Да нема повторно визи за Западниот Балкан!
19 април 2013 Зголемениот број баратели на азил во Германија во минатата година за над 40 проценти, споредено со 2011 - и заканата за воведување на заштитниот механизам со привремено враќање на визите за земјите од Западниот Балкан беше тема на расправа на Пленумот на Бундестагот каде мислењата беа поделени.
Државниот секретар во германското МВР Оле Шредер (ЦДУ) го застапуваше ставот на Владата: безвизниот режим не смее да се злоупотребува. Не смее да има неконтролирани миграции. Унијата мора да се заштити!
Напроти него, пак, пратениците од СПД, Либералите, Сојузот 90-Зелени и Партијата на левицата строго се заложија за зачувување на визната леиберализација за земјите од западниот Балкан, за совладување на сиромаштијата и подобрување на условите на живот на Ромите. Во дискусијата се слушнаа тонови дека се претерува со бројките и дека односот на Германија кон Ромите е лицемерен. Парламентарците од партиите на опозицијата побараа од Владата да не презема никакви чекори за укинување на слободниот визен режим!
Во истиот блок дискусија, парламентарците ја тематизираа и иницијативата на ЕУ за укинување на визите за лицата кои поседуваат службени пасоши на Руската федерација.