1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Да живее Мути" - збогување со Меркел во Франција

Барбара Везел
4 ноември 2021

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, ѝ приреди свечено збогување на Меркел со посета на музеј, концерт и доделување орден во историското место Боун.

Frankreich Beaune | Emmanuel Macron, Präsident & Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Philippe Desmazes/AFP/Getty Images

Макрон на крај ја преплави канцеларката со пофалби и срдечни зборови. „Заедно сторивме многу за Европа, и пред и по кризата”, рече тој и посочи колку трпение имала со него кога бил нов на европската политичка сцена: „Сакам да се заблагодарам што можев толку многу да научам од неа." Кога по говорот двајцата се прегрнаа, се чинеше дека емоциите не се одглумени - иако не секогаш нештата меѓу нив одеа глатко, како што претседателот на почетокот на неговата кариера се надевал дека ќе биде. Па сепак  Меркел изминатите години стана еден од најважните негови партнери и Макрон ѝ укажа чест со посебно „Au revoir" („збогум”). 

Германско-француско пријателство во Боун 

Прошетка низ толпа народ во историското гратче беше дел од збогувањето со канцеларката во заминување што ѝ го подготви Макрон. „Да живее Мути” извикуваа луѓето и „Ангела, те сакаме”. Дел од програмата беше и посета на Хоспис де Боун, симбол за француската традиција и величина во 15 век, а потоа следуваше гала вечера во замокот со винарија. Збогување со лична нота и срдечност од двојката Макрон за германските пријатели. Ова беше еден од малкуте меѓународни настани на кои Ангела дојде во придружба на сопругот Јоахим Зауер. 

„Тажни сме што си оди", рече една жена од толпата. „Таа е симбол за обединета Германија, но се радувам дека дојде тука кај нас”, додаде таа. Збогувањето во провинцијата далеку од официјален Париз населението го доживува за посебна чест. „Ова е историско место", вели друг посетител на настанот. „Таа многу направи за Европа и за германско-француското пријателство, се надеваме дека ќе и биде убаво во пензија".

Главниот дел од вечерта се одржа недалеку од Боун: во замокот Вужо со познатата винарија, Макрон на канцеларката ѝ го додели Големиот орден на француската почесна легија, најголема почест во земјата. Пијанистот Александре Канторов го свиреше Брамс за љубителката на класична музика и на гала вечерата која следуваше потоа Меркел имаше шанса да ги проба специјалитетите од регионот и неговите врвни вина. Претседателот стори сѐ во негова моќ за да ѝ приреди вечер за паметење. Во 1993 се одржа германско-француска средба во истото место. Тогаш Хелмут Кол и Франсоа Митеран одржаа дводневен самит за војната во Југославија и Европа по падот на Челичната завеса. Денес проблемите се различни: во некои земји од источна Европа е загрозена правната држава, пандемијата ја исправи пред предизвик солидарноста во многу земји и политичката ситуација на глобално ниво се чини опасна и непредвидлива. 

Меркел и Макрон со пофалби за Северна Македонија

01:13

This browser does not support the video element.

Канцеларката во заминување и четворицата претседатели

Макрон ѝ се восхитува на Меркел меѓу другото и поради нејзините политички способности. Таа во нејзиното владеење беше сведок на промена на четворица француски претседатели. Прв беше Жак Ширак, кој младата жена од Истокот на која ѝ недостигаше шлифот за меѓународната сцена, од почеток не ја сфаќаше премногу сериозно. Потоа следеше Никола Саркози кој сега се бори пред француските судови за неговиот углед. Хиперактивниот и нестабилен Саркози со неговата огромна суета и одмерената и смирена Меркел беа нескладен пар. Тој се шегуваше на нејзина сметка што јаде леб и путер со сирење, таа пак го сметаше карактерно за „лабав”. Во кризата во 2008. двајцата мораа да научат да функционираат еден со друг и во ЕУ заеднички да извојуваат некои битки.

Меркел не го криеше нејзиниот отпор кон Саркози и го поздрави изборот на Оланд. Но, социјалистот не можеше да исполни многу од големите очекувања кои ЕУ ги насочуваше и кон него. Но, тој покажа восхит за Меркел кога во 2015. во бегалската криза Германија прими речиси еден милион бегалци. Оланд ја фалеше како спасител на честа на Европа и пример за хуманост.

Кога Макрон дојде во 2018. вистински се подготвуваше за соработката со Меркел. Во најтесниот тим соработници назначи серија познавачи на Германија и се надеваше дека со неа ќе може да ги реализира неговите визии за Европа. Тука спаѓаа сѐ  поинтегрирана ЕУ,  буџет за еврозоните и самостојна поавтономна  Европа.  Но, неговата динамика се судри со внимателната политика на Меркел. Во Париз сѐ повеќе се наметнуваше впечатокот дека Берлин ја остава француската влада на цедило.  

Сепак Макрон научи да го цени искуството на канцеларката и нејзината умешност за преговарање на европскиот паркет. А, особено се зближија двајцата минатата година кога заедно го избуткаа  Фондот за спас по короната  во висина од повеќе милијарди евра и ЕУ така за прв пат се задолжи како заедница. Иницијативата беше на Макрон, а Меркел се заложи на секој можен начин за неа. Така двајцата сега се збогуваат со меѓусебна почит и речиси како пријатели.

Емануел Макрон, Ангела Меркел и Олаф Шолц на самитот на Г20 во РимФотографија: Gregorio Borgia/Pool/REUTERS

Како стои наследникот?

Една жителка на Боун уште вечерта прокоментира: „Штета што си заминува, се надевам дека и наследникот ќе биде исто толку добар како неа. “Олаф Шолц  е всушност посакуваниот кандидат и во Елисејската палата оти таму се надеваат дека тој ќе биде отворен за некои од француските идеи. Емануел Макрон во април следната година го чекаат нови избори, а Франција го презема и претседателствувањето со ЕУ, така што и нему му се потребни неколку брзи успеси. Но, на социјалдемократот како канцелар со неговата „семафор“ коалиција нема да му биде баш лесно да ги исполни желбите на Париз. Ублажувањето на критериумите за стабилност во ЕУ отвора поголем простор за задолжување на земјите членки што веројатно би ги налутило Либералите. Зелените пак би можеле да застанат на пат на желбите на Макрон за зголемени давачки за војската и неговата идеја за воена автономија на Европа. Како и секогаш, германско-француското пријателство во пракса оди многу потешко отколку што се чини кога се слушаат убавите зборови на посебни настани или големи проштални посети. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми