1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

И на Украина и на ЕУ им се неопходни реформи

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел
18 јуни 2022

Европската комисија со препораката да ѝ даде европска перспектива на Украина испрати правилна геополитичка порака, но за такво нешто неопходни се реформи како во Украина така и во ЕУ, смета Барбара Везел.

Фотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Европската комисија стисна заби, ги турна на страна сите свои - дури и оправдани сомнежи, и сака на Украина да ѝ ја отвори вратата за членство во ЕУ во некоја догледна иднина. Во овие околности тоа изгледа единствено правилно. Делува политички, ја исполнува својата европска одговорност и е подготвена јасно да каже што сака. А тоа гласи: ние ја сакаме Украина во нашата заедница.

Брисел со својата препорака праќа јасна порака до Москва и на крвавиот ревизионизам на Путин му се спротиставува со многу подобра перспектива. И поркрај изјавите во Санкт Петерсбург, владетелот на Кремљ не сака да ја прифати Украина како правна држава, особено не во нејзините државни граници. Тој ја гледа Украина повеќе како „бирократска“ творба која всушност е дел од неговото руско царство за кое сонува. Кога ЕУ во оваа ситуација не би ги отворила вратите на Европа за Киев тоа за него би била победа под мотото: гледате, ни Западот не ве сака! Затоа вие ни припаѓате нам.

Да се сфати што е сега најважно

Геополитички гледано, пред сѐ со оглед на иднината на Европа и светскиот поредок кој барем до некаде се држи до некои правила - Комисијата не ни можеше ништо друго да одлучи. Треба само да се надева оти ситничирањето на некои членки нема да ја уништи оваа слика на единство. До состанокот на врвот наредната недела, Австрија и некои други држави имаат уште време да ги проверат своите приоритети и да го стават настрана своето начелно противење да се прифатат нови членки во Унијата. Сега не можат да бидат најважни ни стравот од трошоци ни грижата за други последици.

На Украина и на нејзините граѓани во овие тешки моменти им е потребно секоја замислива поддршка. Тука спаѓаат и пари, оружје, хуманитарна помош, но и политичка поддршка. А, за Украинците кои се борат за својата татковина повикот во ЕУ е исклучително важна порака. Уште на големите протести на Мајдан во зимата 2013/14 година демонстрантите против тогашната владеачка клика го виореа синото знаме на ЕУ. Како знак за надеж, макар и поподолг пат кон Запад и Европа. Тоа е нешто што дава сила и на многумина кои толку храбро веќе три месеци му пркосат на разурнувачкиот поход на Путин.

Барбара Везел, авторка на коментарот

И за претседателот Зеленски позитивниот сигнал од Брисел е од животна важност. Тој им вети многу на своите граѓани и верува дека ништо друго не им останува освен сега да чекорат низ долината со крв и солзи. Тој мора да им понуди барем едно: ветување за вистинска европска перспектива. Сѐ останато и за него би било политичка катастрофа.

Европа едноставно не е подготвена

Пораките кои произлегуваат од препораките на Европската комисија треба сериозно да се сфатат и во самата ЕУ. Во коментарите на светскиот печат кои ја фалат одлуката на Брисел можеби само како фуснота се споменуваат и неопходните реформи во Унијата. А, токму тука е најголемата неволја: процесот на реформите во ЕУ кои многу често се одложуваат и се туркаат некаде далеку во иднината.

Имено, така како што во моментов е конституирана ЕУ, таа всушност воопшто не е во состојба да ја прифати Украина како членка. Многу процеси на одлучување веќе сега се блокирани и пред сѐ мора да се заврши консензусот во безбројните прашања. Тоа е и повеќе од итно, бидејќи како што се чини токму ќе пропадне и иницијативата за минимален данок на светските концерни - овојпат поради противењето на Унгарија.

Освен што вечниот кочничар и пријател на Путин, Виктор Орбан, конечно би требало да се испрати на последната клупа, тука има и други кои се сомничави. Бидејќи и владата во Полска треба конечно да одлучи, дали ѝ е поважно да уценува на министерските совети или да биде на првата линија за поддршка за Украина во нејзиното членство.

Некои од големите во ЕУ мораат да го земат в раце толку нужниот процес за реформи во Унијата. За жал, не изгледа дека Берлин е способен и има волја за такво нешто, така што само останува претседателот на Франција. Ако Макрон не биде зафатен во целост со внатрешнополитичките борби, би можел дел од своите сили во наредните години да им посвети на нужните реформи во Европа. На крајот, тој знае подобро од кого било: Европа не може да остане такава каква што е, ако сака да има иднина - за неколку години и со Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми