„Да“ на Зелените за Германија без атомска енергија
26 јуни 2011И покрај забелешките, германските Зелени ќе гласаат за плановите на црно-жолтата владина коалиција за откажување од атомската енергија до 2022 година. Оваа одлука беше донесена на вчерашниот (25.06) вонреден конгрес за енергетската политика што се одржа во Берлин, и на кој се водеа жестоки и контроверзни дебати.
Пратениците од редовите на оваа партија, 68 во актуелниот состав на Бундестагот, по оваа одлука добија зелено светло да гласаат за законот за атомска енергија в четврток (30.06) во парламентот. Зелените, меѓутоа, ќе гласаат против придружните закони за промена на енергетската политика, за кои исто така ќе се гласа наредната недела. Истовремено, делегатите побараа откажувањето од атомската енергија да биде впишано во уставот. За ова претходно се заложија и СПД и Партијата на Левицата.
Покрај јасното „да“ за концептот за откажување од атомската енергија, некои од пратениците на Зелените во Бундестагот веќе најавија дека нема да го дадат својот глас, или дека се’ уште не се одлучиле да ги поддржат плановите, оти бараат уште побрзо откажување од атомска енергија.
Пофални зборови и критика
Генералниот секретар на ЦДУ, Херман Грее, ја поздрави одлуката на Зелените да ги поддржат плановите за откажување од атомската енергија, меѓутоа подвлече дека во иднина ќе се покаже колку Зелените се подготвени за непопуларни, но неопходни мерки при преминот кон новите извори енергија. Томас Оперман од парламентрната група на социјадемократите исто така ја поздрави одлуката. „Конечно победи разумот“, рече тој. „Ова беше огнено крштевање за Зелените по прашањето на нивниот капацитет за учество во влада“, изјави Оперман за утрешното издание на весникот „Лајпцигер фолксцајтунг“. Грегор Гизи од Партијата на Левицата ја критикуваше одлуката на Зелените и на партијата и‘ префрли дека ги предала сопствените цели.
Автор: АТ/ дв/ афп
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска