откри“ регионот. Што може од тоа да произлезе?

Јохана Дајмел: Не се согласувам сосема со констатацијата дека Западот „повторно го откри“ Балканот преку Балканската рута на бегалците. Потсетувам само на процесот инициран од германската влада во 2014 година, кој преку низа конференции (2015 во Виена, 2016 во Париз) децидно го стави регионот во фокус. Но, точно е дека пред сѐ масовната миграција од Косово, Црна Гора и Албанија, при што бројот на лицата дојдени до октомври во Германија го надмина бројот на баратели на азил од Сирија, предизвика загриженост во главните градови на земјите од ЕУ. Лошата економска ситуација, високата невработеност на младите и политичкиот застој, односно назадувањето на некои балкански земји го предизвикаа миграцискиот притисок од регионот. Сето тоа бара одговори, бара нови ЕУ-стратегии и инструменти. Бегалските движења преку Балканската рута го засилија притисокот за поинтензивно свртување кон регионот. Изградбата на огради на границите или привременото затворање на границите доведоа до загрижувачки тензии, како на пример меѓу Хрватска и Србија. Земјите долж Балканската рута се доведени до својот лимит со бегалците, потребна им е помош и солидарност и при внатреевропската распределба не смеат да бидат оставени на цедило.

Дали имиџот што Балканот го има во „старата Европа“ е променет и како?

Искрено речено, проблематично ми е категоризирање од типот „нова“ или „стара Европа“. Балканот е суштински дел од Европа. Не се работи за прашања на имиџ, туку за тоа да им се помогне на земји како Хрватска, Србија и Македонија, кои поднесуваат голем товар во врска со бегалското движење. Геополитичката димензија се разбира исто така треба да се има предвид и тука од една страна ја имаме Србија, која има стратешко партнерство со Русија, а од друга страна Црна Гора, која само што доби покана од НАТО за членство. И, на крајот, бегалските и миграциони движења имаат и безбедносно-политички аспект, како кога верската радикализација во муслиманските општества во регионот претставува потенцијална опасност за дадените земји, но и за цела Европа. За сите овие прашања Балканот има голема улога за цела Европа, сега дотолку повеќе.

Д-р Јохана ДајмелФотографија: privat

Повеќе балкански држави се веќе членки на ЕУ, додека други се во чекалница. Какви се разликите меѓу двете групи земји?

Една од очигледните разлики е, на пример, тоа што поради бегалската криза некои земји кои не се членки на ЕУ - Албанија, Србија, Македонија - беа поканети на вонредната ЕУ-средба за Балканската рута во октомври 2015. Од регионот веќе долго време има барање на самитите на ЕУ да се канат и земји кои се кандидати за членство, барем во улога на набљудувачи. Ова, според мене, е сфатливо и може да делува повеќе од само како симболичен акт на европска перспектива. Секое проширување на ЕУ носеше некакви поуки, преговорите се пообемни и потешки. Еден од резултатите е што ЕУ при преговорите со Црна Гора донесе заклучок да почне со поглавјата 23 (правосудство и основни права) и 24 (право, слобода, безбедност). Романија тука може да биде добар пример, зашто како резултат на интервенцијата на ЕУ романските антикорупциски власти денес вршат многу добра работа. Како позитивен пример за ефектите од приклучувањето во ЕУ може да послужи и Хрватска во делот на кривично гонење на корупцијата во голем стил. Дефинитивно негативно се одрази тоа што со земјата кандидат за приклучување во ЕУ, Македонија, не се почнуваат преговори за приклучување поради прашањето на името. Денес на земјата ѝ е неопходно посредство од страна на еврокомесарот Хан за владата и опозицијата да се договорат за регулирана постапка за новите избори напролет. Груевски владее автократски, тој - како што може да се заклучи од објавените тонски снимки - има етаблирано еден голем државен апарат кој е многу коруптивен и контролира сѐ. Во целиот регион општо, независно дали земјата е членка на ЕУ или е во чекалница, е карактеристичен низок животен стандард и, пред сѐ, многу невработени млади луѓе. Се зголемува и јазот во платите и благосостојбата меѓу северот и југот. Протестите во Босна во 2014, во Македонија пролетта 2015. и последно во Црна Гора, бараат нова политичка култура, нова економска и демократска перспектива и правна држава. За жал, за целиот регион на Југоисточна Европа е карактеристично влошување на ситуацијата со медиумите. Тие или преку посредници се инструментализираат од страна на владите, или пак преку различни мерки и закани се спречува работата на слободните медиуми во истражувачкото новинарство. Многу проблематично е што дури и во една земја од ЕУ - Унгарија - има ограничена медиумска слобода. Конечно, според мене, не е од помош тоа што повредите на европските вредности и стандарди во Турција на Ердоган се ставаат во втор план поради реалполитички причини кои со себе ги носат бегалските движења. Веќе сега нелиберланиот демократски модел е атрактивен во регионот, но и во членките на ЕУ - Унгарија и Полска.

Што очекувате за регионот во 2016 година?

Потребни ни се долгорочни решенија за луѓето во регионот да видат за себе перспектива за иднина. Еден од непосредните одговори на миграцијата од регионот би бил кога во 2016 година би се размислувало за начините за легална миграција на работници во насока на Германија. Неопходно е да се поддржат реформи за надминување на пречките за инвестиции и тие да бидат реализирани. Исто така, во регионот се потребни стабилни држави. Еден од клучните елементи притоа се слободни и фер избори и се надевам дека претстојните избори во Македонија и Црна Гора во 2016. ќе ги исполнат овие критериуми. И, конечно, на границите на ЕУ и натаму ќе пристигнуваат бегалци кои ќе бараат пат кон север преку Балканската рута или преку Албанија до Италија. Веќе сега ЕУ е поделена на север и југ и некои држави се откажаа од принципот на солидарност. Во наредната година тоа ќе биде можеби централниот тест на издржливост за ЕУ и за регионот.

Д-р Јохана Дајмел е заменик директор на германското Друштво за Југоисточна Европа и експерт за Балканот

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми