1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Да не губиме надеж: Втор Божик во пандемиски услови

7 јануари 2022

Само ако сме богољубиви и човекољубиви - секој ден ќе ни наликува на Божик. Овие вонредни животни околности да ни бидат прилика да се преиспитаме, порачаа од МПЦ-ОА.

Македонски православни верници со заштитни маски на Божик 2021
Македонски православни верници со заштитни маски на Божик 2021Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со молитви и желби за здравје и крај на пандемијата, православните верници го дочекаа радосниот христијански празник Христовото рождество - Божик.  

„Смислата на Божикното прославување е во радосната вест дека Бог од љубов се родил како човек во личноста на Господ Исус Христос, за човековиот род и сите созданија благодатно да ги овековечи во својата Црква. Затоа постојано да му благодариме на Бога преку верата, љубовта и надежта, со молитви и со добри дела, знаејќи дека само со божја помош можеме да ги надминеме сите тешкотии и сите искушенија", им порачаа на верниците Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во Божикната порака.

Изутринава во сите храмови на МПЦ-ОА се одржуваат божикни литургии, а централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

Ова е втора година по ред во која Божик се дочекува во пандемиски услови, кои за многу луѓе донесоа тешки предизвици во битката со Ковид- 19, многу семејства ги изгубија нивните најблиски, а во некои случаи починаа и цели семејства. Потсетувањето на тие тешки денови не беше одминато во божикната порака.

„На овој спасоносен ден да си спомнеме и за последниве тешки години, предизвикани од пандемијата, која покажа дека човекот е премал и немоќен да ѝ се спротивстави сам. Сите неприлики и на современото човештво доаѓаат од моралната криза, од неа се раѓаат сите недоразбирања меѓу народите и од неа произлегуваат сите проблеми со кои секојдневно се сретнува и ова наше поколение. И ако годинашниов Божик го дочекуваме загрижени за здравствената состојба во светот, и за последиците од неа, да не го заборавиме ветувањето на Синот Божји дека Тој ќе биде со нас до крајот на светот, дека Божјата љубов е над сите искушенија и дека неможното за луѓето е можно за Бога“, се вели во Божикната порака.

Архиепископот охридски и македонски г.г. СтефанФотографија: Petr Stojanovski/DW

Да не се препуштаме на страв

Ако во истиот период лани дневниот биланс на заболени од Ковид-19 беше троцифрен и се движеше меѓу 200 и 400 нови случаи, а бројката на починати стигна до 2.600, годинава тој биланс е драстично поголем. Во пресрет на Божик бројката на нови случаи на Ковид-19 достигна 1.725 (од 7.472 тестирања), а билансот на починати надмина осум илјади (8.002). 

„Мојот сопруг не успеа да се избори со Ковид-19. Тешко е да си сам. Со кого да седнам на бадниковата трпеза...“ Оваа, и слични објави на социјалните мрежи, само уште еднаш ја отсликаа состојбата во која се најдоа голем број семејства.

„Оваа година што изминува е една од најтешките досега, можеби во последниве 70 години“, оцени митрополитот Повардарски Агатангел.

„Стравот и паниката што го зафатија и секојдневно го потресуваат сиот свет, не ни дозволуваат да се радуваме на големите и убави празници. Христос се роди во сиромашна пештера, та „преку Неговата сиромаштија ние да се збогатиме“. Многу семејства ќе доживеат големи трагедии, многумина ќе преживеат ужаси од современата болест, но да не губиме надеж. Да не се препуштаме на страв и паника. Бог е присутен и има некаква смисла сето ова, иако сѐ уште не ја гледаме. Можеби и ние претеравме со искористување и загадување на целата природа, која ни беше од Бога дадена за да се грижиме за неа? Можеби ние станавме премногу отровни во секојдневниот живот, во секојдневната комуникација со блиските? Заборавивме што значи да се биде љубезен, да се биде културен, да се биде пријател и другар. Заборавивме што значи да се биде семејство. Заборавивме што е вредно во животот и за што вреди да се живее животот. Заборавивме што значи да се биде скромен и со скромни потреби", рече митрополитот Повардарски во Божикното послание.

Бакнување на крстот преку маска во македонски православен храм на Божик 2021Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Никој да не биде сам

За да не се зборави на осамените, но и на ранливи категории граѓани, во изминативе денови се погрижија голем број хуманитарни организации во повеќе градови, кои обезбедија социјални пакети за голем број семејства.

А под мотото „Ајде да се собереме, никој не треба да биде сам за Божиќ“, Општина Кавадарци во соработка со неколку општествено одговорни компании вчера организираше 3.000 порции ручек на градскиот плоштад.

„Додека повеќето од нас ќе се соберат да го прослават Бадник и Божиќ, да се насмеат и да уживаат на празничната трпеза со семејството и своите најблиски, не смееме да заборавиме на оние кои се без семејство, без дом, без полна трпеза, не смееме да ги заборавиме оние кои се сами и осамени. За овие луѓе Бадник и Божиќ можеби нема да биде најубавото време во годината", порачаа од локалната самоуправа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми